Достапни линкови

Eкс градоначалникот на Карпош Јакимовски во домашен притвор


Поранешниот градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски приведен во Суд
Поранешниот градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски приведен во Суд

Јавното обвинителство бараше притвор за осомничениот поранешен градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски, но судот го одби таквото барање.

Судот вечерва одлучи на поранешниот градоначалник на општина Карпош и актуелен претседател на опозициската партија ГРОМ Стевчо Јакимовски да му одреди мерка куќен притвор поради здравстени причини. За осомничениот Т.К.е одбиен предлогот на обвинителството за притвор поради претходно изречени мерки за претпазливост во случајот Топлик на Специјалното јавно обвинителство, а одбиено е барањето за притвор и за осомничениот В.С. и одредена е мерка претпазливост, информираат од судот.

Со легализирање на времени бараки кои требало да се урнат, Јакимовски се сомничи дека го оштетил буџетот за најмалку половина милион евра затоа што овозможил фирма преку легализацијата да купи државно земјиште за 11 илјади евра и потоа да го препродаде за 600 илјади евра. Јакимовски и осуммина други ,меѓу кои и бизнисмени, заработија кривична пријава од одделот за организиран криминал на Министерството за внатрешни работи. Во целава зделка учествувале сервис за чистење и хаусмајсторство, архитектонско биро, фирма за трговија со прехранбени производи и надворешна трговија и фирма за издавање и управување со недвижен имот.

Управителите на фирмите добија кривични пријави за поттикнување на кривично дело злоупотреба на службена должност. Додека Јакимовски и четворица службеници вработени во општината Карпош како урбанисти и правници се осомничени за злоупотреба на службена должност и нанесување штета на буџетот.

„Тие преземале дејствија кои не смееле да ги преземат, иако знаеле и согласно својата службена положба и овластувања биле должни да знаат дека објектите за кои што се поднесени барањата за утврдување на правен статус од страна на правните субјекти „Гром Промет“ ДООЕЛ Скопје, „ЕМАГ“ ДООЕЛ Скопје, „ДОТ МЕБЕЛ“ ДООЕЛ Скопје, како и барањето поднесено од физичкото лице, пријавениот Т.К. всушност не се бесправно изградени објекти, туку биле времени објекти односно монтажно/демонтажни бараки поставени на градежно неизградено земјиште во сопственост на државата и дека согласно законските одредби не смеело да бидат предмет на постапка за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти“, изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Со таквиот потег на монтажните бараки биле третирани и легализирани како дивоградби по што барателите на легализација го исполниле условот за откуп на државно земјиште како сопственици на објекти за цена од 450 денари од метар квадратен по што земјиштето од 2555 метри квадратни го препродале за 600 илјади евра.

Обвинителката Вилма Русковска изјави дека станува збор за неколку пријави што се однесуваат на работа спротивна на Законот за јавни набавки, за легализација на времени објекти, што потоа бесправно биле градени, исто така, спротивно на законот.

За незаконската продажба на ова земјиште дел од медиумите пишуваа уште во предизборната кампања за локалните избори. Тогаш Душко Весковски носител на кандидатската листа на советници од СДСМ, тогаш обвини дека земјиштето во близина на поранешниот ресторан „Имес“ било продадено на фирмата „Гром промет ДООЕЛ“ за само 11 000 евра, за потоа да биде продадено на фирмата „Дабар ДООЕЛ“ за 600 000 евра.

Обвинителството за организиран криминал и корупција соопшти дека до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 доставило предлог за притвор на Јакимовски и на уште две лица вработени во Општина Карпош против кои исто така се осомничени за кривични дела.

Според обвинителството Јакимовски заедно со неколку вработени во општината се осомничени и за незаконско спроведување на тендер, односно на локација која според Генералниот урбанистички план требало да биде сообраќајница, и било исплатено 350 илјади евра на фирма за изградба на плоштад „Пецо Божиновски Кочо“. Кривична пријава против Јакимовски има и за тендер за пролетно и есенско садење на цвеќе кој бил во надлежност на Град Скопје со што осомничениот го оштетил буџетот на општината Карпош за 100 илјади евра.

Реакција на ВМРО ДПМНЕ

Во меѓувреме лидерот на опозицијата Христијан Мицковски на социјалната мрежа Фејсбук го осуди приведувањето на Јакимовски посочувајќи и на власта „ не можете вие толку да уапсите колку што ние ќе ве победиме“.

„Апсењето на лидер на опозициска партија на еден месец пред гласањето на претседателските избори не е ништо друго освен чин на брутален политички притисок и израз на огромен страв и паника на заевизмот кој губи, напиша Мицковски на Фејсбук.

Јакимовски беше приведен и лани во август на барање на финансиската полиција поради сомненија за злоупотреба на службена должност во времето додека бил градоначалник на Карпош. Минатата година судот му ги одземал пасош и одредил мерка на претпазливост- редовно пријавување во судот, за Јакимовски и на четворица негови соработници.

Тогаш тие биле кривично гонети дека го оштетиле буџетот на општината за речиси 600 илјади евра при три тендери за јавни набавки.

Јакимовски кој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување, според пријавата на финансиската полиција, во 2012 и 2013 година незаконски ја ангажирал тетовската фирма Алконпроект ДООЕЛ на два тендери за јавни набавки. Со тоа Јакимовски на фирмата и овозможил да се стекне со противправна имотна корист од околу 550 илјади евра на штета на буџетот на општината.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG