Достапни линкови

Година по 27 април, се чека на правдата


Аналитичарите се согласни дека по таканаречениот крвав четврток во Собранието многу работи на политичкиот план се сменети. На правната разврска, пак, се уште се чека.

Од конфликт кој можеше да прерасне во посериозна безбедносна закана, до земја која сега има успеси, но можеше да се направи и повеќе. Вакви се оценките на дел политички аналитичари за тоа што се случи од крвавиот 27 април лани до сега, кога се навршува точно една година. Аналитичарот Џељаљ Незири оценува дека можело повеќе да се направи во однос на забрзување на реформите и поинакво практикување на власта.

Мислам дека тоа се двете грешки на оваа владина гарнитура која до некаде се приспособи на методите на практикување на власта од претходната гарнитура во однос на партиски вработувања и непотизам“, вели Незири.

Крвавиот четврток во Собранието и по него
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:15 0:00

И тој слично, како и речиси сите странски политичари кои доаѓаат во земјава оценува дека земјава тогаш беше на раб на конфликт кој можеше да прерасне во посериозна криза. Идентичен вокабулар опишувајќи ги настаните на 27 април во Собранието употреби и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, повторувајќи ја шокираноста од случувањата, а и високата европска претставничка Федерика Могерини не пропушти да ги спомене при посетата на Скопје.

Десетина дена по крвавиот четврток Зоран Заев, тогаш од партиското седиште, се уште во очекување претседателот Ѓорге Иванов да му го даде мандатот за состав на владата, рече дека мора да има национално, политичко и партиско помирување.

„Ние имаме политички непријател, други немаме. Тоа апсолутно значи дека секој ќе оди на суд и ќе си понесе одговорност, но мораме меѓусебно да си ја испратиме пораката за простување ако сакаме да соработуваме“, рече Заев.

Се чека на целосна правна разврска

До понесувањето одговорност, пак, делумно е стигнато. Дел од учесниците набрзо по настаните беа осудени за учество во толпа. Одвоена судска постапка за обид за убиство се води за најтешко повредениот пратеник, Зијадин Села.

Минатиот месец обвинителството, во друга постапка, подигна обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок против 28 луѓе, а двајца заработија обвинение за помагање на делото. Од обвинителството тврдат дека така наречениот „крвав четврток“ бил координирана акција во која се обвинети пратеници, високи структури во МВР, организатори на протести. Судскиот процес се уште не е почнат.

„Судските процеси траат и ретко кој брзо завршува. Во Македонија ние ги имаме проблемите со должина на постапката и не само во вакви, туку фактички во сите процеси“, вели поранешната судијка во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца - Николовска.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за пресметки

ВМРО-ДПМНЕ останува на тврдењето дека се работи за пресметка на Заев со политичките неистомисленици. Партијата го бојкотираше Собранието поради притворот за шест нивни пратеници кои подоцна беа пуштени од затворскиот притвор. Пет од нив, според обвинението ги отвориле вратите и ги насочувале лицата со фантомки и другите граѓани кон пленарната сала и кон прес-центарот во Собранието.

Опозицијата сега се врати во Парламентот, но често провејуваат нивните изјави за амнестија иако формално партијата тоа го нема побарано. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Радио Слободна Европа рече дека тие дале сугестии од премиерот во насока на државнички чин.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG