Достапни линкови

Милевски - Преодна влада за излез од кризата


Милевски - Преодна влада за излез од кризата
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:16 0:00

Милевски - Преодна влада за излез од кризата

Според мене, треба да дојде една преодна влада, којашто на неутрален начин ќе ги реши овие политички кризи и состојби во државата, ќе даде една судска разрешница, МВР неутрално ќе ги испита сите тие наводи за криминал што ќе се објават и ќе подготви едни фер и демократски избори, вели новиот претседател на ЛДП, Горан Милевски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Милевски, на позицијата претседател на ЛДП доаѓате како не многу познат политичар за пошироката македонска јавност, сте имале функции, но на локално ниво. Сметате дека тоа е хендикеп или предност за партијата?

Општ е впечатокот во македонската јавност дека македонската политичка сцена е заситена од така наречените вечни политичари, коишто за жал во овој изминат период не успеа да најдат одговор на најважните прашања за македонскиот народ. Ние сме сведоци дека животниот стандард сè повеќе се влошува, граѓаните сè повеќе се иселуваат од државата, над 300 илјади граѓани веќе живеат и формираат цели колонии низ европските и прекуокеанските градови, значи време е да настапат нови политичари коишто ќе се обидат да ги променат работите, коишто работат од поинаков агол и затоа сметам дека тоа не е хендикеп, туку е предност за ЛДП, која избра политичар којшто не учествувал ниту во ерата на комунизмот, ниту во ерата на транзицијата, па ниту сега во преродбата, на ниту една државна функција.

Од друга страна во партијата ги имате Жерновски, Манасиевски, Пенов, коишто се со сериозен стаж на македонската политичка сцена. Сметате дека ќе можете да воспоставите авторитет и врз нив за своите одлуки во партијата?

Мислам дека почнавме добро на конгресот, затоа што на конгресот дојдоа голем дел од основачите на партијата коишто не се појавиле во изминатите 5-10 години и тоа е еден добар старт затоа што ми дадоа поддршка токму оние коишто влегле во оваа либерално-демократска идеја и ја формирале партијата. Мислам дека советите на сите овие што ги набројавте ќе бидат добредојдени за мене за што поуспешно да ја водам партијата. Мудроста, искуството и енергичноста и на младите мислам дека доколку се спојат ќе направиме добар исчекор за ЛДП во иднина.

Доаѓате на позицијата во време на сериозна криза во Македонија. Каква разврска очекувате да има аферата „Пуч“?

Аферата „Пуч“ гледате дека наиде на потсмев во меѓународната јавност. Јас читав во македонскиот лексикон како се дефинира зборот „Пуч“. Вели дека е авантуристички обид на мала група заговорници да извршат државен преврат или второ мислење е ненадеен преврат, државен удар. Тоа значи дека обелоденувањето на аферите за криминал од страна на опозицијата не може да се третираат за државен удар. Не сме во времето на Луј XIV кој велел „Државата тоа сум јас“, па секој обид за смена на премиер да се третира како обид за нарушување на државата и државен преврат. Тоа време е минато. Во секоја демократска држава опозицијата се бори да ја промени власта. Особено ако има докази за криминал е должна да ги обзнани, не само опозицијата, туку и секој граѓанин, затоа што доколку не го пријави криминалот, тој ќе стане соучесник и не може да се третира обелоденување на криминал за државен удар. Тоа е должност на опозицијата и ние тоа мораме да го направиме и мора граѓаните да знаат како работела оваа власт и со што ние си имаме работа во изминативе 10 години.

Власта го третира така. Како вие како опозициски блок ќе се спротивставите на таквиот третман?

Власта сега сака да ја изврти сликата и да го третира ова како обид за насилно уривање на власта, но гледате дека не беше обид за уривање на власта, не учествуваше ниту полиција, ниту војска, ниту некој насила влегол во собрание или во владата, а и владата не е таа којашто може да донесе одлука да се промени или не. Премиерот, доколку се испостави дека ова е точно, а не се сомневам во тоа затоа што и самиот призна дека материјалите се вистинити, единствена солуција му е да си поднесе оставка. Според мене треба да дојде една преодна влада, којашто на неутрален начин ќе ги реши овие политички кризи и состојби во државата, ќе даде една судска разрешница, МВР неутрално ќе ги испита сите тие наводи за криминал што ќе се објават и ќе подготви едни фер и демократски избори, дали годинава или догодина, треба изборите неминовно да се случат доколку навистина се толку сериозни обвинувањата, а повторно ќе речам, премиерот потврди дека се такви и сметам дека такви луѓе не може да продолжат да ја водат државата. Единствено решение е неотповиклива оставка на премиерот.

Очекувате тоа да се случи?

Ако има морал и одговорност, очекувам тоа да се направи.

Со оглед на тоа што сте нов лидер на ЛДП, запознаени ли сте со содржината на „бомбите“, што Заев тврди дека ги има?

Господинот Заев, имавме средба, ме информира за тие работи. Станува збор за сериозни обвинувања, но содржината ќе дозволите да ја обзнани господинот Заев. Очекувам деновиве веќе да отпочне објавувањето на тие материјали со коишто јавноста всушност ќе види каков сè вид на прислушкувања се правеле и со што се занимавала актуелната власт, со сè, само не со чесно работење.

Зошто според вас толку многу се одолговлекува објавувањето на „бомбите“ кои се најавени пред неколку месеци?

Со месеци се зборува, но мора да признаете дека во тие разговори има и приватен дел, не може да се дозволи да се наруши некоја интима, да се нарушат некои меѓучовечки односи, едноставно тие материјали требаше да се прочистат, да се извади само оној дел што е инкриминирачки и што ги засега државните органи. За тоа требаше време и сметам дека Заев тука не направи грешка што постапи така, не дозволи како во 2001 година да се искараат новинарите меѓу себе за личните препирки и разговори коишто си ги имале, едноставно ќе се оди со материјал којшто е строго насочен кон криминогеното работење на владата.

Тоа значи дека има материјал во којшто се прислушкувани новинари?

Да оставиме господинот Заев тоа да го соопшти.

Ја погледнавте снимката што беше објавена на Јутјуб и потоа емитувана на медиумите во којашто се гледа како во премиерскиот кабинет разговараат господинот Заев и премиерот Груевски. Какво е вашето мислење на снимката?

Не мислам дека премиерот сериозно го сфатил Заев во неговите одговори и не мислам дека сериозно сметал дека Заев ќе му го каже вистинскиот извор на информациите. Мене ме зачудува како дозволил премиерот да се врши снимање, да биде озвучен неговиот кабинет, бидејќи не е во прашање Заев, утре во тој кабинет ќе доаѓаат светски државници и политичари и секој утре кога ќе влезе во неговиот кабинет ќе се плаши дека всушност премиерот го снима и дека утре си има расположение премерот неговите разговори и средби во кабинетот да ги објавува на Јутјуб, доколку е премиерот во прашање. Доколку не е премиерот, тогаш станува збор за сериозно потфрлување на безбедносните служби, коишто дозволиле во премиерскиот кабинет да се инсталираат системи за озвучување. Тогаш и министерката за внатрешни работи и сите коишто се поврзани со таа работа, досега требаше да си поднесат оставки. Значи, како и да е, овој случај треба да добие поинаква разрешница. Што се однесува до одговорите на Заев, по мое Заев направил обид да ги заштити изворот или изворите, оние патриоти, македонски граѓани коишто не се согласуваат со овој начин на водење на државата и коишто дале материјали во интерес на државата. Тие не треба да се судат. Вие гледате како завршуваат политичките неистомисленици и не може да си дозволи Заев да го каже изворот и несериозно е од премиерот што очекувал да му ја каже вистината кој му ги дал тие материјали.

Вие лично сте убедени дека материјалите не се добиени од странски служби, како што се тврди во дел од јавноста?

Јас верувам во она што го кажа господинот Заев пред јавноста, пред граѓаните, дека тие му ги дале загрижени граѓани коишто сакаат да спречат натамошно извршување на криминал во оваа држава.

Како сте задоволни од работата на вашиот претходник Андреј Жерновски во партијата?

Господинот Жерновски сам одлучи да не се кандидира за нов мандат за претседател на партијата, бидејќи чувствуваше товар од извршувањето на функцијата претседател на партијата и градоначалник на Општина Центар и во интерес на партијата одлучи да се повлече и да ја обавува професионално функцијата што му ја дале граѓаните, а тоа е да ја води општината Центар. Не е исто водењето на општината Центар со останатите општини, затоа што станува збор за едно место каде што власта секој ден прави невидени притисоци, и врз администрацијата и врз советниците и врз градоначалникот и навистина е пеколно тешко да водите таква општина и потоа да се посветите на партијата. Во интерес на партијата, мислам дека господинот Жерновски ја донесе вистинската одлука.

Дали сте задоволни од неговата работа во партијата?

Во партијата и тој самиот го подели времето на два периоди - едниот период до изборите во 2013 година, кога максимално се вложи во партијата и вториот дел кога беше избран за градоначалник кога малку ги занемари обврските во партијата и тој тоа го призна и на Конгресот. Генерално сме задоволни од неговиот начин на работа.

Во јавноста постои впечаток дека вообичаено ЛДП оди со поголема партија во коалиција и дека практично нема капацитет сама да излезе на избори и да направи нешто повеќе. Ќе се обидете ли да ја одвоите ЛДП од големите партии и практично да стане поголема како самостојна партија?

Во овој момент приоритет за ЛДП е да се промени оваа власт и ни треба обединување на сите сили коишто не размислуваат на овој начин како што размислува власта. Во перспектива, ние затоа го понудивме на Конгрес предлогот за промена на изборниот модел во Република Македонија, бидејќи во 2011 и во 2014 година помалите партии лошо поминаа на изборите, не добија пратеници, иако во вкупниот број гласови освоени на државно ниво, тие имаа доволно гласови да влезат во парламентот, меѓутоа затоа што Македонија е поделена на шест изборни единици, тие не успеаја да добијат пратеничко место и денес имаме ситуација кога некој пратеник од дијаспората влегува со 500 гласови, а имаме пратеник којшто не може да влезе ниту со осум илјади гласови. Таа неправичност сакаме да ја исправиме со еден нов модел на гласање - Македонија една изборна единица, отворени листи, значи освен за партија, да се гласа и за личност и цензус од три отсто. Доколку тоа се направи и за советници и за пратеници, ние сме спремни како партија да правиме постизборни коалиции доколку граѓаните ни ја дадат довербата и влеземе во парламентот. Тоа е единствениот начин, не само за нас, туку и за другите партии, да се обидат како секаде во светот, никаде нема толку големи предизборни коалиции, сите излегуваат самостојно на избори и сметам дека на овој начин таа наша цел ќе ја постигнеме.

На последните избори практично беше донесена одлука опозицискиот блок да не ги прифати мандатите. Една пратеничка од кај вас одлучи да не ја почитува таа одлука на партиските органи. Ќе се обидете ли во иднина да превенирате такви ситуации да има луѓе коишто нема да го почитуваат она што е донесено како одлука?

Кога работите со луѓе е најтешко, бидејќи вие не можете да знаете што сè му се врти на поединецот во главата. Роза Топузова Кареска беше одличен опозициски пратеник и како таков, таа го заслужи мандатот, иако внатре во партијата имаше голем отпор за нејзиното повторно кандидирање за пратеник. Она што би сакал да го сменам е повеќе да се слуша гласот на членството, доколку го слушаме гласот на членството, кој е најдобар суд, вакви работи нема да ни се случуваат во иднина.

Досега не се слушаше гласот на членството?

Ви кажав дека имаше незадоволство во однос на изборот на Роза Топузова Кареска за пратеник, таа доби најмалку кандидатури од општинските организации, но сепак, бидејќи се предлози на претседателот, таа се најде на листата. Повторно велам, тоа е одлука на претседателот, таа во изминатиот период таа се докажа како добар пратеник, но еве одлучи да делува на овој начин и ние можеме само да ѝ посакаме среќа.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG