„Груевски купува денови на слобода“ – со ваков наслов Независен ја објаснува ситуацијата околу правните игри на адвокатскиот тим на Груевски за да го одолговлечат неговото одење на отслужување на затворската казна за случајот со незаконската набавка на луксузниот мерцедес за 600 илјади евра. Сè поизвесно е дека денеска, 8 ноември, нема да биде денот кога Груевски ќе замине во затвор, наведува весникот.
Независен предвидува дека Никола Груевски веројатно ќе го спаси и пратеничкиот мандат зашто и покрај прифаќањето со мнозинство гласови на барањето на Судот да му се одземе пратеничкиот мандат од страна на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, сè поверојатно е дека на решавачката собраниска седница нема да може да се постигне двотретинско мнозинство за да се изгласа одземањето на неговиот мандат. Ни постојните пратеници ни исклучените од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за одземање на мандатот, наведуваат печатените медиуми.
Електронските изданија на Нова Македонија, Вечер, Слободен печат и на Независен информираат за протестите на членови на ВМРО-ДПМНЕ во средата вечер пред Кривичниот суд под мотото „Правда за Груевски“. Во информациите се наведува дека протестантите упатиле и писмо до Кабинетот на претседателот на државата со барање Иванов да го спречел „политичкиот прогон во Македонија“, како што сметаат тие.
Исто така сите печатени медиуми информираат за протестите на движењето „Македонија блокира“ кои почнаа пред домот на пратеникот Крсто Мукоски во Вевчани, а од Движењето е најавено дека исти писма со порака да не спроведуваат одлуки за кои немале добиено мандат од граѓаните ќе биле доставени и на пратениците Сашо Василевски и Љубен Арнаудов.
„Почна втората фаза за менување на Уставот, власта и опозицијата со противставени ставови“ – наслови Слободен печат информирајќи за почетокот на собраниската седница во средата, на која премиерот Зоран Заев ги образложи четирите нацрт-амандмани изработени заедно со новата пратеничка група на исклучените вмровски пратеници. Електронските изданија на печатените медиуми акцент ставаат и на делот од излагањето на премиерот дека „АСНОМ не се брише од Преамбулата, напротив ќе биде спомнат двапати“.
„Хан му порача на Мицкоски дека Преспанскиот договор мора брзо да се ратификува“, насловува Нова Македонија по средбата на вмровскиот лидер со еврокомесарот Хан во Хелсинки каде што се одржува Конгрес на Европската народна партија. Вечер оваа средба ја одбележа со наслов од пораката на Јоханес Хан на Твитер: „Бев кристално јасен дека Договорот од Преспа мора да се финализира“. За Независен е интересно тоа што „Првиот човек на ЕПП, Жозеф Дол му ги викна реформаторите на Мицкоски“, со дополнување дека Дол испратил лична покана до реформаторското крило предводено од Костадин Богданов и Петар Богојески за да добие појасна слика што точно се случува во најголемата опозициска партија во земјава. Овој потег се сфаќа како еден вид официјализирање на реформаторското крило во ВМРО-ДПМНЕ вклучувајќи ги и исклучените членови, што е јасна порака до Мицкоски, анализира Независен.
Во меѓувреме на политичките збиднувања, „Мерните станици за загаденоста на воздухот во Лисиче и Гази Баба – не функционираат“, информира Нова Македонија. „Според досега објавуваните податоци на овие мерни места во Скопје имаше најголемо загадување, а од Министерството за животна средина до средата сè уште нема официјална информација кога мерните станици ќе бидат ставени во функција“, забележува Нова Македонија.