Во Собранието денеска продолжи втората фаза од расправата за уставните измени. На дневен ред е текстот на четири нацрт-амандмани на Уставот на Република Македонија, каде најспецифичен е првиот амандаман кој предвидува замена на зборовите „Република Македонија“ со зборовите „Република Северна Македонија“, и за чие усвојување е потребно обично мнозинство, односно гласовите на 61 пратеник. Осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, со чии гласови се исполни двотретинското мнозинство за отворање на уставните измени, на почетокот на денешната седница се изјаснија дека за денешните амандмани ќе гласаат „воздржано“ во интерес на, како што рекоа, јавната дебата, но условија и со барање за поддрѓка за нивниот амандман кој ќе го гарантира националниот идентитет во Уставот.
На почетокот на седницата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески, предложи да се тргне од дневен ред точката за утврдување на нацрт амандманите, што го поддржаа само 22 пратеници, со што предлогот беше одбиен.
Додека трае пленарната седница, околу 200 граѓани, во организација на иницијативата „Македонија блокира“, протестираат против уставните измени и промената на уставното име на Република Македонија. Тие пред почетокот на протестот реагираа дека „МВР прави провокации со тоа што металната ограда пред Собрание е поместена на средина од улицата со што е ограничен просторот на демонстрантите“
Кои измени се на дневен ред?
Текстот за нацрт-амандманите за уставните измени кои денес се на дневен ред пред пратениците ги презентираше премиерот Зоран Заев, кој на критиките од опозицијата одговори дека уставните измени не го загрозуваат идентитетот на државата и народот.
Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на "посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија".
Со вториот амандман се интервенира во Преамбулата на Уставот па зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додава „Охридскиот рамковен договор“.
Третиот амандман наведува дека “Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”, а четвртиот се однесува на иселениците и во него се предвидува дека “Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, a оти притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Што предвидува Деловникот - Обично мнозинство и ограничена расправа
По оваа, втора фаза, во која не се очекуваат големи поместувања, кон средината на јануари ќе следува последната фаза за која, пак, се потребни 80 гласа.
Пленарната седница може да трае 12 дена, бидејќи за секој амандман е предвидена дебата од три дена. Според Деловникот на Собранието, на денешната седница “по текстот на предлогот на секој амандман на Уставот се води општ претрес и претрес по текстот кој може да трае најмногу три работни дена”. Пратениците имаат ограничено време на зборување, па така може да зборуваат повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот, пак, во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно. Потоа Собранието се изјаснува одделно за секој амандман на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Постапката за пристапување кон уставни измени почна на 19 октомври со 80 гласови ЗА и 39 против. Двотретинското мнозинство беше обезбедено со гласовите на осумте пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив обвинети во случаи на СЈО и за настаните од 27 април.