Достапни линкови

Во фокусот на Владата само уставните измени околу Договорот за името


Владата не сака да коментира што конкретно ќе содржат уставните амандмани по предлозите на опозициските пратеници, Алијансата за Албанците и БЕСА. Но, фокусот е врз измените кои се однесуваат на Договорот за името. За експертите, останатите амандмани од партиите од албанскиот блок не се прифатливи.

Рокот за изготвување на нацрт амандманите со цел промена на Уставот истекува в петок. Владата има уште неколку дена за консултации со независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ и со Алијансата на Албанците и БЕСА на Биљал Касами пред да ги достави амандманите во Собранието и да започне расправата.

Премиерот Зоран Заев денеска посочи дека имал квалитетен работен состанок со независната пратеничка група, на кој добиле конкретни сугестии, што верува дека ќе бидат вградени во самите текстови. За предлозите на БЕСА тој порача дека веројатно нема да дозволат отворање на Пандорината кутија. За најавата на вицепремиерот Бујар Османи вклучување на Охридскиот рамковен договор во преамбулата на Уставот, Заев посочи дека тоа не е утврдено прашање и допрва ќе се разговара или се разговара на потпретседателско ниво.

И министерката за одбрана и вицепремиерка Радмила Шекеринска во однос на истото прашање денеска рече дека не сака да шпекулира оти не се знае што ќе содржат амандманите, бидејќи се уште се работи на нив.

„Сè во меѓувреме ќе биде само шпекулација. Премиерот ги водеше овие разговори со пратеничките групи. Ние ќе имаме дебата внатре во Владата на Република Македонија. Фокусот наш за уставните измени се однесува на прашањата кои произлегуваат од Договорот во Преспа“, вели Шекеринска.

Владата има четири амандмани кои се однесуваат на додавање на придавката „Северна“ во името на Република Македонија, измени во преамбула во Уставот, амандман со кој се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и грижа за Македонците и дијаспората во странство.

Од независната пратеничка група бараат уставен амандман со гаранција за македонскиот идентитет, уставен амандман што ќе се важи ако Грција не го ратификува Договорот од Преспа, името за внатрешна употреба да се менува постепено, како и помирување за настаните на 27 април.

Алијансата на Албанците бара албанската заедница да биде впишана како државотворен народ на Македонија, а албанскиот јазик да биде службен јазик. БЕСА бара да се направат измени во преамбулата, албанскиот јазик да биде службен, поголема грижа за дијаспората и да му се оневозможи на претседателот на државата да ги блокира законите усвоени во Собранието.

Според Никола Дујовски, професор од универзитетот Свети Климент Охридски не се прифатливи барањата кои не се однесуваат на Договорот за името.

Ова мене ми личи како по свадба тапани или заземање на некои други позиции за евентуално по стапувањето во сила на овој договор кога Република Македонија ќе напредува кон евроинтеграциите за Албанците да имаат подобри позиции. Во оваа фаза ќе бидат разгледувани само амандманите кои се однесуваат на Договорот од Преспа затоа што само поради него и се отвара Уставот“, смета Дујовски.

Заев порача и дека Деловникот за работата на Собранието има јасно прецизирани рокови и процесот за усвојување на уставните измени треба да заврши во втората половина на јануари. Шекеринска пак, вели дека нема дилеми оти целиот процесот може да заврши пред март.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG