Достапни линкови

ОТА гарантира дека „бомбите“ нема да се повторат


Зоран Ангеловски, претседател на ОТА и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Зоран Ангеловски, претседател на ОТА и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Од денеска и официјално почна да работи новата Оперативно-техничка агенција (ОТА). Надлежните тврдат дека таа ќе го штити безбедносниот интерес на граѓаните и ќе го спречи нелегалното прислушување во земјата.

Од денеска опремата со која располага Петтата управа на УБК се наоѓа во новата Оперативно-техничка агенција (ОТА), која според најавите ќе го спречи нелегалното прислушување во земјата. Од Министерството за внатрешни работи појаснуваат дека уредите преку кои се вклучува, управува и исклучува сигналот за следење на комуникациите, уредите преку кои се овозможува пристапот на органите до податоците од мобилните оператори и целата техничка координација за прислушувањето ќе биде под надлежност на ОТА. Агенцијата е таа која ќе може да ги вклучи уредите само тогаш кога ќе добие судска наредба од институцијата која бара прислушување. Притоа Агенцијата нема технички можности да прислушува.

Клучните забелешки од експертската комисија на Прибе се отстранети. МВР односно УБК немаат директен пристап до опремата за следење на комуникациите. Тие не знаат и немаат податоци за примената на посебни истражни мерки кои се на барање на другите овластени органи за следење на комуникациите и уште поважно МВР и УБК немаат никаков пристап до содржината на следената комуникација освен за оние мерки кои се на барање на управата и за кои постои одобрување од судот”, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Според Законот за следење на комуникациите, контролата покрај досегашната собраниска комисија, ќе ја вршат и други институции од кои еднaта ќе биде сосема ново тело – Совет за граѓанска контрола. Пратениците и понатаму ќе бидат контролен механизам кој ќе може да изврши надзор без најава, но покрај нив ќе контролираат и граѓанските организации и експертите. Советот за граѓанска контрола ќе го сочинуваат претставници од невладини организации. Овој Совет ќе постапува врз основа на барања на граѓани и фирми кои забележале незаконско постапување, односно злоупотреба на ПИ мерките, а за да изврши контрола во ОТА или во операторите.

Зоран Ангеловски, првиот човек на Агенцијата, кој со неа ќе раководи во следните пет години, денес изјави дека гарантира оти Агенцијата ќе го штити безбедносниот интерес на граѓаните на етички и транспарентен начин.

Ве уверувам дека не постои ниту теоретска, ниту практична можност за злоупотреба на механизмите. Одговорно тврдам дека нема да ни се повторат бомбите и дека нема да имаме нови вакви афери како во минатото. ОТА е максимално добро поставена, системот е тестиран, сѐ работи како што треба. Одговорно тврдам дека незаконско прислушување нема и нема да има”, изјави Ангеловски.

Инаку ОТА е сосема независно тело, односно има свој буџет. Засега работи само со седум лица, но предвидено е да има 25 вработени. Формирањето на новата агенција е дел од итните реформски приоритети во делот на безбедносните реформи. Таа доаѓа како резултат на препораките на експертската група на Рајнхард Прибе.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG