Членот 105 останува клучната разлика меѓу власта и опозицијата за решавањето на статусот на Специјалното јавно обвинителство. Тој член се однесува на продолжувањето на истрагите кои ги отвори тимот на Катица Јанева по 30 јуни 2017 година. Роковите, пак, до кога треба да се донесе законот се кратки бидејќи Извештајот на Европската комисија за напредокот на државава ќе биде објавен на 29 мај, а Брисел инсистира на носењето на тој закон. Ова значи дека останува не цела недела за надминување на разликите, што се засега се чини невозможно.
Но, според Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки и покрај тоа што преговорите се чинат запнати, а роковите се ближат, до решение може да се дојде.
„Сметам дека сепак на крајот ќе се изгласа продолжувањето на работата на Специјалното јавно обвинителство без разлика на тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка за тоа или не. Сметам дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за овој закон и истовремено сметам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да попушти за своите ставови“, вели Гаџовски.
И според адвокатот и поранешен јавен обвинител Александар Наков проблемите ќе се надминат и законот ќе биде усвоен, но тој за разлика од Гаџовски смета дека ќе се донесе заедно со ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас лично сум убеден, во ВМРО-ДПМНЕ има и паметни луѓе и дека и нема да дојде до едно такво решение со кое би се оневозможило да добиеме датум за преговори“, вели Наков.
Преговорите меѓу власта и ВМРО-ДПМНЕ траат веќе трет месец. Лидерот на работната група на ВМРО-ДПМНЕ Тони Менкиноски деновиве во интервју за Пресинг рече дека тие немале намера “да бидат соучесник во поддршка на криминалот на Специјалното јавно обвинителство и на специјалната обвинителка Катица Јанева” преку поддршката на членот105.
Власта, пак, останува на ставот дека ако бришењето на тој член претставува скриена амнестија.Според министерката за правда Рената Дескоска скриената амнестија ќе се добие со запирањето на судските постапки, истрагите и предистрагите.
Другиот важни закони кои се сметаа за битни за напредокот на Македонија кон Европската унија, а се од сферата на безбедноста се усвоија неделава. Амбасадата на Соединетите Американски Државии Делегацијата на Европската Унијаго поздравија донесувањето на реформските закони. Од Амбасадата на САД оценија дека реформата на безбедносниот сектор во Северна Македонија е клучна обврска во процесот на зачленувањето на земјата во НАТО.
Амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар на Твитер, пак, напиша дека го поздравува усвојувањето на реформските закони од областа на разузнавањето и безбедноста во Парламентот.
„Конструктивниот дијалог резултираше со напредок во една од клучните областа на владеење на правото. Очекувам ефективна имплементација на реформите. Целото внимание треба да се фокусира на законот за јавно обвинителство и специјалното јавно обвинителство. Нема време за губење“, наведе Жбогар.