Политичките аналитичари имаат поделени мислења за тоа дали власта и опозицијата ќе се договорат околу законот за СЈО. Дел од аналитичарите се оптимисти дека политички договор ќе биде постигнат, до почетокот на изборната кампања в понеделник.
“Јас очекувам да помине ова, затоа што ова е веројатно полесниот дел од постапката за да ја завршиме работата. Се што направивме досега ќе пропадне во вода доколку не се донесе тој закон, а тоа веројатно не е на менито на Зоран Заев”, вели универзитетскиот професор Никола Дујовски.
Ова е трет обид за постигнување согласност за конкретниот закон. Последната средба заврши без успех, иако и двете страни тврдат дека преговорите не се пропаднати.
“Мислам дека ќе биде тешко да се најде заеднички јазик околу судбината на СЈО бидејќи еден од учесниците во преговорите е директно засегнат од функционирањето и опстојувањето на СЈО, тоа значи ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека опозицијата е остане присутна во процесот за да може да го амортизира нападот на меѓународниот фактор како кочничар на потребните реформи, но нема да се согласи со ниедна варијанта со начинот на функционирање на СЈО, ниту во однос на кадровските решенија ниту во однос на содржината на законот и можноста на овој субјект со големи надлежности да продолжи да функционира, бидејќи тоа директно ги засега челниците на ВМРО-ДПМНЕ”, вели политичкиот аналитичар Насер Зибери.
Но, очекувањата дека законот ќе се изгласа пред распуштањето на парламентот паднаа во вода откако денеска собранискиот спикер Талат Џафери изјави дека дури и да има договор меѓу партиите, тој нема да закаже седница бидејќи пратениците злоупотребувале такви седници.
“И да се договорат сега, не можам да закажам таква седница, зашто досегашната пракса покажала дека пратениците на такви седници си тераат предизборна кампања. Тоа нема да им го допуштам. Нека контактираат овој период, нека се договорат и нека ги надминат разликите за СЈО, нема проблем да закажам седница по 6 мај, кога ќе бидат завршени претседателските избори“, изјави спикерот Џафери.
На почетокот од преговорите, главна сопка беше обвинителката Катица Јанева и нејзиниот тим. Заев рече дека поддржува продолжување на работата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим и оти со новиот закон нејзиниот мандат ќе биде продолжен само за половина година. ВМРО-ДПМНЕ, пак настапи со став дека поддржува продолжување на работата на СЈО, но не ја поддржува специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим. Подоцна проблематични станаа надлежностите на ова обвинителство, па рамноправноста на обвинителите во конкурирањето за одредени позиции во обвинителствата, буџетската рамноправност, принципот на хиерархија и сл. Сега опозицијата понуди 65 амандмани за кои треба да се преговара. Доброупатени извори велат дека дел од амандманите можат да бидат разгледувани, но дека главната цел на опозицијата е да запрат постапките за членови на ВМРО-ДПМНЕ и тоа што го правеле во нивниот мандат. И премиерот Зоран Заев во дуелот со Мицковски рече дека ќе прифати сè што не подразбира заштита на криминал, а на Фејсбук, пак напиша дека СЈО е веќе создаден институционален капацитет и нема потреба да се уништува.
Преговори за двотретинско мнозинство
Во меѓувреме продолжуваат и преговорите на владејачката СДСМ со помалите партии од албанската опозиција Беса и Алијансата за Албанците, како и со осумтемина пратеници од независната пратеничка група, во обид да се стигне до потребните 80 гласа потребни за усвојување на законот за СЈО. Зибери вели дека просторот за постигнување договор со овие субјекти ќе тече полесно.
“Албанските опозициони партии во однос на СЈО не можат да уценуваат или имаат ултимативни барања кои би го попречиле процесот, бидејќи има консензус меѓу нив дека СЈО треба да продолжи, па дури и да се зајакне овој субјект и да и остане како самостоен субјект, а не во рамките на основното обвинителство”, вели Зибери.
Дујовски пак со спротивен став.
“Кога се во ситуација да имаат можност да преговараат тие докрај ќе ги застапуваат сопствените интереси кои не ретко се и непринципиелни. Како и да е, ние веќе поминавме голем дел од тоа. Како општество се согласивме со една амнестија која беше далеку од умот, па потоа се согласивме со делумно ослободување од одговорност на луѓе кои во претходниот систем беа многу засегнати од криминал”, вели Дујовски.
Тој додава дека ние како држава не треба да им оставиме ниту еден изговор на Франција, Данска, Холандија и другите евроскептичните држави да не дадат зелено светло за преговорите.
ЕУ ги повика партиите да го усвојат законот за јавно обвинителство
Важноста на донесување на измената на Законот за јавно обвинителство, кои имаат за цел да го вклучат функционирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) како составен дел од Јавното обвинителство ја потенцира и ЕУ, преку денешната писмена изјава на евромбасадорот Самуел Жбогар.
“СЈО значително придонесе кон повторно воспоставување на одговорност и кон борбата против неказнивост. Од огромна важност е СЈО да продолжи со гонењето на оние кои се одговорни, на сторителите, и тоа да го прави на професионален начин и независно.
Одблиску ги следевме дискусиите за нацрт законот, кои се одвиваа помеѓу владата и главната опозициска партија. Ги поттикнуваме сите парламентарни политички партии и почитувани членови на Собранието позитивно да го земат во предвид усвојувањето на законот”, стои во писмената изјава на евроамбасадорот Жбогар.
Предлог законот за јавно обвинителство е еден од клучните легислативи кои Европската Комисија ги очекува во пресрет на одлуката за одредување датум за преговори со Унијата. Затоа и власта и опозицијата се под притисок да постигнат консензус.