Достапни линкови

Медиумски цензури врз „бомбата“


Цензурата на протокот на информациите за прислушувањето во Македонија од страна на про владините медиуми не може за долго да ја спречи информираноста на граѓаните. Некои од нив и денеска велат сите се знаат само се плашат да зборуваат.

Поголемиот дел телевизии потфрлија во известувањата за материјалите што ги објавува опозицијата, а тоа е прашање од јавен интерес, коментираат познавачите на медиумските состојби. Имено, додека интернет порталите и агрегаторите на вести деновиве бележат рекорди по посетеноста, голем дел телевизии прилозите од тие настани ги пласираат кон крајот на вестите и тоа како доста кратко известување.

Сметам дека однесувањето на големите медиуми, посебно на јавниот сервис и другите национални телевизии е неетичко и тие треба да дадат повеќе гласност и повеќе јасност во работите што се случуваат.
Мирче Адамчевски, претседател на комисијата за жалби при Советот за етика.

Според Мирче Адамчевски, претседател на комисијата за жалби при Советот за етика прашањето поврзано со тоа што го објавува опозицијата е многу деликатно и е од јавен интерес.

„Сметам дека однесувањето на големите медиуми, посебно на јавниот сервис и другите национални телевизии е неетичко и тие треба да дадат повеќе гласност и повеќе јасност во работите што се случуваат“, вели Адамчевски.

Според испитување на јавното мислење спроведено во 2013 година од тогашниот Совет за радио дифузија македонските граѓани за домашните и странските настани најчесто се информираат од телевизиите односно 79 отсто, 44 отсто од интернет-порталите, 20 отсто од весниците и 8 отсто од радио. И неколкумината граѓани што ги анкетиравме сепак велат дека знаат по нешто за послените случувања.

Јас не им верувам многу на телевизиите, едни вака, друго така и не знам ни јас многу што да мислам и затоа не се оптоварувам со тоа дали е точно, кој е во право.
Анкетиран граѓанин.

„Нешто знам, меѓутоа не се, не следам многу, не сум многу во тек. Најмногу се информирам од интернет, меѓутоа некогаш има и лажни информации.“

„Да сум слушнала, меѓутоа овие денови немам време, а знам дека се зборува нешто. Јас не им верувам многу на телевизиите, едни вака, друго така и не знам ни јас многу што да мислам и затоа не се оптоварувам со тоа дали е точно, кој е во право.“

„Сигурно дека има нешто точно. Не се информирам од телевизија, затоа што немам дома струја. Сите знаат за случувањата, ама се плашат“, велат анкетираните граѓани.

Но и покрај оскудните информации во главните медиуми, комуникологот Сефер Тахири вели дека сепак во денешно време е невозможно информацијата да не стигне до граѓаните.

„Самиот факт што денеска имаме голем број на интернет медиуми, развојот на социјалните мрежи секојдневно е во подем, мислам дека таквите начини и обиди за цензурирање на протокот на информациите нема да дадат никаков успех и сметам дека граѓаните конечно ќе бидат запознаени“, вели Тахири.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG