Достапни линкови

„Пучот“ и „бомбата“ во фокусот на неделниците


Ќе остане ли Груевски диктатор во обид?, прашува Фокус, додека според Република, Бомбата е цела, а штетата направена. Глобус пишува дека во Македонија нема елита, туку олигархија.

Фокус - Ќе остане ли Груевски диктатор во обид?

Епизодата кога пастирот најави судска разврска и пресметка со соработниците на странските служби ги постила црвените килими на слободата во Македонија, многу повеќе отколку сите бомби на Заев заедно.
Фокус.

За експериментот „пуч“ пишува Фокус, прашувајќи во насловот „Ќе остане ли Груевски диктатор во обид?“ Авторот на анализата смета дека надежта на Заев дека христијанинот и човекот во Груевски, во име на иднината на државата и мирот во македонското политичко и национално ткиво, ќе се согласи на техничка влада е инфантилна и неизлечива. Таа детски искрена, но политички недозволива заблуда го чини Заев една мала загубена битка, но „го охрабри нечесникот да покаже заби, да збесне во своето себељубие, да ги изрезили обвинителите и со грозоморно, правно неписмено обвинение да му се вдаде на својот политички противник. Епизодата кога пастирот најави судска разврска и пресметка со соработниците на странските служби ги постила црвените килими на слободата во Македонија, многу повеќе отколку сите бомби на Заев заедно“, пишува неделникот. Сега Заев и СДСМ мора да станат предводници на граѓанската битка за слобода, смета Фокус.

Република - Кој добива, а кој губи - Бомбата цела, штетата направена

Македонија, наместо со мудра политика да го притисне ранетиот соговорник во спорот за името, ќе мора да се правда за скандалите кои нè прочуја низ светот, а веројатно и за другите кои ќе следуваат.
Република.

Токму со најновата афера се занимава и Република, во анализата под наслов: „Кој добива, а кој губи - Бомбата цела, штетата направена“. Авторот на текстот пишува дека по бомбата на Заев, Македонија влезе во нова фаза, и на внатрешен и на надворешен план. За Република не е важно што има во документите со кои тргувал и со месеци се заканувал лидерот на СДСМ, туку тоа дека тој не може да се надева дека планираните експлозии можат да го доведат до целта, да влезе во премиерскиот кабинет на Илинденска. Покрај него, во целата приказна има и други губитници, најголемиот е Македонија, но и такви што можат многу да добијат, тврди Република. Па како први ги наведува ДУИ и Али Ахмети, кој, вели, мудро молчи и чека уште поголем конфликт меѓу најголемите македонски партии, потоа Грција на Ципрас, кој е во кавга со Меркел и со недоверба кај други членки на ЕУ поради неговиот „соцреализам“, а Македонија, наместо со мудра политика да го притисне ранетиот соговорник во спорот за името, ќе мора да се правда за скандалите кои нè прочуја низ светот, а веројатно и за другите кои ќе следуваат, смета Република.

Глобус: Ние немаме елита, имаме олигархија

„Ние немаме елита, имаме олигархија“ - пишува покрај другото најновиот он-лајн Глобус, анализирајќи го начинот на кој владее Груевски, поточно начинот на кој груевизмот сака да остане на власт. Губењето на изборите не значи само промена на две елити, како во сите „нормални“ демократски земји, туку заради концентрацијата на пари и моќ кај актуелните владетели тој пад од власта значи губење на изворите од кои се напојува новата олигархија и, се разбира, со доведување во прашање тој така лесно создаден модел, по кој да се биде во власта значи да се биде современ Крез. Е затоа, акцентира Глобус, во одбрана на системот ќе се користат сите методи и тактики само за да се одбрани последниот ров на власта. Дури и зборот пуч.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG