Достапни линкови

Судските реформи да не бидат заложници на високата политика


Новата зграда на Кривичен суд во Скопје
Новата зграда на Кривичен суд во Скопје

Усвојувањето на реформските закони во правосудството ќе зависи од развојот на политичката ситуација и агендата на законодавниот дом, велат од Министерството за правда. Невладините апелираат реформите да не бидат заложници на големите политички прашања.

Од власта велат дека работат на реформската агенда во правосудството и очекуваат со измените на законите да се зајакне и гарантира независноста, самостојноста и непристрасноста на судството. Опозицијата обвинува дека судството е партизирано и дека премиерот Зоран Заев ја погребал правната држава. Меѓународниот фактор со години посочува дека се неопходни реформи во оваа област, експертите оценуваат дека за се спроведат реформите потребна е политичка волја.

Последниот пакет измени на Законот за судови и Законот за Судски совет се веќе подготвени, додека, пак, Законот за спречување на корупција и судир на интереси е во финална фаза на подготовка и нивното усвојување ќе зависи од развојот на политичката ситуација и агендата на законодавниот дом, велат од Министерство за правда за Радио Слободна Европа.

Од таму објаснуваат дека за донесувањето на Законот за судови е потребно двотретинско мнозинство, додека, пак, за Законот за Судскиот совет тоа не е случај, но сепак очекуваат консензус и поддршка од сите политички партии за реформите во правосудството и борбата против корупцијата.

Двотретинско мнозинство е потребно и за измени и дополнувања на Законот за Јавно обвинителство, во кој треба да содржи решение за статусот, односно мандатот на СЈО, велат од Министерството.

Невладините во контрола на реформите во правосудството

Невладини организации мониторираат како се спроведуваат реформите во правосудството. Од таму се надеваат дека со тоа ќе извршат притисок врз власта да ги спроведе реформите.

Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, ЕПИ, вели дека реформите кои треба да поминат низ Собранието се заложници на големите политички прашања кои се дискутираат во законодавниот дом.

Иако има многу прашања на имплементација во однос на реформите коишто може да бидат испорачани и без функционален Парламент, сепак голем дел од нив, исто така мораме да кажеме, дека се во голема мера заложници на големите политички прашања, односно прашањата околу референдумот и спроведувањето на Договорот од Преспа“, вели таа.

Таа додава дека во Министерството за правда континуирано се работи на измените на крупните праша.

„Како што се Законот за судови и Законот за судски совет, но за тие да бидат испорачани на крајот на денот ќе мора да поминат низ Собранието. Како што е случај со другите големи реформи, како што е случај со законот за спречување на корупција, како и назначувањето на новата комисија за спречување на корупцијата“, вели Кацарска.

Судскиот совет не ја штити независноста на судството

Во декември ќе се менува една третина од Судскиот совет, оти на петте членови избрани од редот на судиите им истекува мандатот. Судскиот совет е највисоко судско тело кое избира, разрешува и ја оценува работата на судиите.

Судскиот совет со години наназад е критикуван во меѓународни и домашни извештаи за политичко влијание и мешање при изборот на судиите.

Во извештајот на Институт за човекови права се наведува дека Судскиот совет не презел ниту едно дејствие за да ја заштити независноста на судството, ниту, пак, постапувал по извештајот на Специјалното јавно обвинителство во кој неколку судии јавно беа посочени дека ја извршувале судиската функција без морален интегритет.

Претседателката на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска пред презентацијата на мобилната апликација „Судскиот совет под лупа“ посочи дека на Судскиот совет му е потребна поголема транспарентност, отчетност и ефикасност во работењето.

Пред еден месец Специјалното јавно обвинителство објави извештај во кој се наведуваат судии кои ја искористиле својата моќ и работеле под директни политички нарачки на претходната власт.

Во Посебниот извештај на СЈО стои дека поранешната претседателка, а сега член на Судскиот совет, Александра Зафировска, претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, судијката во Вишиот управен суд, Светлана Костова и судијката од скопскиот Кривичен суд, Софија Лаличиќ постапувале несоодветно по директни политички нарачки, што е утврдено врз основа на прислушуваните разговори и смс-комуникациите што ги поседува Обвинителството.

Посочените судии се координирале со поранешниот премиер Никола Груевски, со поранешниот министер за правда, со министерката за внатрешни работи и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање. Посочените судии не ги коментираа наводите на СЈО и се уште делат правда по судовите.

Реформи во судството по мерка на власта
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:55 0:00

Политичката волја е клучна за независно судство

Политичката волја е клучна за независно судство. Реформите во судството се приоритет за приближувањето на земјава кон Европската унија и од нив во голем дел ќе зависи какво ќе биде судството во иднина. Реформите се болни, но неопходни, вели поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев. А во спроведувањето на реформите сме на дното, оценува тој.

Беше лошо во еден период, па дојде полошо и сега е најлошо. Што и да земеме репер од која било држава, ние сме мајстори тоа да го измениме, да го прилагодиме, демек тој модел е прилагодлив на македонската правна култура. Тоа не е точно, ние треба да се определиме – сакаме вакво судство, кое го гледаме во Словенија, во Германија, во Франција...., и така тоа треба да се спроведе, комплетно, целосно, а не да се додаваат разни додатоци на концептот, кои потоа си ги прилагодуваат како сакаат“, вели Илиев.

Кој ја погреба правната држава

Од власта велат дека продолжуваат со реформската агенда независно од политичките предизвици. Тие уверуваат дека предвидените реформи ќе бидат навремено спроведени. Сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинува дека премиерот Зоран Заев ја погребал правната држава, го погазил правото и правдата. Обвинуваат дека пресудите и обвиненијата се пишуваат во седиштето на СДСМ, а кога Заев е во паника во активира, како што велат, партиското обвинителство СЈО.

Илиев вели дека од осамостојувањето на државата секоја власт тежнее да го стави судството под своја капа и дека тоа го прави најчесто преку избор на судии.

„Секој кога ќе дојде на власт прави реформи, прави стратегии, но на тоа останува. Што е причината ќе мора да образложат тие. Политичарите се ротираат, едни четири години, па други, а сето што ветиле останува, граѓаните на крај бараат ефикасна правна држава, а тоа исклучиво во судството. Да го споменам тука и другиот важен сегмент – обвинителството, а обвинителство кое кубури со 1001 проблем не може да се носи со оваа материја, во смисла со примена на новиот закон за кривична постапка“, вели Илиев.

Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во делот за судството се наведува дека земјава треба да усвои стратегија за реформи во судството и негова заштита од политичко мешање.

Во извештајот на Стејт департментот за човекови права, пак се наведува дека едно од најзначајни прашања останува недостаток на независност во судството. Во него се нотира дека „неказнивоста останува широко распространет проблем“.

Поглавје 23

Со поглавјето 23 кое се однесува на правосудството и фундаменталните права, Македонија официјално го почнa скрининг процесот во Брисел. Во овој дел опфатени се реформите за судството, јавното обвинителство, начинот на управување со предметите, одговорност на судии и обвинители, судскиот совет, совет на јавни обвинители, борбата против.

Министерката за правда, Рената Дескоска, заедно со вицепремиерот Бујар Османи, го предводеше првиот подготвителен состанок за преговори со ЕУ, на кој се говореше за поглавјето 23. Тогаш во интервју за МИА, Дескоска рече дека ова поглавје е едно од најтешките, ако не и најтешкото.

За тоа кои се главните слабости на Македонија, Дескоска вели дека ги има многу.

„Од делот на тоа како се остваруваат постапките за дисциплинска одговорност и разрешување на судии, како изгледаат тие постапки во Судскиот совет, во Советот на јавни обвинители, какви се капацитетите на нашите институции во борбата со криминалот и корупцијата, значи имаме различни аспекти во оваа област кои се навистина предизвик пред нас“, вели Дескоска.

Реформи во судството по мерка на власта

Полскиот претседател Анджеј Дуда во почетокот на октомври наименува 27 нови судии на Врховниот суд. Ова е само дел од реформите во судството спроведени од владејачката партија, кои ја предизвикаа Европската унија да покрене судска постапка поради наводното кршење на нормите на владеењето на правото во Полска.

Гоце Атанасов

Наименувањето на новите судии беше направено и покрај тоа што Врховниот суд нареди да се задржат судиите избрани пред победата на конзервативната партија „Право и правда“ на изборите во 2015 година. Политизацијата на судството предизвика огорченост кај ЕУ, кај полските либерали и центристички опозициски и граѓански групи кои велат дека земјата оди кон авторитаризам скоро 30 години по падот на комунизмот.

Преку законодавството и кадровските промени, велат критичарите, партијата „Право и правда“ де факто ја презеде контрола врз поголемиот дел од судството, вклучувајќи го и Уставниот суд и обвинителството, како и да ги претвори главните информативни програми на државните медиуми во пропагандни алатки. Владата вели дека промените се потребни за да се подобри ефикасноста на судовите и да се ослободи оваа источноевропска земја од остатоците на комунистичкото владеење.

Павел Муха, заменик-шеф на канцеларијата на претседателот Анджеј Дуда оцени дека наименувањето на судиите беше уште една фаза од реформите во судството.

Овој начин е уште една фаза од реформата на правосудството која беше спроведена, многу важна, бидејќи беа назначени и судии кои ќе работат во Вонредната контрола и Советот за односи со јавноста“.

Полското судско надзорно тело, кое му препорачува судски наименувања на претседателот, до 2015 година беше главно составено од судии избрани од други судии. Сега тие се избираат главно од владејачката партија. Во минатиот месец Врховниот управен суд пресуди дека постапката за назначување нови судии на Врховниот суд ќе биде ставена на чекање, но Муха вели дека оваа одлука не била обврзувачка за претседателот.

Портпаролот на Врховниот суд Михал Ласковски вели:

„Се чини дека оваа одлука произлезе од желбата да се направи напредок пред можната пресуда на Судот во Луксембург.“

Претходно партијата „Право и правда“ донесе закон со кој се принудуваат на предвремено пензионирање повеќе од една третина од судиите во Врховниот суд. Промените, кои според критичарите, ги поткопуваат слободата и демократијата ја предизвикаа и тужбата на ЕУ за кршење на независноста на судовите во една земја-членка.

Лидерот на Здружението на полските судии „Јуститија“ Кристијан Маркиевич вели:

„Околу 30 отсто од судиите слушнале за политички притисок врз судии во нивните кругови, а 15 отсто го доживеале тоа. Петнаесет проценти од 10.000 судии или 1.500 судии доживеале политички притисок врз нив досега“.

Европската комисија побара од Европскиот суд на правдата со седиште во Луксембург да ја прекине примената на законот додека не се донесе пресуда за спречување на присилното пензионирање на судиите и на назначувањето нови. Портпаролката на Европската комисија Мина Андреева вели:

„Значи, навистина, Комисијата смета дека продолжената примена на режимот за пензионирање, предвидена со новиот закон, ќе доведе до сериозна и непоправлива штета“.

Таа додаде дека Европската комисија оценува оти полскиот закон за Врховниот суд е некомпатибилен со европското право бидејќи ја поткопува судската независност. Тужбата во Судот е одвоена од процедурата на покренување на „нуклеарната опција“ која Унијата ја води од крајот на минатата година против Полска, а од неодамна и против Унгарија поради низа реформи во нивните земји, несоодветни на европските закони.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG