Достапни линкови

ЕУ балканска стратегија: Реформи и решавање на споровите


Високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан
Високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан

Стратегијата за проширување на ЕУ за Западен Балкан е составена од 6 иницијативи кои се однесуваат на владеење на правото, безбедност и миграции, социјално-економскиот развој, транспорт и енергетска поврзаност, како и дигитална агенда и помирување и добрососедски односи. Но, како што порачаа од ЕУ, освен реформите, потребно е и решавање на отворените прашања.

Со шест водечки иницијативи преточени во 57 конкретни акции, ЕУ ќе ги насочува земјите од Западен Балкан во нивниот интегративен процес. Тие се составен дел од Стратегијата за проширување на ЕУ за Западен Балкан која беше претставена од страна на високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан во Стразбур, Франција. Иницијативите се однесуваат на владеење на правото, безбедност и миграции, социјално економскиот развој, транспорт и енергетска поврзаност, како и дигитална агенда и помирување и добрососедски односи.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, по претставувањето на стратегијата рече дека таа многу јасно ја нагласува иднината на регионот, која е во ЕУ. Стратегијата, според него, поставува амбициозна временска рамка за дадените насоки до 2025 година, а како ќе напредуваат земјите зависи од нивните сопствени заслуги.

Македонија, како што посочи, остварила значаен напредок во изминатите месеци во однос на реформите, а во стратегијата е наведено оти Европската комисија е подготвена да ги започне преговорите за пристапување на земјата во ЕУ. Во однос на спорот за името со Грција, Жбогар рече дека добрососедските односи се еден од основните принципи на ЕУ.

Сите овие прашања и проблеми треба да се решат како што стои во стратегијата пред новите земји да влезат во ЕУ. ЕУ нема да внесе отворени прашања, нема да прифати земји кои имаат отворени прашања“, рече Жбогар.

Во таа насока, според него, охрабрувачки е договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, како и преговорите со Грција, при што сите отворени прашања може да се решат преку дијалог. Има атмосфера за решавање на проблемот, додаде Жбогар и изрази уверување дека процесот успешно ќе заврши.

Хан рече дека ова е историска можност за регионот и дека посочениот временски рок е амбициозен, но и остварлив. Но, и тој потенцира дека тоа нема да се случи доколку земјите не ги затворат отворените прашања.

„Јасните пораки содржани во оваа стратегија се дека ЕУ и нејзините земји членки никогаш нема да прифатат нови земји членки кои ги немаат разрешено своите билатерални отворени прашања и конфликти“, порача Хан.

Могерини посочи дека реформите се потребни со цел граѓаните на Западен Балкан да ги уживаат ситите права како оние од ЕУ. Според неа, рокот од 2025 година не е краен датум, туку перспектива и следат месеци на интензивна работа.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG