Достапни линкови

Правни сопки и тапани на стартот на судењето за „крвавиот четврток“


Судски процес за насилствата на 27 април
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:30 0:00

Судски процес за насилствата на 27 април

Почна судењето на обвинетите за крвавиот четврток од 27 април минатата година. Додека адвокатите на одбраната бараа одложување на расправата зашто не им биле доставени сите докази, група поддржувачи на обвинетите протестираше пред судот.

Сите 33 обвинети за минатогодишниот „крвав четврток“ во Собранието седнаа на обвинителните клупи. На 31 од нив им се суди за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, а двајца за помагање на делото. Првично обвинителниот акт беше за 30 луѓе, но потоа кон него се додадени и имињата на Александар Василевски – Нинџа, Никола Митревски - Кољо и на Митре Питроповски.

Од обвинетите, 11 луѓе се во притвор, 13 се во куќен притвор, а за осум има мерки за претпазливост и гаранции. Само една од обвинетите е жена, собраниската службеничка Елена Доцевска-Божиновска.

Пред судот имаше поддржувачи и роднини на обвинетите. Поддржувачите на еден од обвинетите, пратеникот Крсто Мукоски, дојдоа придружувани со зурли и тапани, а тапаните биеја за време на речиси целото рочиште.

Најмногу овации од присутните добија водачите на здружението „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Борис Дамовски, Владо Јовановски, додека доаѓањето на поранешниот прв човек на БЈБ, Митко Чавков, помина и речиси незабележително. Бурно беше дочекан и пратеникот Јохан Тарчуловски.

Во судницата дел од адвокатите на одбраната повеќе часови приговараа дека не им биле доставени сите докази и бараа расправата да биде одложена, но тоа не го дозволи судијката во овој случај, Добрила Кацарска.

Обвинителки се Вилма Русковска и Гордана Смаќовска.

Обвинителката Русковска рече дека некои записници не се пратени, но дека тоа било техничка грешка и дека тие ќе ѝ бидат доставени на одбраната. Русковска на еден од адвокатите му рече дека ја замајува јавноста и дека сите имале рок од 15 дена да вршат увид во доказите.

Адвокатите на пратениците кои се во домашен притвор, а кои не се од Скопје и до главниот град патуваат со часови, побара пауза за ручек.

Дел од обвинетите се изјаснија дека имаат промени во нивните лични податоци, како сменети адреси, или пак имало погрешно напишани имиња, а обвинетиот Игор Југ, се изјасни дека не е Македонец, туку е Хрват, но не побара преведувач, туку се извини ако при говорењето зборува лошо.

Судијката Кацарска ги замоли присутните да се однесуваат достојно во Судот, оти како што рече, овој процес будно го следи како домашната, така и меѓународната јавност.

Судењето го следеа и блиски на обвинетите, но поради технички проблеми, односно лошо озвучување, дел од процесот не можеше да се слушне, за што негодуваат и роднините на обвинетите и новинарите.

Обвиненија за собранискиот ќотек - Заев на нишан, бомби во Собрание

Обвинителството поднесе обвинение за овој случај на 27 март годинава. Тогаш од Обвинителството рекоа дека кон тогашниот пратеник, а сегашен премиер Зоран Заев не пукале на 27 април минатата година, иако го имале на нишан, затоа што пред него имало луѓе. Дел од оние што упаднаа во Собранието во две канцеларии во Законодавниот дом поставиле импровизирани експлозивни направи, а напаѓачите користеле сè што ќе им дошло при рака за да извршат насилство, рекоа тогаш од Обвинителството за организиран криминал.

„Опсежната истрага утврди и ве уверувам дека во судската постапка ќе се докаже дека обвинетите дејствувале со иста цел, извршувајќи поврзани и усогласени дејствија на битието на кривичното дело“, изјави тогаш државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Според Обвинителството, обвинетите ги загрозиле уставниот поредок и безбедноста со акт на насилство и создале страв кај граѓаните на денот кога се избираше Талат Џафери за претседател на Собранието.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG