Достапни линкови

Бегството на Груевски за дефокусирање од другите проблеми


Една недела меѓу главните вести и во македонските и во балканските медиуми се темите како избегал и каде е сега поранешниот премиер Никола Груевски. Аналитичарите велат дека суштински е да се одговори зошто избегал, чиј е пропуст и одговорноста, а надлежните да излезат со конкретни информации.

Како поранешниот премиер и актуелен почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски избегал од Македонија, како стигнал до Унгарија, дали е уште таму и дали ќе остане таму- една недела по неговото бегство, за овие прашања има повеќе одговори во медиумите, но ниту еден официјален и конечен од македонските државни служби.

Како Груевски избегал и каде е сега не е суштински важно за државата и тоа е дефокус, вели комуникологот Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас Цивилис.

Овој дефокус оди во интерес само на затскривање на одговорноста на Министерството за внатрешни работи и на судските органи околу бегството на Груевски. Значи, главното прашање е зошто Груевски избегал, а не како и каде е сега” вели Трошановски.

Тој додава дека ако се поставува вистинското прашање кое вели е "зошто Груевски успеал да избега", тогаш ќе треба да се лоцира и виновникот кој тоа го овозможил.

Во меѓувреме од час во час се објавуваат вести во балканските медиуми за рутата и организацијата на бегството на Груевски. Па така албанските медиуми пишуваат дека Груевски во неделата на 11 ноември влегол во Албанија нелегално на граничниот премин кај Дебар, додека македонските надлежни се уште не објавуваат детали.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов претпоставува дека тие се и “повнимателни” со информациите затоа што, како што вели, можеби некои од таквите вести се пласираат за да бидат во функција на одбрана на други земји, служби, дипломатии итн.

Но, според него во функција на истрагата, македонските служби треба да работат побрзо и поефикасно и да воспостават соработка со моќните разузнавачки служби како американската и германската. Трајанов тврди и дека сега во македонскиот разузнавачки систем има хаотична ситуација во однос на соработката меѓу службите.

Мислам дека целокупната одговорност паѓа на Владата да ги консолидира службите за безбедност и да функционираат така како што треба ”, вели Трајанов.

Инаку од вторникот, од кога Груевски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека е веќе во Будимпешта, секојдневно се појавуваат нови информации и шпекулации во медиумите. Претходно полициите и од Албанија и од Црна Гора официјално соопштија каде, кога и како легално влегол и излегол пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ на нивните територии.

Српските медиуми, пак, уште минатата недела објавија дека наводно тој од Албанија со лет на компанијата Малев, која не постои со години, заминал за Будимпешта. Последните пишувања во медиумите се, пак, дека Груевски од Белград со авион на олигарх близок до унгарскиот премиер Виктор Орбан заминал за Будимпешта.

Од минатата недела "поради основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службената положба и овластување, му овозможиле на осудениот Груевски нелегално да ја напушти Република Македонија", обвинителството почна предистражна постапка. Истрагата за пропустите се спроведува и во Министерството за внатрешни работи.


  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG