Достапни линкови

Обвиненија за собранискиот ќотек - Заев на нишан, бомби во Собрание


Обвинети 30 луѓе за „крвавиот четврток“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Обвинети 30 луѓе за „крвавиот четврток“

Јавното обвинителство поднесе обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок против 28 луѓе, а двајца заработија обвинение за помагање на делото. „Крвавиот четврток“ била координирана акција. Обвинети се пратеници, високи структури во МВР, организатори на протести...

Кон тогаш пратеникот, а сегашен премиер Зоран Заев не пукале на 27 април минатата година, иако го имале на нишан, затоа што пред него имало луѓе. Дел од оние што упаднаа во Собранието во две канцеларии во Законодавниот дом поставиле импровизирани експлозивни направи, тие користеле сè што ќе им дошло при рака за да извршат насилство, велат во Обвинителството.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Кривичниот суд Скопје, 11 месеци по настаните во Парламентот, поднесе обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок против 28 луѓе, а двајца заработија обвинение за помагање во терористичко загрозување за насилствата во Собранието.

Првично беа осомничени 35 луѓе, но за четворица е прекината постапката оти не се достапни на правдата, а за пратеничката Жаклина Пешевска постапката е запрена, бидејќи Обвинителството не нашло докази дека сторила кривично дело.

Обвинетите го загрозиле уставниот поредок со акт на насилство и создале чувство на несигурност и страв кај граѓаните, рече државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

„Опсежната истрага утврди и ве уверувам дека во судската постапка ќе се докаже дека обвинетите дејствувале со иста цел, извршувајќи поврзани и усогласени дејствија на битието на кривичното дело“, вели јавниот обвинител.

Обвинетите дејствувале усогласено при насилното влегување во Собранието и потоа во насилствата за да оневозможат да се избере претседател на Собранието, а со тоа загрозиле животи на пратеници, новинари, овластени службени лица и на вработени во законодавниот дом, рече Елизабета Недановска, самостоен советник во ЈО.

„Во прес- центарот додека траело насилството и нападот од страна на обвинетите, еден од обвинетите се насочил кон оштетениот пратеник Зоран Заев, посегнал по пиштолот кој го носел со себе, но не пукал зошто во тој момент пратеникот бил заштитен од обезбедувањето и од други присутни лица“, рече Недановска.

Обвинети се тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков и двајца началници во МВР, кои ја имале златната и сребрената команда во штабот на МВР. Тие се обвинети поради тоа што иако знаеле, не дале наредба за посебни и специјални сили, како и за евакуација на Собранието. Десет души се обвинети затоа што едниот од нив добил наредба дека акцијата може да почне по што организирале поголема група на луѓе на кои им донеле фантомки и заедно со нив се упатиле кон Собранието каде што веќе имало толпа народ кој протестирал. Четворица од иницијативата „За заедничка Македонија“ (Богдан Илиевски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Владо Јовановски) ги повикале граѓаните со потпалувачки говори да влезат во Собранието.

Пет пратеници (Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Трчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов) и тројца од собраниското обезбедување ги отвориле вратите и ги насочувале тие со фантомки и другите граѓани кон пленарната сала и кон прес-центарот во Собранието.

Еден од пратениците претходно се чул телефонски со еден од демонстрантите кои биле пред вратите на Собранието, по што им ги отвориле вратите. Други двајца од собраниското обезбедување и еден од Агенцијата за разузнавање исто така ја насочувале толпата во Собранието. Двајца од УБК се обвинети за помагање поради тоа што ги одзеле снимките од собраниските камери, велат од Обвинителството.

Обвинителот не откри кој ги нарачал насилствата.

Обвинителството останува на барањето да им се продолжат мерките притвор и куќен притвор на обвинетите.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG