Неколку месечно најавување на т.н. бомби на опозицијата од петокот навака ја доживува кулминацијата откако СДСМ одлучи од понеделник да ги објавува доказите за нечесното работење на власта за кои тврди дека ги има. Засега околу тоа за што има докази опозицијата само се шпекулира, но заострената ситуација меѓу политичките партии веќе силно го подели општеството, па за едни несомнено е дека Заев соработувал со странски служби и затоа се организираат како што велат за одбрана на татковината, а други се во очекување да ги видат криминалните афери на власта, за кои опозицијата тврди дека имала документи.
Ние веќе 10 дена сме заложници на тоа што може да биде и како ќе реагира на тоа власта. Според мене, има општа мобилизација на двете страни, во секој случај очекувам бурна реакција.Алберт Муслиу, политички аналитичар.
„Ние веќе 10 дена сме заложници на тоа што може да биде и како ќе реагира на тоа власта. Според мене, има општа мобилизација на двете страни, во секој случај очекувам бурна реакција, од едната страна да се промовира содржината, а од другата страна да се промовира нелегитимноста на процесот“, вели аналитичарот Алберт Муслиу.
Случајот со аферата „Пуч“ го следат контроверзии и реакции цела недела. Големи бранувања предизвика соопштението на јавното обвинителство во кое се наведуваше дека било неопходно да се нагласи дека објавувањето на материјали кои што може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон. Тие предупредија да запре објавувањето и емитувањето на ваквите материјали.
Ова предизвика силни реакции од домашните новинарски организации, но и од странските амбасади. Реагираа американската и британската амбасада и претставници на Европската Унија. Амбасадата на САД со загриженост ја проследи изјавата од Канцеларијата на Јавното обвинителство дека “објавувањето на материјали кои може да станат предмет на натамошна кривична постапка е забрането и казниво со закон ”, се наведуваше во сооштението во кое се нагласи и дека слободните медиуми се столб на едно демократско општество и медиумите играат клучна улога во презентирањето на информации од јавен интерес, вклучувајќи и информации кои би можеле да укажуваат на злоупотреба на власт и да резултираат со кривични постапки против јавни личности.
Пред ваквото соопштение од јавното обвинителство на јутјуб и во дел медиуми беше објавена снимка на која се слуша како во кабинетот на премиерот лидерот на опозицијата Заев и Груевски разговараат за тоа кој му ги дал материјалите. Сето ова следеше откако минатата сабота премиерот на прес конференција соопшти дека Заев е осомничен во т.н. афера Пуч за две дела-шпионажа и насилство против претставници на највисоките државни органи. Претходно за истата афера беа осомничени поранешниот шеф на контраразузнавачите Зоран Верушевски, неговата сопруга и локален функционер од Струмица, а вчера беа приведени уште две лица, еден се уште вработен во МВР и еден поранешен вработен.