Достапни линкови

Клучните разлики за СЈО не се надминати


Власта најави дека нема да дозволи со новиот закон да се амнестираат осомничените во предметите на СЈО. Од опозицијата пак, велат дека нема да остапат од своите црвени линии. Во меѓувреме, постапките на СЈО чекаат закон за да продолжат.

Продолжувањето на постапките на Специјалното јавно обвинителство, користењето на доказите и законски замки што ќе значат скриена амнестија се клучните разлики во преговорите за иднината на ова обвинителство, соопшти денеска министерката за правда Рената Дескоска. Ова го изјави откако денеска се сретна со опозицискиот претставник адвокатот Тони Менковски во новата рунда преговори. Таа истакна дека поради овие разлики нема поместување во преговорите.

„Црвените линии во донесувањето на законот се тука во членот 105. Станува збор за член кој треба да овозможи продолжување на гонењето за сторени кривични дела и она што не може да биде прифатено во ниеден случај од министерството за правда е скриена амнестија за одредени сторители на кривични дела, од тие причини и денеска немавме никакво поместување“, вели Дескоска.

Опозицијата бара и сите прислушувани разговори како и материјални докази кои се собрани по 18-те месеци, да бидат уништени, вели Дескоска.

Претставникот на опозицијата во преговорите Тони Менковски, пак, по средбата накусо изјави дека ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од принципот на владеењето на право кои се преточени во амандманите.

„Македонија еднаш треба да донесе закон за јавно обвинителство кој навистина ќе биде функционален“, вели тој.

Новинарско прашање: А предлогот на министерството за правда, тие тврдат дека и тој е согласно принципите за владеење на право?

„Кој предлог? Зборуваме за предлогот за кој ВМРО-ДПМНЕ поднесе забелешки колку две третини од законот“, изјави Менковски.

Тој додава дека мандатот на СЈО, според нив, е јасно дефиниран во законот, 18 месеци од добивањето на нелегно стекнатите прислушувани разговори.

Тони Менковски
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:46 0:00
Директен линк

Дескоска додаде дека во однос на статусот на СЈО дека ќе биде посебен орган, веќе се кристализира ситуацијата, но тоа прашање сè уште не е целосно затворено.

Специјалната обвинителка Катица Јанева вели дека верува во процесот и дека ќе го почитува законското решение кое ќе го усогласат двете страни, но не се согласува во целост со предлозите на власта. Таа поконкретно истакна дека не се согласува со предлогот на власта комисија од Јавното обвинителство да одлучува за распределба на предметите кои СЈО ги отворило и работи по 30 јуни 2017 година.

„ Мора да има некои преодно решение, мое мислење е дека не треба, но ако се согласат двете страни да се формира некое тело од тројца обвинители, мислам дека и тие ќе бидат свесни дека ќе мора во најбрз можен рок да ги анализираат тие предмети, “ вели Јанева.

Дескоска вели дека опозицијата нема забелешки на предлогот според кој Комисија од Јавното обвинителство ќе се одредува кој обвинител ќе ги продолжи постапките што се отворени по тој рок.

„Но прашањето е која ќе биде длабочината на таа селекција и дали тоа ќе значи за сите предмети со оглед на тоа што барањето да предметите кои се после 18-те месеци воопшто да не бидат предмет на регулирање е барање кое што е клучно и најпроблематично,“ додаде таа.

Јанева додаде дека во меѓувреме се отворени и нови постапки за преостанатите прислушувани разговори, но за тоа ќе зборува откако ќе заврши неизвесниот период за иднината на СЈО.

„Некои предмети се веќе завршени во СЈО, но се чека законот да се донесе, завршени се и дел од истрагите кои се поедноставни, но дел од покомплексните истраги се уште се во истражна постапка и се чека донесувањето на новиот закон, мора да бидеме стрпливи во овој период“, вели Јанева

Следната средба меѓу власта и опозицијата е закажана за в петок. Дескоска посочи дека роковите притискаат и дека до извештајот на ЕК пожелно е да се испрати порака до меѓународната заедница за сериозната на политичките партии во борбата против корупцијата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG