Достапни линкови

Тешко до мнозинство за одземање на мандатот на Груевски


На собраниска комисија е изгласан предлогот да му се одземe мандатот на пратеникот Никола Груевски, но конечната одлука се носи со двотретинско мнозинство на пленарна седница. Опозициските пратеници ќе гласаат против.

Одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски предложи Комисија за мандатно-имунитетни прашања до Собранието. Одлуката е изгласана со пет гласа „за“ од деветчлената собраниска Комисија. Мнозинството во комисијата смета дека Груевски е недостоен за пратеничката функција, откако беше осуден на две години затвор во случајот „Тенк“ на СЈО.

Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, вели дека постапката на оваа комисија треба да биде поука за сите сегашни и идни функционери дека власта е обврска.

„Власта која ви е доверена, тоа е обврска, привилегија и должност пред која нема избегнување. Должни сме да си ги почитуваме обврските, а ако не го правиме тоа, ќе бидеме повикани на одговорност“, рече Богоевски.

На гласањето не присуствуваше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно пратеникот од опозициската партија, Трајко Вељаноски во своето обраќање пред Комисијата рече дека станува збор за политички процес.

„Денес се бара одземање на имунитет на пратеник, поранешен долгогодишен премиер на државата. Пресудата за пратеникот Груевски е донесена во процес во кој ниту е докажана штетата на државата, ниту, пак, материјалната корист со која се стекнал пратеникот Груевски. Политички процес потребен за јавноста да се дефокусира, се пресели во Собранието за да ја доуништи демократијата, процес почнат преку газењето на судството и правата. Тоа се политиките на оваа власт кои ги водат на ова парче македонска земја, политики со кои се гази македонскиот народ и стремежот преточен во преамбулата на Уставот. Затоа пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе бидат против одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски“, рече пратеникот Вељаноски.

По неговиот говор, членовите од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија комисиската расправа.

Препорачано одземање на мандатот на Груевски
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:07 0:00

Пратеникот од владејачката СДСМ, Александар Кирацовски ги отфрла обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за политички прогон и рече дека секој што го прекршил законот е несоодветно да биде пратеник.

„Секој оној за кој има судска пресуда, зад кој има судска одлука дека ги прекршил законите, мора соодветно да одговара за своите постапки. Тоа пред сè се однесува на личностите кои се избрани од граѓаните и ги застапуваат нивните интереси“, рече Кирацовски.

Во името на новоформираната пратеничка група која произлезе од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се обрати пратеникот Сашо Василевски, кој не е член на Комисијата. Нивната група смета дека расправата за одземање на мандатот на поранешниот премиер е избрзана.

„Во собранието за првпат се отвора процес на сериозно тело кое ќе доведе до подавање на рака меѓу левицата и десницата, меѓу прогресивните сили, меѓу сите кои се за еден и единствен пат – ЕУ и НАТО и во контекст на тоа тело сметаме дека денешната расправа е малку избрзана. Ние, иако немаме право на глас во комисијата, нашиот став е против“, рече Василевски.

Со изјаснувањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од новоформираната група дека ќе гласаат против одземање на мандатот на Груевски, неизвесно е дали на пленарна седница ќе се обезбеди потребното двотретинско мнозинство за одземање на мандатот на Груевски.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG