Достапни линкови

„Тврдината“ на Мијалков почна да се распаѓа


Сашо Мијалков пред Суд
Сашо Мијалков пред Суд

Ова што ни се случува е по свадба, тапани! Но подобро и тоа отколку да ги оставиме да избегаат, велат аналитичари за приведувањето на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков. Неговите адвокати најавуваат жалба, а аналитичарите се сомневаат дека притворот е всушност одговор на државата на бегството и азилот на Груевски.

Од Кривичниот суд Скопје потврдија дека по барање на Специјалното јавно обвинителство, од синоќа му е определен притвор на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Во соопштение до јавноста се наведува дека притворот во траење од 30 дена му е определен заради постоење од опасност од бегство. Оваа мерка била побарана за предметот „Таргет/Тврдина“, во кој еден од обвинетите е токму Мијалков.

На денешното рочиште за овој предмет, Мијалков не се појави, поради краткиот временски период за доставување барање за негово спроведување од притвор. Рочиштето е одложено за 4 декември.

Против решението за притвор странките имаат право на жалба до Апелациониот суд – Скопје во рок од 24 часа по приемот на решението. Адвокатите на Мијалков најавија дека токму тоа и ќе го направат.

„Денеска го примивме решението за одредување на мерка притвор. Во текот на денешниот ден ќе поднесеме жалба. Одбраната смета дека без да се повика и да се сослуша обвинетиот за предлогот за одредување мерка притвор, недозволиво е да се одреди таква мерка. Законот за кривична постапка точно наведува дека секое лице мора да биде повикано и сослушано и после неговата изјава да биде одредена мерка притвор ако за тоа постојат услови“, изјави Антонио Апостолски, адвокат на обвинетиот Сашо Мијалков.

Решението го добиле, но Апостолски вели дека во него не биле специфицирани доказите поради кои СЈО бара одредување на мерка притвор.

Инаку, притворањето на Мијалков следува неколку часа откако поранешниот премиер Никола Груевски доби политички азил во Унгарија. Во јавноста веќе се шпекулира дека експресното приведување на Мијалков е брза реакција на власта за да ја смири критичната јавност по бегството на Груевски и разочараноста поради случувањата поврзани со него.

Според професор Никола Дујовски, оправдано е тоа што се преземени вакви мерки, особено откако побегна Груевски. Иако вели дека е мошне веројатно дека притворањето е реакција веднаш откако јавноста дозна за азилот на неговиот братучед, сепак Дујовски е на став дека кога тогаш тоа морало да се случи.

Ова што ни се случува е по свадба, тапани! Но подобро и тоа отколку да ги оставиме да избегаат. Затоа што сите тие имаат логистика, сите имаат фирми во други држави, слушнавме дека дел од нив имаат и банкарски сметки со поприлично високи суми, ништо нема да ги спречи да избегаат доколку не е одговорот на државата. За мене ова, е токму тоа“, вели професорот Дујовски.

Освен за предметот „Таргет-Тврдина“, поранешниот шеф на УБК е обвинет и во неколку случаи на СЈО, како „Трезор“, „Тортура“, „Титаник 2“, а од неодамна и за најновиот случај на СЈО, „Империја“ кадешто е второобвинет.

Инаку, Мијалков е третиот приведен функционер од поранешната власт по бегството на експремиерот Никола Груевски. Претходно приведени беа поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, и ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG