Достапни линкови

Галовеј - Владата да направи повеќе за спроведувањето на реформите


Галовеј - Власта и опозицијата да продолжат со уставните измени
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:09 0:00

Галовеј - Власта и опозицијата да продолжат со уставните измени

Треба да видиме повеќе напори и повеќе работа во реформите во правосудството и борбата против корупцијата, вели британската амбасадорка во Македонија Рејчел Галовеј во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Таа исто така вели дека владата и опозицијата треба да го продолжат процесот на уставните измени.

Амбасадорке Галовеј, Преспанскиот договор за Македонија значи деблокирање на евроатлантските интеграции. Какво значење има потпишувањето на овој договор за западните земји, НАТО и ЕУ?

Договорот беше многу храбра и смела одлука за премиерот Зоран Заев и премиерот Алексис Ципрас, во напорите да склучат договор, да ги отстранат проблемите меѓу Грција и Македонија и да ѝ помогнат на Македонија да се придвижи напред во нејзините евроатлантски аспирации. Западот и европските земји сакаат Македонија да биде стабилна и просперитетна за сите нејзини граѓани, а сакаат исто така и Западниот Балкан да биде стабилен и просперитетен. Договорот покажа што може да се постигне ако лидерите донесат храбри одлуки. Сега веќе гледаме летови меѓу Атина и Скопје, со што ќе се унапреди животот на граѓаните во двете земји. Гледаме договор меѓу Македонија и Бугарија и подобрени односи, исто така гледаме докази за други форми на соработка во регионот: Македонија и Србија, Македонија и Косово, Македонија и Албанија. Сите тие отпочнуваат различна соработка на границите и на царинските управи што ќе ја олесни и зголеми трговијата и патувањата на луѓето низ целиот регион.

Британија неодамна ја обвини Русија за нападот врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал. Каква е вашата оценка за руското влијание во Македонија и Балканот?

Случајот Скрипал што го спомнавте е случај што Обединетото Кралство го смета за многу сериозен. Важно е сите земји да се дел од меѓународниот систем заснован на правила и да ги следат тие правила. Ако земјите не се придружуваат кон правилата, тогаш треба да има соодветни дејства, дали тоа ќе бидат билатерални мерки, или преку Обединетите Нации, преку ЕУ или други институции. Што се однесува за Македонија, наш став е дека Македонија е суверена држава, владите досега тврделе дека сакаат Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ. Граѓаните на Македонија постојано велат дека сакаат да се дел од НАТО и ЕУ. Тоа е процесот и патот што ние го поддржуваме за Македонија.

Како гледате на однесувањето на власта и на опозицијата во Македонија кон процесот на решавање на долгогодишниот спор за името меѓу Грција и Македонија?

Мислам дека Владата направи храбра одлука што се потруди да го реши прашањето. Договорот од Преспа е многу значаен договор и сега гледаме дека процесот се движи напред. Референдумот беше можност за граѓаните во Македонија да го кажат својот став и сега е во тек процесот во Парламентот. Ние ги поттикнуваме двете страни, владата и опозицијата, конструктивно да се вклучат во Парламентот, да постигнат консензус и да го продолжат процесот во поглед на уставните измени.

Поранешниот премиер Никола Груевски бара азил во Унгарија. Што тоа ќе значи за земја членка на ЕУ од аспект на владеењето на правото?

Нашиот став постојано бил дека владеењето на правото е од витално значење за иднината на Македонија. Земјата излегува од политичка криза и за тој излез од кризата да биде одржлив и успешен, со оглед дека кризата беше и за понесувањето одговорност, мораме да видиме дека се следи владеењето на правото и мораме да видиме изнесените наводи да се процесуираат во согласност со македонскиот Устав и со владеењето на правото.

Каква е вашата оценка за работата на македонската Влада во однос на спроведување на реформите во правосудството, борбата против корупцијата, медиумските слободи итн?

Областите што ги наведовте се клучни за реформската агенда. Владата неодамна го објави новиот План 18 кој се фокусира на првите две области. Тие се исто така полиња во кои ние даваме поддршка, на реформите во правосудството, со медиумите на различни програми и различни области и би сакале да видиме зголемен напредок во претстојните месеци.

Дали верувате дека потребните реформи ќе бидат завршени до средината на 2019 година, кога треба да почнат пристапните преговори со ЕУ доколку бидат завршени обврските од Преспанскиот договор?

Планот за реформи е објавен, утврдивме дека во некои области реформите се веќе започнати и она што треба да го видиме сега е повеќе напори и повеќе работа во тие области. Ние сме подготвени да ја продолжиме соработката што ја имаме со владата и администрацијата во овие области.

Целото интервју со британската амбасадорка Рејчел Галовеј може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG