Достапни линкови

Кој се ќе гласа за уставните амандмани


Архивска фотографија- Гласање за уставни измени во Собрание
Архивска фотографија- Гласање за уставни измени во Собрание

В сабота собранието со обично мнозинство треба да гласа за текстот на нацрт амандманите на Уставот. По оваа, втора фаза, во која не се очекуваат големи поместувања, кон средината на јануари ќе следува последната фаза за која, пак, се потребни 80 гласа.

За четирите уставни амандмани да поминат на гласањето во сабота на пленарна седница е потребно обично мнозинство од 61 пратеник, но тоа ќе биде индикатор за позиционирањето на другите осум пратеници по приведувањата на неколкумина поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ, оценуваат упатените.

Истовремено, со ваквите очекувања, се најавува и можна поддршка од уште неколкумина пратеници од опозициската коалиција, но засега никој официјално не прогнозира за можните гласови в сабота.

Според поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски, важно за бројот на гласови ќе биде телото за помирување.

“Убеден сум дека има рационално решение, да се излезе во пресрет на суштинското барање на осумте пратеници а истовремено да не се доведе во прашање функционирањето на правната држава” вели Петковски.

На седницата закажана за први декември во 11 часот се четирите амандмани кои влегоа се во собраниска процедура на 19 октомври. Тогаш се собра двотретинско мнозинство за да ја изгласа потребата од отворање на Уставот.

Потоа следуваше дебата во уставната комисија на која се усвои и нацрт текстот на амандманите. Во нив претходно беа вградени и забелешките на осумте пратеници од опозицијата кои гласаа “за”.

Што содржат амандманите?

Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на "посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија".

Со вториот се интервенира во Преамбулата на Уставот па зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додаваОхридскиот рамковен договор.

Третиот амандман наведува дека “Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”, а четвртиот се однесува на иселениците и во него се предвидува дека “Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, a оти притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Ограничено време за дебата

Според Деловникот на Собраните на саботната седница “по текстот на предлогот на секој амандман на Уставот се води општ претрес и претрес по текстот кој може да трае најмногу три работни дена”. Пратениците имаат ограничено време на зборување, па така може да зборуваат повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот, пак, во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно. Потоа Собранието се изјаснува одделно за секој амандман на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Петковски не очекува опозицијата да ја попречува работата на Собранието.

“Не верувам дека ќе постигнат некој поголем политички ефект ако прават одолговлекување, попречување и опструкција оти се свесни дека тоа Собрание веќе го има потребното мнозинство за промена на Уставот” вели Петковски.

Од кога ќе помине оваа фаза уставните амандмани повторно одат на дебата во Комисијата за уставни прашања. По завршувањето на таа процедура и на предвидената јавна дебата, амандманите, пак, доаѓаат на пленарна седница. Таа се очекува да се одржи некаде кон средината на јануари. Според деловникот и за ова гласање повторно ќе биде потребно двотретинско мнозинство, односно најмалку 80 гласа.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG