Достапни линкови

Џафери - Наскоро ВМРО-ДПМНЕ нема да има аргументи за бојкот


Архива: Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери.
Архива: Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери.

Постигнат е договор пратеничките групи и европски претставници во март да одржат средба во рамки на политичкиот дијалог „Жан Моне“, информираше претседателот на Собранието Талат Џафери на средба со новинарите. Тој истакна дека амандманска расправа за Законот за јазиците не е решение на прашањето.

Постои политички дијалог на сите нивоа, со сите политички партии во однос на законите за чие донесување е потребно двотретинско мнозинство, информира претседателот на Собранието Талат Џафери на денешениот брифинг со новинарите. Тој изјави дека работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ работат на усогласување околу мислењата за законот за заштитени сведоци, а оти деновиве се очекува и конечна одлука за тоа прашање.

Тој зборуваше и за најавената средба во рамките на политичкиот дијалог „Жан Моне“, за Законот за јазиците, како и за потребата за независно буџетирање на Собранието.

Дијалогот „Жан Моне“ во март или во мај?

Џафери наведе дека пратеничките групи на сите политички партии одржале неколку средби со европратеницте Иво Вајгал, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, кои пред два дена ја посетија Македонија, на кои првично бил постигнат договор да биде одржана средба од 15 до 17 март во Охрид во рамки на дијалогот „Жан Моне.“

Тој додаде дека алтернативно ќе им биде јавено од Брисел ако средбата биде одложена во мај, доколку се случи да не може да биде обезбедено присуство на видни личности кои се планирани да присуствуваат на средбата, како експерти, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан или високи претставници на Европската комисија и други европски институции.

Блиску до решение за Законот за јазици

Во однос на решавање на прашањето за Законот за јазиците Џафери рече дека бараат излез од ситуацијата, дека комуницира со претставници на ВМРО-ДПМНЕ кои се подносители на бројните амандмани, дека разговарал со европски претставници за прашањето.

Тој рече дека смета оти во наредните денови ќе има решение за ова прашање, дека работат на тоа за да не се блокира работата на Собранието, но оти се блиску до решение.

Тој сепак на прашањето дали ќе има амандманска расправа за Законот за јазиците истакна дека расправата по амандманите не е решение, бидејќи тоа значи блокада на Парламентот.

Во однос на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ брзо ќе се врати во Парламентот, Џафери рече дека посакуваат ВМРО-ДПМНЕ што побрзо да се врати во Собранието и дека работат во тој правец.

Тој рече дека завршува постапката во институциите поради која ВМРО-ДПМНЕ не учествува во Собранието и според него по тој основ нема да постојат аргументи за потребата на пратениците на опозицијата да бидат надвор од Собранието.

Џафери рече дека деновиве се очекува да завршат процедурите во институциите и дека колку побрзо таа заврши толку побрзо ќе се создадат услови да се врати опозицијата во Собранието и дека се блиску до тоа.

Џафери додаде дека е дадена можност координаторите на пратеничките групи до европската канцеларија, покрај првично договорените теми, да предложат и други теми за дијалог, но дека приоритети ќе бидат Планот 3-6-9 и Деловникот на Собранието.

Тој рече дека во рамки на дијалогот ќе се дискутира прашањето за Деловникот, бидејќи е констатирано оти постои недостаток и нецелосно толкување на неговите одредби, според искуството од минатата година, а во смисла на времетраењето на седниците или злоупотребите и двојното толкување на одредбите.

Исто така Џафери изјави дека ќе се дискутира Етичкиот кодекс кој се однесува на односите и поведението на пратениците во насока на тоа кои се нивните должности и одговорности и нивниот однос со јавноста, како и извештајот на Прибе и констатациите дека Собранието не може целосно да ја извршува својата надзорна улога врз другите институции.

Потребно е независно финансирање на Собранието

Во оваа насока Џафери наведе дека во претходните дебати дошле заклучоци оти не може да постои собраниска контрола, ако Собранието не е независно. Тој посочи дека во моментов Собранието е зависно во однос на донесувањето на Буџетот од страна на Владата, бидејќи како и за другите институции министерот за финансии има право да крати дел од средствата на Собранието.

Џафери рече дека една од потребите е независното буџетирање, а втората е од аспект на внатрешната безбедност на Собранието. Тој истакна дека внатрешното обезбедување на Собранието зависи и е под контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР), а дека во пракса во одредени моменти некој „од горе“ по телефон му наредува на обезбедувањето како да постапува, укажувајќи на примерите од минатото кога пратенци се вадени од салата. Тоа е недозволиво, рече Џафери.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG