Со директен дуел меѓу премиерот Зоран Заев и поранешниот претседател на Собранието, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски, почна втората фаза од процесот за измени на Уставот. На дебатата во Комисијата за уставни прашања Заев, во име на предлагачот - Владата, ги образложи четирите амандмани барајќи поддршка за нив.
“Почитувани пратеници, процесот на уставни измени со предложените амандмани со одлука за измена на Уставот што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство. Во одлуката ќе пишува дека овие амандмани се составен дел на Уставот и влегуваат во сила кога Република Грција во парламентот ќе ја ратификува спогодбата и протоколот за членство во НАТО” рече Заев.
Денеска сте порелаксиран и повесел, му реплицираше Вељаноски на премиерот, алудирајќи на тоа дека во оваа втора фаза во гласањето на пленарната седница закажана за први декември, потребно е просто мнозинство од 61 пратеник.
Вељаноски рече и дека му честита на Заев што излегол на чело на, како што ја нарече,“малата владина група” и не се затскрил зад “колективно тело коe цврсто решилo да го промени Уставот”. Тој преку поговорка дека слон не можел да се изеде наеднаш, туку полека ја критикуваше Владата за постапката за промена на Уставот.
“Се плашам, верувајте, ќе дојде многу брзо и третата фаза се плашам дека ќе биде многу полоша од оваа и затоа и ја кажав поговорката со слонот. Таа ќе биде најлоша и крајна. Не го спомнавте Охридскиот рамковен договор во предлогот за пристапување кон измени на Уставот, кажа Бујар Османи дека ќе биде внесен Охридскиот рамковен договор вие излеговте и рековте - не. Сега во третата фаза ќе мора да истрчате со се што имате договорено и со се што ќе мора да го поднесат македонските граѓани ” рече Вељаноски.
Немојте, чувствително е прашањето, одговори Заев на констатациите дека третата фаза ќе била најлоша.
“Немаат намера ниту опозициони партии на Албанците, ниту владејачки, ниту кој било партии да го доведат под прашање делот за ЕУ и за НАТО и реализацијата на овој договор” рече Заев.
Инаку, тој претходно образложи дека со амандманот 33 во Уставот ќе се вметне придавката северна пред Македонија и името на државата во Уставот ќе биде Република Северна Македонија, со амандманот 34 во Преамбулата одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од Првото заседание на АСНОМ и се додаваат зборовите Охридски рамковен договор. АСНОМ не се брише од Преамбулата туку напротив ќе се споменува два пати, рече Заев. Амандманот 35 предвидува да се додаде реченицата "Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави", а со амандманот 36 ќе се наведе дека "Републиката го штити и негува историското и културно наследство и се однесува на државјаните кои живеат во странство".
Салата Борис Трајковски, во која се одржуваат седниците на Уставната комисија во почетокот беше полна, а покрај членовите на комисијата присуствуваа и повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од новата пратеничка група на пратениците кои гласаа “за” пристапување кон уставните измени. Во салата беше и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е член на комисијата, но и Владанка Авировиќ и Сашо Василевски кои се заменици- членови, а и нивните колеги од новата група, Елизабета Канчевска- Милевска, Љубен Арнаудов и Нола Исмалјоска Старова.
Само што почна седницата, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски бараше таа да се емитува во живо на собранискиот канал, на што претседавачот со комисијата Талат Џафери реагираше дека со присуството на медиумите е застапена јавноста, по што опозицијата побара пауза.