Достапни линкови

Законот за амнестија при крај, многу работи нејасни


Архивска фотографија - Седница на Собрание на РМ
Архивска фотографија - Седница на Собрание на РМ

Во очекување на предлог законот за амнестија поврзан со случувањата на 27 април во Собранието многу работи остануваат нејасни. Според упатените, треба да се види неговата содржина, но најдобро е за амнестија да се зборува по завршувањето на судскиот процес.

Месец и половина откако премиерот Зоран Заев ја промовираше идејата за помирување деновиве се очекува да биде познат и предлог законот за амнестија. Но, во меѓувреме многу работи остануваат нејасни. Дел од нив се: кој од обвинетите за случувањата за 27 април во Собранието лани ќе биде опфатен со амнестијата, како на тоа ќе реагираат правосудните органи и како сето ова ќе се одрази понатаму врз општеството.

Засега од телото за помирување кое го подготви законот не откриваат никакви детали. Од она што јавно го кажа Заев, пак, тој може да прифати помирување за „сите што не учествувале во насилството на 27 април и не биле дел од организаторите внатре“. И самиот Заев и од владејачката партија постојано повторуваат дека сето ова не треба да се разбере како мешање во работата на правосудните органи.

Според поранешниот јавен обвинител Јован Трпеноски, со носењето на некаков закон за помилување се негира правосудниот систем, а за амнестија може да се зборува, но по завршувањето на правосудната постапка.

„Тогаш има можности - условен отпуст, поединечно помилување...Каква било интервенција сега, додека не заврши судскиот процес, практично е негирање на независноста на правосудството“, смета Трпеноски.

Пратеничката Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која е копретседавач со телото и се сретна со европратениците Дејвид Дејвид Мекалистер и Кнут Флекештајн рече дека тие го поддржуваат процесот, но не откри детали од предлог законското решение.

Според Владимир Божиновски, политички аналитичар од Институтот за политички истражувања Скопје, задоволувањето на правдата веќе е нарушен процес. Тој сепак, остава простор да се почека да се види законот.

„Но ако се создаде закон според кој оние што ги отворија вратите внатре во Собранието се амнестираат, а луѓето кои што влегоа поради тоа што вратите им беа отворени одговараат, за каков закон и за каква правда зборуваме“, вели Божиновски.

Инаку, амнестијата за 27 април е актуелна одамна и прво почна да ја споменува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тие поднесоа и предлог закон за целосна амнестија, но не беше прифатен од пратениците.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG