Достапни линкови

Прстот за „крвавиот четврток“ вперен кон УБК и ВМРО-ДПМНЕ


Судење за насилствата во Собранието на 27 април 2017. Обвинетите Александар Василевски Нинџа и Борис Дамовски
Судење за насилствата во Собранието на 27 април 2017. Обвинетите Александар Василевски Нинџа и Борис Дамовски

Александар Василевски – Нинџа, обвинет за насилствата во Собранието на 27 април минатата година, рече дека насилствата биле организирани од ВМРО-ДПМНЕ и дека тој работел по налог на УБК.

Наредбите за упадот во Собранието на 27 април минатата година доаѓаа од осмиот кат од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, тврдеше пред судот обвинетиот Александар Василевски - Нинџа. Тој во својата одбрана ги посочи како организатори и наредбодавци поранешните министри Митко Чавков, Билјана Бришковска – Бошковски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски за кој рече дека бил познат во партијата како „Благајник“.

Тој рече дека неполн час пред упадот во Собранието насоките за активностите биле диригирани од „парамилитарниот, односно командно-оперативен штаб“, кој бил сместен во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, каде што подоцна им се приклучил и тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски.

Атанасовски кој од притвор беше донесен во судницата да сведочи по барање на одбраната во своето конфузно излагање не одговори прецизно на ниту едно од прашањата на одбраната и на судијката Добрила Кацарска. Тој дури рече и дека не се сеќава точно на „саатницата на неговото движење“ на денот на крвавиот четврток, па додаде дека подетални информации за неговото движење може да даде неговото обезбедување. Откако не одговори на прашањата на судијката Кацарска за тоа какви мерки презел како директор на УБК и дека за деталите требало да се обратат во управата, судијката побара од судската полиција да го изнесат од судот.

Вратите на Собранието биле отворени оти не успеало првото сценарио

Претходно Василевски - Нинџа во судот посочи дека во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ја слушнал Бришковска како комуницирала со претседавачот на седницата Трајко Вељаноски и Илија Димовски, и дека на Вељановски му посочила да ги отворат вратите во Собранието, откако, како што вели, пратениците не го спровеле првото сценарио, односно не направиле тепачка во парламентот.

Според сведочењето на обвиниот Нинџа, Миле Јанакиески контактирал со пратеници и со еден од водачите на иницијативата „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски Бетмен, а Митко Чавков со Митко Пешов и со друг началник во СВР Скопје на кој им дал наредба за пасивна употреба на сила на полицијата.

„Од тука се координираше се што се случи на 27 април, како идеше масата така се добиваа подиректни наредби“, сведочеше Василевски.

Неговиот адвокат Ѕвонко Давидовиќ изјави дека ваквиот исказ неговиот сведок го дал уште на 14 јуни годинава во Јавното обвинителство.

„Ова само докажува дека она што го тврдиме а произлегува од доказите, дека ланецот на командување на МВР и хиерархијата од полициско командување се префрлени на партиско полициски структури и служби и дека во тој миг МВР останало обезглавено и дека партискиот врв, одредени луѓе ја презеле командата над МВР заради заштита на некои си свои интереси и некои свои политички права за кои мислеле дека ги имаат“ изјави Давидовиќ.

Александар Василевски Нинџа рече дека на состанокот бил до 19:15, а после добил наредба од УБК да ја следи ситуацијата и да известува што се случува, но дека не влегол во Собрание.

По неговото сведочење, во дел од медиумите некои од поранешните министри се јавија со демант. Поранешната заменик министерка за правда Бришковска за Дојче Веле изјави дека била запрепастена од невистините искази и демантира дека била дел од штабот на ВМРО-ДПМНЕ од кој се планирал упадот во Собранието.

Остатоците од хардисковите ги фрлија во Вардар

Василевски изјави и дека сведочел на уништувањето на хард дисковите од камерите од прес центарот во Собранието каде што настана и крвавиот инцидент. Тој сведочеше дека началникот на петтата управа Никола Бошковски наредил да се украдат и дека тој ги уништил на преса по што остатоците на крајот на вечерта ги фрлил во реката Вардар.

Сведочењето на Василевски и неговото движење за време на настаните на 27 април го делумно го потврдија и дел од сведоците кои ги повика одбраната, односно кумашинот на Нинџа, Веле Петрушевски и еден од сега поранешен разузнавач Дејан Димковски познат како Боксер.Тие изјавија дека обвинетиот Нинџа се познавал доста добро со Атанасовски, Бошковски и Грујевски, и потврдија дека биле со него во одредено време од настаните околу Собранието.

Боксер пак, од судската говорница потврди дека Нинџа бил соработник на службите под псевдоним Самурај и дека останал без работа токму поради настаните на тој ден.

„Морално, одговорно и кривично тврдам дека Нинџа влегол во база на УБК. Тоа можам да го потврдам лично за две негови посети кога го донесе Бошкоски. Дека Нинџа е соработник на УБК знаев од Бошкоски, а за тоа дека овој човек помагал во УБК, тврдам дека во институцијата има и документи. Две операции се реализираа благодарение на него. Во базата Нинџа го гледаа и многу други вработени во УБК”, вели Димковски со прекар Боксер.

Тој откри дека претпладнето на 27 април минатата година имал оперативна задача да извиди локација на 80 километри од Скопје на тежок терен каде што задачата ја извршувал со уште еден колега со мотори поради непристапноста на областа. За таа задача му се јавил и како што вели директорот кој се интересирал каква е состојбата.

Од УБК направија кочина

Тој зборуваше и за тоа дека тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски не застанал зад него и дека одговорните лица во оваа институција, како што рече сведокот, од УБК направиле кочина.

Како сведок се појави и братот на Нинџа, Благоја Василевски кој како вработен во шестатауправа на денот на настаните бил на службено патување со тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во Виена. Тој само посочи дека со Нинџа се слушнал за да праша за здравствената состојба на нивната мајка. Претходно, пак,во јавноста се зборуваше дека тој повик има врска со организацијата на настаните во Собранието.

Јавното обвинителство се откажа од вкрстено испрашување на сведоците на одбраната и честопати приговараше на прашањата кои ги упатуваа од обвинетите.

Нинџа пред судот тврдеше дека бил ангажиран од УБК во 2015 година од поранешниот началник на Петтата управа Горан Грујевски, му било ветувано вработување откако ќе заврши четврти степен средно образование а до тогаш му било дадено да располага со пиштол марка „Магнум 38“, значка со број 637и радио станица со 16 канали на која ги слушал комуникациите на МВР, а добивал и оперативно-технички и прикриени операции во Управата. Како што вели, имал задача да биде „очи и уши“ на Никола Бошковски од УБК, кој неодамна заедно со Грујевски избега од Македонија и беше уапсен во Грција.

Нинџа посочи и дека имал оперативно сознанија дека вечерта требало претседателот Ѓорѓе Иванов да прогласи воена состојба, но дека тоа не се случило затоа што, како што вели, добил информации дека имало голем притисок од странски фактор.

Кабинетот на Иванов негира

По ова со писмена реакција се јавија и од кабинетот на претседателот Иванов.

,,Во Кабинетот на шретседателот на Република Македонија никогаш ниту се разговарало, ниту се размислувало за прогласување на воена или вонредна состојба. Сметаме дека последното посочување на генералниот секретар на Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Борис Јосифовски, во функција на наводен план за прогласување на воена или вонредна состојба на 27 април 2017 година, е уште еден во низата очајни обиди за конструирање на сценарио за неосновано вмешување на Кабинетот на претседателот на Република Македонија и лично на претседателот на Република Македонија во настаните од 27 април 2017 година”, се вели во реакцијата.

Василевски обвини дека зад организацијата на протестите „За заедничка Македонија“ стојат фиктивни водачи кои земале пари за тоа од ВМРО-ДПМНЕ. Обвини дека и програмата на секојдневните активности за протестите кои траеа два месеци била пишувана и смислувана во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Од 33 обвинети за крвавиот четврток, Василевски познат како Нинџа е четврт кој во своја одбрана ги посочи организаторите, тврдејќи дека бил заведен од полициско партиските структури и дека тоа го правел затоа што мислел дека работи за државата. Претходните сведоци, пак, го посочуваа Нинџа како директен учесник во настаните врзани за инцидентите од „Крвавиот четврток“, а не како тој што се бранеше во Судот, дека „е повеќе сведок отколку директен иницијатор на настаните“.

Останатите обвинети се откажаа од правото за одбрана, односно молчеа во судницата за тоа дали има и каква е нивната поврзаност со инцидентите од крвавиот четврток.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG