Достапни линкови

Заев очекува широка парламентарна поддршка за уставните измени


Обраќање на премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција на која го презентираше текстот на нацрт амандманите на Уставот на Република Македонија
Обраќање на премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција на која го презентираше текстот на нацрт амандманите на Уставот на Република Македонија

По две средби со пратениците од независната пратеничка група кои гласаа „за“ пристапување кон уставните измени, Владата ги вгради нивните барања и четирите амандмани се доставени до Собранието. Процедурата се очекува да трае околу 60 дена.

Во следните шеесетина дена во Собранието ќе трае процесот за измена на Уставот со четирите амандмани кои денеска Владата ги достави до Собранието. Како што беше и претходно најавено, во нив се вградени обврските што произлегуваат од Договорот од Преспа, а дополнително е внесен и Охридскиот рамковен договор. Тој и одлуките на АСНОМ, кои се заменуваат со прогласот од првото заседание, владата предлага да бидат дел од преамбулата на Уставот.

„Делот од АСНОМ се осврнува на прогласот наместо на одлуките од АСНОМ заради тоа што би предизвикувало одредени проблеми тоа ако остане во можни идни времиња на соработката меѓу Македонија и Грција бидејќи во дел од одлуките на АСНОМ се вели - Македонци од Грција и од Бугарија, обединете се! Тоа не е пријателство”, рече премиерот Зоран Заев.

Амандманите, како што рече Заев, се подготвени во консултации со осумте члена на новата пратеничка група, но и со други пратеници. Од нив го спомена само името на пратеникот од ГРОМ Панчо Минов, а другите, како што рече, не сакал да ги спомене оти учествувале во дебатата, но не се знаело дали ќе останеле „за“ поддршката на уставните амандмани.

„Дадов само најава дека постојат многу пратеници кои што верувам растоварени од партиско политички предрасуди, а понесени од одговорноста кон граѓаните и моментов пред кој се наоѓаме ќе се одважиме и ќе ја испишеме оваа убава историја на Македонија”, рече премиерот Зоран Заев.

Што содржат амандманите?

Пред него во Собранието прес конференција одржа пратеничката Елизабета Канческа-Милевска во име на пратениците кои гласаа „за” потребата од уставни измени. Прифатени се нашите предлози за уставните амандмани, рече таа.

Едноставно кажано, нема да постои можност ние да ја прифатиме таа географска одредница и повторно да ни биде блокирано членството во НАТО. Со прифаќање на ова наше барање, со овој амандман, тоа нема да биде можно. Ако не се ратификува протоколот во Грција за нашето членство, ништо од ова нема да се важи”, рече Канческа- Милевска.

Тоа е всушност првиот нацрт амандман кој , како што рече Заев, се однесувал на замената на зборот Македонија со Република Северна Македонија, секаде во Уставот освен во членот 36 каде има историски аспект.

Вториот се однесува на Преамбулата на Уставот во делот на АСНОМ и Охридскиот рамковен договор, во третиот амандман се додава став, дека Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегриет и политичката независност на соседните држави, а во четрвтиот амандман, рече Заев, се наведува дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.

Владата и дел од опозицијата ги подготвија уставните амандмани
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Собраниската процедура ќе трае околу два месеца

Сега во Собранието треба да почне претресот кој се води за секој амандман одделно и може да трае најмногу три работни дена за секој амандман одделно. Дебатите во Законодавно правната комисија и во Уставната комисија каде што ќе се води расправата се временски ограничени, а гласањето се одвива исто така за секој амандман одделно. За второто гласање, кога ќе се утврдува нивниот конечен текст и тие место нацрт ќе станат амандмани е потребно обично мнозинство. Пратениците, рече Заев, имаат право во дебатата да додадат амандман на оние што се предложени од владата, но не и нови амандмани.

Ако поминат потоа се оди на јавна дискусија, за која рокот го определува Собранието. По нејзиното завршување се заедно, текстот на амандманите и извештајот од јавната дискусија, предлагачот ги доставува до претседателот на Собранието, до претседателот на Републиката но најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.

Во следната фаза повторно предлозите влегуваат во собраниска дебата. На нивниот текст предлагачот, секој пратеник, работно тело и Владата кога не е предлагач, можат да поднесат амандмани најдоцна осум дена пред седницата на Собранието на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот. Потоа се се враќа во двете комисии кои имаат пак по три дена за секој амандман. На крајот гласањето се одвива на пленарна седница и пак е потребно двотретинско мнозинство.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG