Достапни линкови

Груевски на излез од Собрание, пред влез во Шутка


Архивска фотографија - Никола Груевски пред Кривичен суд.
Архивска фотографија - Никола Груевски пред Кривичен суд.

Судот одлучува дали да му го одложи издржувањето казна затвор на поранешниот премиер Никола Груевски, а Собранието дали да му го одземе мандатот, откако е осуден на двегодишна казна затвор во случајот „Тенк“ на СЈО.

Поранешниот премиер Никола Груевски со образложение дека е неопходен во Собранието бара да му се одложи издржувањето на двегодишната затворска казна. Како причина за барањето за одложување на казната, адвокатите го навеле и неговиот докторат. Во меѓувреме со неговата затворска казна се занимава и Собранието, односно тоа треба да реши дали ќе му се одземе пратеничкиот мандат. Пресудата Груевски ја има обжалено и пред Врховниот суд.

Одложување на казната

Според законот, една од причините за одложување на казната е ако „осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета.

Груевски не сакаше да ги коментира барањата за одложување на казната.

„Не би давал изјава сега. Можеби некој друг ден“, рече поранешниот премиер Никола Груевски по едно од судењата во Кривичниот суд, каде е чест гостин.

Груевски како пратеник не се покажал баш ажурен, со оглед на тоа што податоците покажуваат дека тој не присуствувал на седници и не бил активен во Собранието, а докторатот го одбрани во јули годинава. Пратеникот Груевски од јануари до јуни годинава има само три присуства, 31 оправдано и 21 неоправдано отсуство, едно излагање на пленарна седница, нема излагања во собраниски тела, нема пратенички прашања и гласал само еднаш, покажува собраниската публикација Мој пратеник. Тој неодамна се појави во Собранието кога се гласаше за отворање на уставните измени. Груевски и минатата година не бил активен како пратеник и многу отсуствувал, во најголем дел оправдано.

Откако судијата за извршување на казни во Кривичниот суд ќе ја добие молбата на Груевски за одложување на казната, има три дена да се изјасни што одлучил. Ако не му ја прифати прифати молбата, потоа поранешниот премиер може да се жали и до Кривичниот совет, а тие имаат три дена да одлучат како ќе одговорат.

Ако не му биде одложена казната, поранешниот премиер на 8 ноември треба да се јави на издржување на двегодишната казна затвор во затворот во Шуто Оризари.

Ќе му го одзеде ли Собранието пратеничкиот мандат на Груевски?

Во Собранието, пак, во наредниот период главни теми за расправа се уставните амандмани кои се во согласност со Договорот за името со Грција и предложениот закон за амнестија од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Судот го известил Собранието за правосилната пресуда на Груевски, по што претседателот на Собранието, Талат Џафери ја известил Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Комисијата има 15 дена да закаже седница на која ќе се разгледува случајот на Груевски. Во оваа комисија и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаа по четворица пратеници, а деветтиот член е од ДУИ. Еден од членовите е и неодамна исклучениот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, откако гласаше за отворање на Уставот. Тој не сакаше да коментира како ќе гласа за одземањето на мандатот. Со оваа работа, како што велат, не биле запознаени нити неговите сопартијци пратениците Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, обвинети за 27 април и исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, оти гласаа за отворање на почеток на уставните измени.

„Не сум запознаен, не можеме никако да влијаеме на тоа. Па и на мене ми го земаа имунитетот и никој ништо не ме праша“, изјави пратеникот Љубен Арнаудов, кој е обвинет за „крвавиот четврток“.

„Првпат слушам за оваа работа“, вели пратеникот Сашо Василевски.

Професор Никол Дујовски од Универзитетот Климент Охридски, вели дека не е сигурен дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за да му се одземе мандатот на Груевски.

Во Комисијата веројатно да, но на собраниска седница тоа потешко ќе се обезбеди“, вели тој.

Засега на собраниската агенда нема закажано седница на оваа комисија. Доколку комисијата одлучи да му го одземе мандатот, понатаму процедурата преминува на пленарна седница, но потребно е двотретинско мнозинство за да му се одземе мандатот. Ако му се одземе мандатот, на негово место доаѓа следниот од листата кандидат на коалицијата „За подобра Македонија“.

Според Уставот, на пратеник може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци.

Жалба и до Врховен

Груевски има поднесено жалба и до Врховниот суд за преиспитување на пресудата, но жалбата пред Врховен не го одложува извршувањето на казната. Врховниот суд нема рок до кога треба да донесе одлука по жалбата на Груевски. Претседател на Врховниот суд е Јово Вангеловски, чие име се спомнуваше во извештај на СЈО како еден од судиите кои постапувале несоодветно по директни политички нарачки на претходната власт, предводена од Груевски.

Тоа на „М“ му донесе двегодишна казна затвор на Груевски

Поранешниот премиер е осуден на две години затвор за влијание при набавка на службено блиндирано возило, марка Мерцедес. Груевски е обвинет уште во неколку случаи на СЈО. Груевски во неколку наврати потенцирал дека случите против него се политички мотивирани.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG