Достапни линкови

Нема договор за СЈО


Власта и опозицијата не се договорија за СЈО на денешната куса средба. ВМРО-ДПМНЕ бара да им се прифатат забелешките, власта, пак, вели дека забелешките не им биле конкретни.

Околу 40 минути траеше средбата на работните групи на партиите за СЈО. Но власта и опозицијата не се договорија. Секоја страна останува на своето, власта дека нема да ги прифати барањата на ВМРО-ДПМНЕ, а опозицијата дека нема да го прифатат законот во дадената форма.

По средбата министерката за правда Рената Дескоска, рече дека ВМРО-ДПМНЕ го прекршиле договорот, со тоа што за денешниот состанок не доставиле конкретни амандмани со кој би се подобрил нацрт законот за јавно обвинителство.

„Наместо тоа добивме еден материјал во кој наведоа меѓународни документи кои наводно не беа имплементирани. Сите документи кои што се наведени во она што го достави ВМРО-ДПМНЕ, а кои што се однесуваат на јавното обвинителство се имплементирани во овој закон, дел се вклучени во законот за кривична постапка, а дел во кодексот на јавните обвинители, а има еден документ кон воопшто не се однесува на јавното обвинителство“, рече Дескоска.

ВМРО-ДПМНЕ вчера ги достави своите забелешки, за кои велат дека се издржани. Од опозициската партија бараат државниот јавен обвинителда биде на предлог на опозицијата, Специјалното обвинителство да работи како дел од Јавното обвинителство и да се формира анкетна комисија која треба да го истражи финансиското работење на СЈО.

Изјава по состанокот даде пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека сакаат нивните забелешки да бидат прифатени и да бидат внесени во законскиот текст.

„Ние цениме дека секој обвинител кој во моментот работи во СЈО треба да има еднакво право како секој обвинител кој работи во Основно обвинителство или во Републичко обвинителство да конкурира и според МЕРИД систем на вредности да биде избран или да не биде избран како дел од тоа специјално одделение во ОЈО“, рече Милошоски.

Инаку тој е еден од осомничените во случаите на СЈО.

Од коалициониот партер во Владата, ДУИ, велат дека треба да продолжат напорите да се најде решение за законот.

„Убеден сум дека и опозицијата ќе се најде себе си во нашите конструктивни напори да го усвоиме законот и да обезбедиме непречен пристап кон датумот за преговори со ЕУ во јуни“, рече пратеникот Артан Груби од ДУИ.

Законот за јавно обвинителство ќе мора да биде донесен до крајот на овој месец затоа што ЕУ го поставува како еден од клучните услови за почнување на претпристапните преговори за членство. Министерката Дескоска вели дека е добредојдена секоја помош која е добронамерна, како одговор на прашањето дали и за ова ќе биде потребна дипломатска интервенција.

Од Алијанса за Албанците реагира на тоа што не учествуваат во преговорите за СЈО. Во соопштението на партијата се вели дека тоа што албанската опозиција е исклучена од преговорите укажуваат на тоа дека земјата продолжува да промовира етноцентричен и исклучувачки дискурс.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG