Нацрт амандманите извесно е оти ќе бидат фокусирани само на исполнувањето на одредбите од договорот за името и покрај барањата на партиите од албанскиот блок.
Премиерот Зоран Заев практично ги отфрли предлозите на Алијансата на Албанците и БЕСА на Биљал Касами, бидејќи не било време да се предлагаат уставни амандмани кои не се однесуваат на Договорот од Преспа. Според упатените, тоа нема да влијае на процесот на усвојување на уставните измени.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес конференција порача дека Владата во дадениот рок ќе ги достави нацрт амандманите во Собранието.
„Процесот се уште трае, координацијата се уште трае, консултациите се уште траат и во рамките на предвидениот рок. Владата се разбира кога ќе ги утврдиме нацрт амандманите ќе одржиме владина седница, ќе ја информираме јавноста и ќе ги испратиме до Собранието“, рече Бошњаковски.
Алијансата на Албанците и БЕСА бараат измени во преамбулата на Уставот и повеќе права за Албанците. Но, за Заев тоа би значело отворање на Пандорината кутија. На тоа од БЕСА реагираа дека премиерот треба да каже кога мисли да ја отвори Пандорината кутија по 27 години оправдани барања од Албанците. За ДУИ иницијативите на Aлијансата и на БЕСА се непознавање на собраниските процедури, бидејќи веќе гласале што да се менува во Уставот.
Политичкиот аналитичар Алајдин Демири смета дека барањата на партиите од албанскиот блок се легитимни, но моментот е поголем и очекува тие да го поддржат мнозинството за усвојување на уставните измени.
„Целта на овие партии мислам дека не е да ги помешаат или пореметат бројките од 80 пратеници. На крајот јас мислам дека ќе гласаат и ова не е обид деструктивно да се делува и да пропадне спогодбата, туку целта е конструктивна. Нивното делување треба да се сфати многу позитивно со оглед на тоа дека Заев и дојде како реформатор меѓутоа тајмингот изгледа не му одговара“, смета Демири.
Рокот за доставување на амандманите од 15 дена кој Собранието и го даде на Владата истекува в петок.