Власта ќе го преврти секое камче за државата да почне преговори со ЕУ оваа година, најави вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. Еден од предусловите е да се донесе Законот за јавно обвинителство, со кое се решава статусот на СЈО, а за кои власта и опозицијата имаат спротивни ставови. Аналитичарите велат дека поарно е носењето на законот да задоцни, отколку да се донесе лош закон.
Вицепремиерот Бујар Османи вели дека има два рока за законот за СЈО - едниот пожелен, а другиот неопходен.
„Пожелниот би било пред извештајот на Европската комисија, а неопходниот би бил пред Советот на Европската унија. Работиме да ги искористиме овие денови максимално да се изнајде решение меѓу политичките партии, а доколку не се постигне договор до некој разумен рок, треба да се продолжи комуникацијата со пратениците“, изјави Османи.
Преговорите меѓу власта и опозицијата за Законот за обвинителство со кои се решава судбината на СЈО се во застој, а власта чека сигнали од ВМРО-ДПМНЕ за повлекување на нивното барање за амнестија преку законски одредби. Досега немаше поместување во разговорите. Работните групи за СЈО беа договорени на средбата меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на почетокот на март, а неодамна премиерот Заев најави дека преговорите ќе бидат покренати на лидерско ниво и дека ќе се обиде да изнајде поддршка од дел од опозициските пратеници затоа што за гласање на законот е потребно двотретинско мнозинство.
Професор Никола Дујовски вели дека поарно е да задоцни носењето на законот, отколку да се донесе лош закон. Тој очекува власта и опозицијата да постигнат договор за законот за јавно обвинителство и навреме да се изгласа законот, но тоа да не се прави по секоја цена.
„Меѓутоа и да не биде така, не е ништо страшно, многу е поважно да се добие уште малку време и навистина да се бориме против криминалот, отколку да имаме амнестија и непринципиелни договори низ кои нашето општество помина многупати во изминатите две години и видовме дека ништо добро не донесе од сето тоа. Потребно е двотретинско мнозинство, осумдесет пратеници, а кои ќе бидат тие тоа не е важно, важно е законот да биде донесен“, вели Дујовски.
Тој вели дека власта треба да ги сфати пораките од овие избори.
„Дека не може до крај да се амнестираат криминалците од ВМРО-ДПМНЕ, суштината на преговорите не се никакви амандмани, ниту пак подобрување на законското решение, туку е чиста заштита на криминалот и за таков закон нема да добиеме позитивни оценки од Брисел. Доколку се согласат на драстична промена на законското решение во смисла на функциите, надлежностите, роковите и сè друго на СЈО нема да добиеме добри оценки од Брисел и мислам дека е подобро да нема договор, отколку да имаме лош закон“, вели тој.
Дујовски очекува земјата да добие позитивен извештај од ЕУ, оти како што вели, тоа зависи од низа реформски процеси, не само од законот за СЈО.
Адвокатот и поранешен обвинител Александар Наков вели дека СЈО е нужно и мора да опстои во правниот систем за да си добијат завршница предметите поради кое и беше формирано. Тој не очекува дека опозицијата ќе бара решение за СЈО со кое би се отежнала позицијата на земјава во пресрет на извештајот на ЕК.
„Јас лично сум убеден, во ВМРО-ДПМНЕ има и паметни луѓе и дека и нема да дојде до едно такво решение со кое би се оневозможило да добиеме датум за преговори“, вели Наков.
Главните разлики се идниот статус и функционирање на СЈО, судбината на постапките кои веќе се почнати и употребата на доказите, односно двете страни најмногу спорат за членот 105 од законот што го регулира продолжувањето на постапките и судбината на доказите од прислушуваните разговори.
Во интервју за РСЕ, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние вели дека овој закон треба да биде солиден за да може да се спречат злоупотребите од минатото и да се превенираат сите потешкотии кои можат да се појават, но исто така и да се спречат такви злоупотреби во иднина, да се зголеми довербата кај граѓаните.