Собраниската комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања ја започнува процедурата за одземање на мандатот на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Во собраниската комисија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат по четворица пратеници, а деветтиот член е од ДУИ. Еден од членовите е и пратеникот, Крсто Мукоски, кој беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ откако гласаше за отворање на Уставот.
Комисија и да достави предлог до пратениците за одземање на мандатот, за тоа треба да се гласа на пленарна седница со двотретинско мнозинство. Но, според досегашните изјави на опозициските пратеници, тешко да се обезбедат 80 гласови за да му се одземе мандатот.
Новоформираната пратеничка група која произлезе од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата веќе се изјасни дека нема да поддржи одземање на мандатот на Груевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека расправата за мандатот на поранешниот лидер на партијата Никола Груевски е политички процес и својот став ќе го искажат во Собранието.
„Согласно законот, се знае кога и како се одзема мандатот на пратениците. ВМРО-ДПМНЕ ќе го соопшти својот став по однос на оваа комисија. Ќе видиме како ќе настапат и другите пратенички групи“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Според Уставот, на пратеник може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци.
Уште една шанса да го одложи одењето во затвор
Паралелно со собраниската процедура, течат судските рокови во кои тричлен совет од судии во Кривичниот суд треба да се изјасни за барањето на поранешниот премиер да му се одложи одењето во затвор. По добивањето на упатот од Судот на 8 ноември Груевски да се јави на издржување на казната во затворот во Шуто Оризари, поранешниот премиер побара одењето во затвор да му биде одложено. Но, судија за извршување на санкции му го одби барањето, по што адвокатите на Никола Груевски поднеле жалба до Кривичниот совет. Советот има законски рок од три дена да се произнесе за жалбата.
Двете причини на кои се повикува Груевски се обврските што ги има како пратеник, пред сè поради актуелните процеси во Собранието поврзани со уставните измени. Груевски побарал и добил потврда од Собранието, дека е член и на уставната комисија. Втората причина е поврзана со докторатот кој го одбрани летоска, односно врз основа на докторската теза да напише книга.
Експремиерот Груевски бара одлагање и од Врховниот суд. Неговите адвокати побарале вонредно преиспитување на пресудата за „Тенк“, но тоа не го одлага извршувањето на казната.
Пред Суд ќе се бара правда за Никола Груевски
За вечерва преку социјалните мрежи се најавува собир за поддршка на Груевски пред Кривичниот суд со почеток во 19 часот. Собирот се најавува под мотото „Правда за Никола Груевски“.
Поранешниот премиер е осуден на две години затвор за влијание при набавка на службено блиндирано возило, марка Мерцедес. Груевски е обвинет уште во неколку случаи на СЈО. Груевски во неколку наврати потенцирал дека случите против него се политички мотивирани.