Тоа што пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски присуствува на собраниската седница на чиј дневен ред е неговата предлог одлука за објавување на јавен оглас за избор на членови на ДИК, не ја менува одлуката на партијата да не учествува во работата на Собранието, сè додека, како што велат, власта не создаде услови за функционирање на правната држава. Милошоски вели дека Македонија е единствената земја во Европа без ДИК, а со фактот што повеќе од 30 дена не е комплетирана оваа комисија, Собранието го крши Изборниот законик.
„Она што во меѓувреме се случува во собранието, е дека има интервенции од министер во Владата од СДСМ којшто ургира кај пратениците од владејачкото мнозинство или да не ја изгласаат или да ја тргнат од дневен ред и да ја одложат за некоја наредна седница. Со тоа ќе се покаже едно лицемерно однесување, спротивно на законот, бидејќи ДИК е важна установа која не се занимава само со избори, туку и со ажурирање на избирачки список, можни референдуми, со трагични настани доколку не дај Боже нешто му се случи на некој пратеник, градоначалник, претседател и др. и ДИК треба секогаш да биде комплетна“, вели Милошоски.
ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да присуствува на собраниските седници, со исклучок на расправата за законот за употреба на јазиците, за кој оваа група поднесе повеќе од 35 илјади амандмани. Милошоски вели дека нема да присуствуваат во работата на Собранието, сè додека не се содздадат услови за функционирање на правната држава и уважување на улогата на опозицијата во парламентот.
„Собранието се претвора во машинерија за гласање на законите коишто ги предлагаат Владата и владејачкото мнозинство по скратена постапка. Две третини од законите кои досега поминале во Собранието се донесени по скратена постапка, а Владата најавуваше дека секогаш ќе има дебата, ќе се чуе другото мислење итн. Гледате дека нема ништо од тоа. Во такви околности, сметаме дека ова прашање и целокупното учество и ефикасноста на собранието е она што треба да го одговори владејачкото мнозинство, дали е подготвено да создаде услови за учество на сите граѓани во собраниските одлуки“, вели Милошоски.
И од движењето БЕСА, кое има пет пратеници во македонското собрание, велат дека нема да има промена во начинот на кој ќе дејствуваат таму.
„Пратеничката група на Движењето БЕСА и понатаму ќе продолжи да присуствува на седниците во Собранието се со цел да го заштити интересот на Албанците и на сите други граѓани и ќе даде придонес за периодот на значајни реформи низ кои поминува земјата. Cè додека некој од пратеничката група не се изјасни дека припаѓа на некоја друга политичка партија, таа формално останува пратеничка група на Беса“, велат од БЕСА.
По двонеделна пауза од пленарни активности поради службени патувања на пратениците, Собранието денеска го одржува второто продолжение на 26-тата седница, а по неа и 34-тата седница.
Пратениците ќе расправаат по предлог изборот на потпретседатели на Собранието, поднесен од група пратници, предлог-одлуката за објавување на јавен оглас за избор на претседател, потпретседател и шест членови на ДИК, предлогот за разрешување на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Предвидена е и расправа по предлог-законите за дополнување на Законот за судовите, за изменување и дополнување на законите за заштита на укажувачи, за народниот правобранител, сите во второ читање, за изменување и дополнување на Изборниот законик и на Законот за градење, двата по скратена постапка. Пратенците ќе ги разгледуваат и дополнувањата на законите за вработените во јавниот сектор, за Управата за јавни приходи, за придонеси од задолжително социјално осигурување, за даночна постапка, за сигурност во железничкиот систем, по скратена постапка.