Достапни линкови

Амандманите на Касами и Села се политички маркетинг


Отворањето на Уставот, со цел промена на името, дел од албанските партии сакаат да го искористат и да „протнат“ свои амандмани, кои се делумно решени со закони. Тоа е само собирање политички поени и е надвор од духот на Охридскиот договор, велат аналитичари.

Амандманите на Уставот кои како предлог ги доставија до Владата политичарите Биљал Касами и Зијадин Села, се собирање политички поени од албанскиот електорат, велат аналитичарите. Според објаснувањето доставено до Владата, четирите амандмани на Касами се однесуваат на целосно спроведување на првичниот предлог за уставни измени кој бил доставен до Собранието во 2001 година. Но, аналитичарите велат дека таквите барања излегуваат надвор од духот на Рамковниот договор, особено затоа што дел од нив се веќе усогласени со закони.

Јас мислам дека овие немаат врска со Охридскиот рамковен договор. Охридскиот договор е јасен и тие амандмани, ако не се лажам беа 19, се дел од Уставот. За да се отвори уште еднаш Уставот или да се надградува тој Охридски договор, вие треба да имате процес на убедување на мнозинството на пратеници кои би гласале за тие измени, затоа малку е нелогично како се обидуваат во овој момент да ги протнат овие барања кога сите сили, сите напори се фокусирани и водат кон решавање на еден меѓудржавен проблем, а не проблеми кои можеби ги засегаат или се каузи на политички партии, а се однесуваат на внатрешно регулирање“, вели политичкиот аналитичар Џелал Незири.

Поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски, вели дека отежнувањето на процесот со вакви барања е некоректно, затоа што тие и онака се апсолвирани барања кои не треба да се гледаат дека се во духот на Рамковниот договор.

„Не, не, апсолутно. Од она што е напишано таксативно и што е во духот на рамковниот договор, ова излегува надвор. Тоа се барања, само како популистички однос кон електоратот на овие две политички партии кои сакаат да ќарат некој политички поен за сметка на прогресот на Република Македонија во овој момент и ништо друго“, вели Петковски.

Незири додава дека не може при тематско отворање на Уставот да се доставуваат барања кои излегуваат надвор од темата, затоа што двотретинското гласање во Собранието се однесува конкретно на владиниот предлог за пристапување на уставни измени само како дел од спроведување на договорот од Преспа.

Потегот на Села и Касами, Петковски ги толкува како еден вид политичка одмазда.

„Кампањата што се водеше во вториот круг на ДУИ и СДСМ за избор на градоначалник, остави трага во односот меѓу Владата и Алијансата, а мислам дека истото се случува и со Касами, ако беше во Владата не верувам дека вакви барања ќе испорачуваа сега“, вели Петковски.

Незири пак, смета дека барањата се еден обид за делигитимирање на албанските партии кои се дел од власта и дел од процесот.

„Се мисли на ДУИ и останатите. Во БЕСА имаме две фракции, едната е на власт другата на Касами е во опозиција и фактички двете се во еден вид политичка војна. Исто така и Села со Тачи. Тој антагонизам треба да се има предвид, но на крај мислам дека нема да се случи овие партии да гласаат против уставите измени или да бидат причинители целиот процес да пропадне, затоа што во тој случај истите би биле збришани од политичката сцена кај Албанците“, вели Незири.

Касами бара од Владата покрај измените кои се однесуваат на договорот од Преспа, да се направат измени во делот на преамбулата, да се врати предлогот кој беше усвоен од потписниците на Рамковен договор од 2001 година, каде Македонија е дефинирана како рамноправна држава на сите граѓани, потоа албанскиот јазик да биде заведен како службен и да се користи во меѓународните односи на Македонија, да се прецизира дека државата ќе води грижа за дијаспората без разлика на етничката припадност, и последниот е да му се оневозможи на претседателот на државата да ги блокира законите усвоени во Собранието.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG