Достапни линкови

Реформите нужни, се чекаат забелешки од опозицијата


Правосудниот систем, безбедносно-разузнавачките служби, јавната администрација и борбата против организиран криминал и корупција се областите кои се во фокусот на реформите содржани во владиниот План 18 за приближување кон ЕУ. Планот 18 е продолжение на реформите кои беа спроведувани со Планот 3-6-9. Власта чека забелешки и од опозицијата за реформите.

На средба со новинари премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за правда Рената Дескоска и министерот за администрација Дамјан Манчевски зборуваа за реформите од Планот 18 кој беше усвоен на владина седница минатата недела.

Премиерот вели дека крајна цел на реформите е подобрувањето на животот на граѓаните. Тој вели дека ЕУ будно следи како се спроведуваат реформите, но дека тие пред сè се прават за граѓаните.

„Сите мерки во посочените области треба да донесат нови вредности во нашиот систем, кои паралелно со политичкиот процес со кој се одвиваат, а кој се однесува на имплементирање на Договорот од Преспа и претстојните уставни измени, на крајот ќе донесат подобар живот тука во Македонија“, вели Заев.

Османи чека забелешки од опозицијата за реформите

Вицепремиерот Осман вели дека во планот се вметнати препораки на меѓународни организации, на експерти, но дека и покрај настојувањата од Владата, опозицијата се уште не се вклучила во проектот со свои забелешки. Тој рече дека лично имал средба со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за овој план, но дека досега нема добиени писмени забелешки од опозицијата.

Вицепремиерот вели дека овој спроведувањето на овој план ќе може полесно да се следи. Неделно ќе се прибираат информации од институции како се спроведува, потоа тоа ќе се презентира пред Владата, а понатаму и пред Собранието и пред Канцеларијата на ЕУ.

Заев запрашан како може да зборува за реформи во правосудството, а до него да седи вицепремиерот Османи кој е осомничен во еден од новите случаи на СЈО, премиерот вели дека тоа е уште една потврда дека законот важи еднакво за сите. Заев рече дека и тој пред да стане премиер беше дел од судски процес и го терал тој процес до крај, па од лидер на опозиција, стана премиер.

„Никој не е имун и се надевам дека со сите овие закони будното око ќе биде насочено кон сите и кон мене како премиер и кон министри и кон сите во државата. Презумпцијата на невиност од секогаш сум ја почитувал и ја почитувам до крај“, рече Заев.

Двете сценарија за СЈО

Министерката за правда, Рената Дескоска, зборувајќи за реформите во судството, се осврна и на Специјалното јавно обвинителство. За ова обвинителство има две можни сценарија, или да биде дел од Основното јавно обвинителство или подетално да му се регулира статусот.

Запрашана за уставниот закон, Дескоска вели дека тој ќе треба практично да ги операционализира амандманите .Таа вели дека во собраниска процедура е законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, со вклучените забелешки од меѓународните организации и експерти. Изборниот законик, пак, ќе биде пуштен во собраниска процедура откако ќе добијат одговор од опозицијата за изработената верзии, со што, според Дескоска, ќе се испочитува заложбата за нејзино вклучување во реформските процеси. Се подготвува и законот за судски совет.

Департизирана администрација, реорганизирани институции

Со реформите во делот на администрацијата се планира нејзина департизација. Потоа се планира реорганизација на институциите, што може да резултира со тоа некои институции да се укинат, други да се спојат или доколку има потреба да се формираа нови. Ќе се прават анализи каде има вишок вработени, а каде недостасуваат стручни кадри, по што вишокот ќе му биде понуден на реалниот сектор.

Ниту еден од вработените нема да остане без работа, туку во случај на потреба ќе има доброволно распределување во приватниот сектор“, вели Манчевски

Тој објаснува дека прво ќе се прават анализи, а потоа ќе се види дали таквиот план ќе може да се реализира и под кои услови, но се надева дека сите би имале бенефит и работниците и државата и бизнис секторот, но може и да не дојде до тоа, вели Манчевски.

А за департизација на администрацијата ќе има и нов закон за административна служба, при што ќе се знае што е политички ангажиран поединец, а што професионално. Тој најави и дека нема повеќе да има луѓе кои не одат на работа, а земаат плата. Голем дел од така наречените рамковно вработени се на работа, дел не ја прифатиле понудата, а за дел од нив се работи да почнат со работа. Манчевски најави дека ќе се направат промени и на Законот за општа и управна постапка, кој сега е неприменлив, а ќе има и ревизија и на законите за административни службеници и за вработени во јавна служба. Одговарајќи на новинарски прашања Манчевски рече дека како Влада гарантираат до крај на годината да биде усвоен Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.

ОТА гарантира дека „бомбите“ нема да се повторат

Министерот Спасовски говорејќи за реформите на безбедносно-разузнавачките служби истакна дека реформите таму се во втората фаза, откако веќе се формира Оперативно-техничката агенција, која ќе биде медијатор во процесот на прислушувањето и работи како посебна Агенција, која е надвор од УБК.

„Не постои ниту теоретска, ниту практична можност за злоупотреба на ПИ мерките. Одговорно тврдам дека нема да ни се повторат бомбите“, рече Спасовски.

Во тој дел допрва следуваат реформата на УБК, формирана е меѓуресорска група. До 15 ноември на Владата треба да и биде понуден еден трите модели за тоа како ќе функционира Управата. Спасовски рече и дека треба да се зајакне водењето на финансиски истраги и конфискација на имот.

„Во Република Македонија, тука нема никакви резултати. Изминатиот период само во три случаи бил конфискуван имот. Борбата против криминалот може да биде ефикасна и тоа што е стекнато со криминални пари мора да биде одземено од државата“, додаде тој.

Тој ветува и враќање на угледот на полицијата и нејзина професионализација.

Помирување, простување, но да важи правниот систем

Премиерот Зоран Заев, на средбата со новинарите, зборуваше и за собраниското тело за помирување. Заев вели дека помирувањето е битно, но дека мора да важи правниот систем. Премиерот рече дека помирувањето понекогаш значи и извинување, а тука даде пример дека на првата средба со новата пратеничка група, со пратеникот Крсто Мукоски имало извинување. Заев вели дека ќе се бара помош и од правните институции, да се најдат правни механизми за тоа што значи помирување, што значи простување.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG