Достапни линкови

Опозицијата бара демократска атмосфера во Собранието


Архивска фотографија - Собраниска седница.,
Архивска фотографија - Собраниска седница.,

И натаму не е јасно кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се вратат во Собранието и покрај најавите на собранискиот спикер Џафери дека тие се блиску до таков чекор. Ставот на опозицијата е дека е потребна демократска атмосфера во Собранието, за чие создавање е одговорно мнозинството.

ВМРО-ДПМНЕ не разговара со парламентарното мнозинство за Законот за јазиците, а нејзините пратеници не учествуваат во работата на Парламентот, бидејќи како што велат од партијата, во него нема соодветна демократска атмосфера.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека неговата партија не се договорила со владејачкото мнозинство да се врати во Собранието и да се изгласа Законот за јазици, а за возврат да бидат ослободени притворените за настаните во законодавниот дом на 27 април.

Според него, се работи за шпекулација. Мицкоски по средбата со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, напомена и дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот Законот за јазици да се повлече.

Претходно портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски на прашањето кои се барањата на опозицијата за нејзино враќање во Парламентот, вели дека ќе учествуваат тогаш кога ќе се создаде демократска атмосфера.

„За тоа најголема одговорност има мнозинството“, вели Котевски.

Коментарите доаѓаат откако на вчерашен брифинг со новинарите претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека опозицијата е блиску до враќање во Собранието.

Џафери истакна дека завршува постапката во институциите поради која ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа во Собранието и, како што рече, по тој основ нема да постојат аргументи за потребата на пратениците на опозицијата да бидат надвор од Парламентот.

Опозициската партија од средината на декември не учествува во работата на македонското Собрание, откако претходно на шестмина нејзини пратеници им беше определен притвор за случувањата во Парламентот од 27 април минатата година.

Оттогаш тие беа во пратеничките клупи само за редовното годишно обраќање на македонскиот претседател Ѓорге Иванов и за обраќањето на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Опозицијата не преговара за Законот за јазиците

Во однос на прашањето за Законот за јазиците, односно дали има простор за договор на ВМРО-ДПМНЕ со владејачкото мнозинство, Котевски вели дека Законот за јазиците не е дел од преговорите.

Џафери на брифингот со новинарите рече дека комуницираат со претставници на ВМРО-ДПМНЕ за решавање на прашањето за Законот за јазиците и дека смета оти во наредните денови ќе има решение на ова прашање.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека на работните групи во Собранието во кои учествува партијата, не се разговара за, како велат, законот за двојазичност.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сметаат оти законот за двојазичност излегува надвор од Уставот, дека е неприменлив и дека носи ризици кои можат да предизвикаат далекусежни последици, а не придонесува кон поголема кохезивност во македонското општество.

Џафери на вчерашната средба со новинарите рече дека оти се блиску до решение и дека работат на тоа да не се блокира работата на Собранието, потенцирајќи дека расправа по бројните амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ не е решение, бидејќи како што рече, тоа значи блокада на Парламентот.

Од ВМРО-ДПМНЕ повикуваат законот да се повлече и да се стави во поширока дебата во која ќе учествуваат експерти, истакнувајќи дека не смее вакви чувствителни прашања да се носат во скратена процедура без соодветна дебата.

Од партијата велат дека нивните конструктивни барања не наишле на соодветен прием и поради тоа нивната пратеничка група предложила амандмани за да се коригира спорната содржина:

„Очекуваме Собранието да го почитува деловникот и Законот за собрание и да ги разгледа предложените амандмани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Законот за употреба на јазиците, на чие усвојување претседателот Ѓорѓе Иванов стави вето, е во трето читање откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе 35.576 амандмани.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG