Достапни линкови

Партиски пазар за двотретинско мнозинство


Премиерот Зоран Заев
Премиерот Зоран Заев

На социјалните мрежи граѓаните повторно со критика за цената која се плаќа за обезбедување на двотретинско мнозинство за усвојување на потребните реформски закони. Според аналитичари, земјата е во сива зона кога мора да го испорача бараното, но таквите договори меѓу политичарите треба да бидат привремено, а не трајно решение.

Двотретинско мнозинство во Парламентот е повторно потребно, овој пат за Законот за јавно обвинителство. И повторно политичарите во трката со времето и бројките за негово обезбедување. Помирувањето, амнестијата и ослободувањето од притвор на обвинетите функционери за дел од граѓаните се средствата и начинот, како да се стигне до потребните 80 пратеници за да помине некоја законска регулатива која е неопходна за обезбедување на подобри услови и иднина на државата.

Додека политичарите се договараат, граѓаните својот револт од задкулисните игри го изразуваат на социјалните мрежи. За граѓаните ослободувањето од притвор на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков е патот до кој ќе се стигне до независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

„Повторно, пред потребата од 2/3-ско мнозинство (исто како минатиот пат), „согласно закон“ се определи куќен притвор за Мијалков“.

„Што толку се чудите што го пуштиле Мијалков од притвор од Шутка? Па треба ли оние 8 бивши пратеници од ВМРО да гласаат за законот за СЈО?“

„Кога им треба го вадат од затвор, кога не им треба, пак ќе го бутнат. Лудница. Сеа за гласањето пак им треба, и одма домашен притвор“.

„Уште 2-3 домашни притвори за Мијалков и ќе ја средиме државата“.

Секако дека договорите меѓу политичките партии создаваат непријатно чувство кај електоратот и сигурно би било подобро да ги нема, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

„Независно да се обезбедува мнозинство за потребните реформски закони, а независно да течат постапките кои ја враќаат вербата во правниот систем и ја реинститутираат правната држава. Меѓутоа за тоа се потребни бројки во Парламентот. Во оваа ситуација не мислам дека треба ниту премногу да се глорифицира овој процес, ниту премногу да се оцрнува. Тоа е една сива политичка зона во која од една страна политичките непријатели се нужно принудени да соработуваат за некаква заедничка цел и тука треба да се очекуваат сите „условно речено прљави дилови“ кои може да се направат“, порачува Арсовски.

Но, според него, тоа не треба да се претвори во трајно решение по кое постојано ќе посегнуваат политичките партии.

„Мислам дека во овој случај треба да ги гледаме како некаков транзиторен период со вкупната цена на буткањето на Македонија во НАТО и почеток на преговори на ЕУ. Потоа треба да се реинституира системот во текот на преговорите и затоа мислам дека на тоа не треба да гледаме како на некаква трајна состојба. Ние треба да се надеваме дека овие дилови нема да значат одбегнување на правото и дека ќе станат исклучок, а не правило. Но, за тоа да видиме дали ќе се случи или не, сепак е потребно да ги почнеме преговорите“, додава тој.

Законот за јавно обвинителство ќе се најде пред пратениците по претседателските избори.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG