Достапни линкови

На ред вметнувањето на Рамковниот договор во Уставот


Собрание на РМ
Собрание на РМ

На денешната расправа во Комисијата за уставни прашања на ред е вториот нацрт-амандман за промена на Уставот. Освен обврските кои произлегуваат од договорот од Преспа, во Преамбулата на Уставот треба да биде вметнат и Охридскиот рамковен договор.

Вториот нацрт-амандман со кој во Преамбулата на Уставот одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор е на дневен ред во Комисијата за уставни прашања. Во првичните амандмани кои ги предложи Владата во октомври, Охридскиот рамковен договор не беше спомнат, а прв во јавноста дека се разговара и за ова прашање откри вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Во услови кога се дефинираат конститутивните елементи, на сите ни е јасно дека четврти конститутивен елемент е Охридскиот рамковен договор, вели Османи во интервју за Радио Слободна Европа кое целосно ќе го емитуваме в недела.

„Четвртиот конститутивен елемент на оваа држава, покрај Крушевската република, АСНОМ и Осми септември е и Охридскиот рамковен договор. Знаете, цело е кога има сè и затоа беше општата констатација дека во ова дефинирање на конститутивните елементи да се додаде Охридскиот рамковен договор без притоа тоа да се смета како некое етничко барање. Едноставно, констатација на реалноста. Охридскиот рамковен договор ги дава основите за меѓуетничките односи, за решавање на конфликтите по ненасилен пат и мислам дека само ја гарантира и ја обезбедува државата во периодот што доаѓа“, вели Османи.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељановски, за време на расправата за уставните амандмани, истакна дека премиерот Зоран Заев не го спомнал воопшто вметнувањето на Охридскиот рамковен договор.

Не го спомнавте Охридскиот рамковен договор во предлогот за пристапување кон измени на Уставот. Не го спомнавте. Кажа Бујар Османи дека ќе биде внесен Охридскиот рамковен договор, вие излеговте и рековте – не“, рече Вељановски.

Неговиот колега Илија Димовски предложи дополнително да бидат вметнати и три историски документи во преамбулата на Уставот. Тој побара да се додадат Правилата на македонскиот востанички комитет на Македонското кресненско востание од 1878, Уставот на ТМОРО од 1896 и Уставот од 1991 година.

На прашањето дали од вметнувањето на Охридскиот рамковен договор најмногу политички поени одат на контото на ДУИ, Османи истакнува дека тоа не е случај и оти политички поени се добиваат кога за граѓаните се прави нешто конкретно и корисно.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG