Достапни линкови

Уставните амандмани во сложена собраниска процедура


Архивска фотографија- пратениците од ВМРО-ДПМНЕ стојат додека дел нивни колеги гласаат за пристапување кон промена на Уставот
Архивска фотографија- пратениците од ВМРО-ДПМНЕ стојат додека дел нивни колеги гласаат за пристапување кон промена на Уставот

Откако на 19 октомври беше изгласана потребата од промена на Уставот, уставните измени повторно влегуваат во собраниска процедура. Сега преку седницата на Комисијата за уставни прашања почнува втората фаза од процесот.

Преку дебата во собраниската Комисија за уставни прашања почнува втората фаза од процесот на уставни измени. Со комисијата претседава претседателот на Собранието Талат Џафери, а членови од ВМРО-ДПМНЕ меѓу другите се и Никола Груевски и Трајко Вељаноски. Во замениците членови на комисијата има и двајца од сега независната пратеничка група која гласаше “за” почнување на процесот на уставни измени. Тоа се Владанка Авировиќ и Сашо Василевски.

За четирите амандмани кои произлегуваат од Договорот од Преспа, а кои Владата ги достави до Собранието, дебатата во уставната комисија може да трае вкупно 12 дена. Собранискиот деловник предвидува расправата да може да трае најмногу три дена за секој амандман одделно. Во него пишува и дека “пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути”. За претставникот на предлагачот, во овој случај Владата, предвидено е зборување повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Пред да стигнат на пленарна седница, на која овој пат е потребно обично мнозинство, амандманите ќе поминат и во Законодавно- правната комисија, во која за дебата е предвидено исто време.

ВМРО-ДПМНЕ одлучи нивните пратеници да дебатираат за уставните амандмани и како што рече нивниот координатор Никола Мицевски тие жестоко ќе ги разобличеле сите уставни амандмани.

По две средби со пратениците од независната пратеничка група кои гласаа „за“ пристапување кон уставните измени минатата недела Владата ги вгради и нивните барања. Премиерот Зоран Заев во петокот ги објави четирите амандмани ги доставија до Собранието.

Првиот нацрт амандман се однесува на замената на зборот Македонија со Република Северна Македонија, секаде во Уставот освен во членот 36 каде има историски аспект.

Вториот се однесува на Преамбулата на Уставот во делот на АСНОМ, односно одлуките се заменуваат со прогласот на Првото заседание, а во преамбулата се внесува и Охридскиот рамковен договор. Во третиот нацрт- амандман се додава став, дека Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегриет и политичката независност на соседните држави, а во четрвтиот амандман се наведува дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.

Целата постапка за промена на Уставот се очекува да заврши за околу 60 дена. За на први декември во 11 часот веќе е закажана пленарната собраниска седница за четирите амандмани. По неа повторно ќе има дебати во уставната и законодавно правната комисија и јавна расправа, по кои повторно треба да се гласа на пленарна седница, за последен пат од процедурата, и во овој случај, пак е потребно двотретинско мнозинство.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG