Неизвесните политички преговори за тоа кој и како треба да години криминалци од функционерските редови влијае негативно врз перцепцијата и довербата на граѓаните во владеењето на правото. Последните анкети кои ги објавија македонските медиуми покажуваат драстично намалување на довербата на граѓаните во Специјалното јавно и редовното обвинителство како и во судовите.
Од друга страна и развлекувањето на судските процеси како и повторувањето на постапките дополнително го нарушува угледот на институциите надлежни за правдата во земјава. Специјалното јавно обвинителство во последниот извештај се пожали дека една четвртина од вкупниот број судски рочишта се одложени расправи.
Рекордер во одложени рочишта е предметот Тотал каде што од седум закажани – седум се одложени, најчесто поради здравствени причини на некој од странките. Високото второ место го држи предметот Тврдина 2 каде што сите 5 закажани рочишта биле одложени, додека по него следува Насилство во Општина Центар, при што 10 судски рочишта се одложени, а само 8 се одржани. Во Топлик на пример состојбата е пата- пата, 5 одржани и 5 одложени рочишта. Следен во оваа низа е предметот Таргет Тврдина за кој од 11 те закажани се одржани само 6 рочишта додека 5 се одложени.
Од вкупно 308 расправи по предмети водени од Специјалното јавно обвинителство што во текот на 2018 година ги мониторирала коалицијата „Сите за правично судење“, одложени биле вкупно 98 главни расправи, или речиси една третина, додека на 210 биле преземени дејства од страна на странките во предметите.
Триста, Транспортер и Титаник 3 годинава почнуваат повторно од почеток.
„Поради промена на судскиот совет главната расправа за овој предмет на рочиштето на 28.03.2018 година започна одново, со тоа што на предлог на судот а во согласност до наша страна и од страна на одбраната се пристапи кон читање на воведниот говор, како и на исказите на сите сведоци што беа испитани во текот на главната распава“, се вели во последниот полугодишен извештај на СЈО.
Претседателот на Судот Иван Џолев не гледа вина во Кривичниот суд за одложувањето на рочиштата за дел од предметите на СЈО.
„Напротив, мислам дека е брза динамиката со која се закажуваат рочиштата за предметите на СЈО“, рече Џолев пред новинарите на последниот брифинг.
Тој додаде дека не може споредбата да се направи со судскиот тек за насилството на 27 април каде што рочиштата беа закажувани по неколку во неделата и трае долго, затоа што, како што вели таму станува збор за приведени кои полициски се спроведуваат во судот.
„Рочиштата за предметите не се одложуваат поради Судот, туку странките во предметите. Честопати одбраната со медицински белешки бара одложување или едноставно не се појавил некој од обвинетите, и тука нема место за друг потег освен одложување. Обвинетиот го болело стомак или средното уво, имал висок притисок и слични оправдувања кои се заведени во медицински белешки“, додава Џолев.
Додека голем дел од обвиненијата на СЈО се заглавени во судски процеси во доказна постапка, иднината на ова обвинителство ја кројат политичарите. Неколку пати досега власта излезе со спротивставени ставови за тоа до каде се преговорите без при тоа да откријат детали. Премиерот Зоран Заев настапуваше оптимистично истакнувајќи дека преговорите траат и очекува набрзо решение додека пак неговата соработничка, министерската за правда Рената Дескоска неколку пати излезе со обвинување до опозицијата за неконструктивност и обиди за поткопување на предметите со затскриена амнестија за дел од поранешните функционери.
Заев побара да не се правата Филмови и фантастични очекувања а тоа го оправдува со фактот дека граѓаните не му дале двотретинско мнозинство на парламентарните избори, така што, соодветно на тоа мнозинство, ќе се одреди какво решение ќе се носи за СЈО.
„Извинете вака, значи мора да ги расчистуваме работите за тоа што се создаваат филмови и фантастични очекувања кои што, апсолутно, според мене, не се реални. Прво, самиот систем во Република Северна Македонија е поставен на двотретинско одлучување. За да може да носиме одлука, треба граѓаните да кажат, преку гласање, што очекуваат. Тие никому не му дадоа двотретинско мнозинство, за да може да испратат таква порака. Значи, еден дел, мнозинството граѓани одлучиле така како што одлучиле. Еве, мене ми дадоа, како носител на една политичка опција 49 пратеници, на мојот политички опонент му дадоа 51 пратеник. Оттука, очекувањата така треба и да ги димензионираме“, изјави Заев.
ВМРО ДПМНЕ не отстапува од барањето да запрат сите истраги отворени по 30-ти јуни 2017 година датумот кога според законот истече рокот од 18 месеци за покренување на нови истраги кои произлегуваат од прислушуваните материјали. Опозицијата смета дека инкорпорирањето на СЈО во редовното обвинителство треба да биде во форма на одделение во рамки на Обвинителството за организиран криминал.
Како најголема пречка во непостигнувањето договор меѓу власта и опозицијата според пишувањето во медиумите е токму специјалната обвинителка Катица Јанева.
Опозицијата нуди модел – советот на јавни обвинители да добие три имиња со консензус од Собранието, па тие да го изберат идниот специјален обвинител, по истекот на мандатот на Јанева, од друга страна пак власта е децидна – Заев не се откажува од Јанева.
Во меѓувреме меѓународната заедница одблизу ги следи преговорите. Последната порака од шведскиот амбасадор во Скопје Матс Стафансон на средбата со обвинителката Јанева, посочи дека СЈО треба да остане независно, со проширен мандат и за други случаи на висока корупција, но и да ги продолжи досегашните истраги и обвиненија.
Иднината на СЈО не е формален услов за отпочнување на преговори со ЕУ но значително ќе влијае на оценката за спроведување на судски реформи и борба со корупција.