Достапни линкови

Можно ли е денеска гласање за уставните измени?


Архивска фотографија - Седница на Собрание на РМ за уставни измени.
Архивска фотографија - Седница на Собрание на РМ за уставни измени.

Во Собранието денеска ќе продолжи седницата за уставните измени, но неизвесно е дали ќе се гласа. Во пресрет на денешната седница на Парламентот, од Брисел и Вашингтон, стигнаа пораки на охрабрување до пратениците за поддршка за уставните измени.

Собранието на Македонија денеска ја продолжува седницата на која можно е да се гласа за потребата од уставни измени за имплементирање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција. Во изминатите три дена од расправата немаше поместување во ставовите, пратениците од власта сметаат дека предлогот треба да биде прифатен за да се отворат вратите на НАТО и за ЕУ за Македонија, а за опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлогот, како и Договорот од Преспа од кој произлегуваат уставните измени се неприфатливи.

На последната седница пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се откажаа од своите дискусии и најавија дека ќе гласаат против уставните измени. Сепак има уште 20 - тина пратеници кои се пријавени за збор, меѓу кои и од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката Соња Мираковска од НСДП рече дека дали гласањето ќе биде денеска или некој друг ден, ќе реши претседателот на Собранието Талат Џафери.

Денеска не мора да се донесе одлуката и да се гласа, рече таа. На гласањето ќе видиме дали имаме двотретинско мнозинство, а ние очекуваме тоа да се случи“, вели Мираковска.

На прашањето дали доаѓањето на американскиот дипломат Метју Палмер вo понеделник значи дека се прават последни обиди за обезбедување двотретинско мнозинство, таа рече дека на тоа не гледа како притисок.

Целата меѓународна демократска заедница практично е тука да ни помогне да ги надминеме разликите и да одработиме нешто што треба да го направиме како Собрание заедно. Воопшто не гледам дека неговото доаѓање значи притисок. Ние во Собранието, 120 луѓе, се тие кои треба да донесат одлука за тоа дали ќе гласаат и со право очекуваме дека колегите тоа ќе го направат“, рече Мираковска.

Пред денешната седница СДСМ уште еднаш со соопштение ги повика пратениците од ВМРО- ДПМНЕ да го направат последниот чекор „и да го заокружат Договорот од Преспа, преку усвојување на уставните измени кои го зајакнуваат македонскиот идентитет и го отвораат патот за членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ”.

И премиерот Зоран Заев вчера преку својата официјална Фејсбук страница уште еднаш ги повика пратениците да донесат правилна одлука и да кажат „да“ за можноста која е пред нив.

„Пратеници, да кажеме да на можноста пред нас. Историјата ги памети правилните одлуки“, напиша Заев

За усвојување на предлогот е потребно двотретинско мнозинство.

Во изминатите три дена од расправата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во своите говори изјавуваа децидно нема да гласаат за уставните измени, но дел од нив беа пофлексибилни и ги повикуваа пратениците на договор меѓу кои пратеничките Елизабета Канческа - Милевска, Весна Димковска – Илиевска и други.

Паралелно со дебатата во Параламенот се интензивираа и пораките од претстaввниците на меѓународната заедница кои ги охрабруваат пратениците да дадат поддршка за устaвните измени.

Синоќа претседателот на Европската народна партија (ЕПП) Жозеф Дол на Твитер напиша дека „клучни одлуки треба да се донесат во ПЈРМ кои ќе ја одредат иднината на идните генерации“. Тој нагласи дека опозицијата има голема одговорност за патот на земјата кон ЕУ и НАТО и треба да биде конструктивна во демократскиот процес.

На разговори за Договорот од Преспа вo понеделник во Македонија пристигнува и американскиот заменик помошник државен секретар за европски прашања Метју Палмер. Од aмериканската амбасада информираа дека Палмер ќе допатува во Македонија на разговори околу поддршката на САД за договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција, и важноста да се продолжи со реформската агенда на Македонија. Тој ќе се сретне со претставници на Владата и политичките партии, меѓу кои и премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, наведуваат од Амбасадата

Од друга страна, синоќа пристигна реакција од руското Министерство за надворешни работи. Од руското МНР наведоа дека САД и државите од ЕУ на најгруб начин се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија, преку туркање на преименувањето на земјата во Парламентот.

Според Москва, во прашање е најгрубо мешање на САД и ЕУ во внатрешните работи на Скопје.

„Во моментов се случува најгрубото мешање на САД и ЕУ во внатрешните работи на Скопје, кое ги надминува сите разумни граници. Целта е внесување на Македонија во НАТО по секоја цена“, наведува руското МНР.

Инаку, од вчера Македонија ги почна пристапните преговорите за членство во НАТО, и од пратениците зависи дали ќе обезбедат членството преку усвојување на уставните измени.

Доколку предлогот за пристапување кон уставни измени не биде усвоен од Собранието, би можело да се очекува распишување на предвремени парламентарни избори.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG