Достапни линкови

Медиуми - Патувања во Брисел, приведувања и преговори за СЈО


Премиерот Заев и владина делегација во работна посета во Брисел
Премиерот Заев и владина делегација во работна посета во Брисел

Медиумите јавуваат дека Мицкоски и Силјановска беа во посета на Брисел, а Брисел го посети и премиерот Заев. Пишуваат и дека партиите преговараат за СЈО. Се осврнуваат и на судењето за Маѓар телеком и за притворот на екс градоначалникот на Карпош, Јакимовски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски престојува во Брисел каде што се одржува собрание на сестринската Европска Народна Партија, а во делегацијата е и кандидатката за претседател, Гордана Силјановска – Давкова. Вечер со следниот наслов ја следи посетата: „Мицкоски од Брисел: Заев и СДСМ се одмаздуваат на секој кој мисли различно од нив, Македонија нема иднина со вакви политичари“. Независен објави: „ВМРО-ДПМНЕ ја претстави Силјановска во Брисел – Со Мицкоски се сретнаа со европратеникот и известувач на Европскиот парламент за нашата земја, Едвард Кукан“.

Порталот на Вечер ја следеше и еднодневната посета на премиерот Зоран Заев на Брисел, каде што покрај средбите со високите функционери на ЕУ, оствари средба и со генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, што ја одбележа со следниов коментар: „Нема НАТО бесплатно: Македонија мора да обезбеди 200 милиони евра годишно за одбрана“. Истиот весник оди и со следниов наслов: „Хан и Могерини со пофалби, но и со потсетување дека обврските не се завршени“.

Нова Македонија и Вечер информираат за шестмесечниот извештај за трошоците на функционерите од актуелниот владин состав: „Владините функционери трошеле помалку за угостителски услуги, телефон и авиобилети, поточно, двојно помалку споредено со трошоците на претходната Влада“.

Слободен печат, како и другите печатени и електронски медиуми ги следат преговорите на работните групи за предлог законот за Јавното обвинителство во кој е предвиден и статусот на СЈО. Слободен печат наслови: „Власта и опозицијата се усогласуваат за идниот статус на СЈО“, а Нова Македонија и Вечер информираат дека во петок ќе има нова средба на која опозицијата ќе ги поднесе забелешките на предложениот закон коишто биле на 120 страници, но „дека има простор за договор“, како што ја пренесува Нова Македонија изјавата на Тони Менкиновски кој ја предводи работната група на опозицијата.

Независен информира за судењето за „Маѓар телеком“, што го води СЈО, па наведува дека Специјалното обвинителство го обелоденило неофицијалниот документ, нон пејпер, кој потврдува дека поранешниот премиер Владо Бучковски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот министер од ДУИ, Муса Џафери зеле 7,5 милиони евра за да го одложат воведувањето на трет мобилен оператор во Македонија. Насловот во Независен гласи: „СЈО цели кон Бучковски, тој тврди митаџии нема“.

Сите медиуми ја објавија веста за приведувањето на поранешниот градоначалник на Карпош и лидер на партијата ГРОМ, Стефчо Јакимовски и на уште четворица вработени во Општината, на кои по распитот им е определен притвор, освен домашен на Јакимовски поради здравствени причини. Вечер во наслов ги цитира зборовите на Јакимовски пред новинарите: „Ќе тепаме, не им се плашиме!“ Во неколку написи истиот весник како и другите портали на печатените медиуми информираат дека Јакимовски е осомничен за бесправна легализација и откуп на земјиште.

Државната комисија за спречување на корупција отвори два нови предмета по кои ќе постапува по допрен глас – случајот Матка и вработувањето на двајца правници во Агенцијата за аудиовизуелни и медиумски услуги во време на закажани избори, објави Нова Македонија, а Слободен печат информира дека Антикорупциска ќе ја проверува и имотната состојба на Ѓорѓе Иванов за да се види каква промена има во имотот на претседателот во двата негови мандата. Независен ја пренесува веста на ТВ24 дека „Иванов преку синот купил два стана на Водно“.

Независен објави и дека „Младата Ерза Османи не успеа да се избори за живот и е 16-та жртва од трагичната сообраќајна несреќа на гостиварскиот автобус на автопатот Скопје - Тетово“. Весникот потсетува дека против шест лица, меѓу нив и возачот и сопственикот на Дурмо турс се води истражна постапка и дека се во притвор.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG