Амбасадоре, државата доби нов претседател. Каква е вашата оценка за изборите, со оглед на тоа дека регуларноста на изборите беше важен чекор во реформската агенда?
Најпрво ќе ви кажам дека Франција му честита на новоизбраниот претседател којшто беше избран според најдобрите меѓународни критериуми и навистина станува збор за напредок во демократијата во оваа земја, затоа што тоа е дел од низа на избори коишто беа потврдени од страна на меѓународните организации како добри и навистина ова е среќна околност за претседателот и навистина му посакуваме како шеф на државата да ја води својата земја кон просперитетна иднина и мир.
Дали Република Северна Македонија е подготвена за датум за преговори во јуни или не го делите оптимизмот на Владата за тоа прашање?
Знаете, во моментот прво го очекуваме извештајот на Европската комисија, извештај кој ќе даде преглед за напредокот на реформите, особено за области кои се однесуваат на владеењето на правото, тоа е навистина простор каде што ЕУ и членките бараат напредок уште од минатото лето. Потоа ќе направиме сите заедно проценка за реалната состојба во однос на тој напредок.
Веќе подолго време преговорите заглавија кај измените на Законот за јавно обвинителство. Што доколку не се постигне договор околу законот за СЈО со опозицијата?
Таа институција, СЈО е институција која треба да си го најде своето место во правниот поредок на оваа земја. Таа беше основана во период на криза, но и поради структурни барања за борба против корупцијата, таа е важен инструмент. Постои наследство од минатото, минато поврзано со кризи, затоа сега треба да се постигне консензус помеѓу големите политички партии, консензус во име на општиот интерес. Има напредок којшто го забележавме и би се радувал доколку напредокот биде забележан и од другите. Знаете, последните учители се најтешките во овој тип на преговори и преку размената која ние ја имаме со нашите партнери забележувме дека тие будно ја следат работата на СЈО, но и ние исто така, но и внатре во ЕУ има одредена чувствителност во однос на строгото спроведување на законот. Французите се повеќе „латински“ настроени, особено за спроведувањето на законите, Нордијците се веројатно уште построги, но има заедничка работа што сите ја споделуваат, а тоа е дека овој закон треба да биде солиден за да може да се спречат злоупотребите од минатото и да се превенираат сите потешкотии кои можат да се појават, но исто така и да се спречат такви злоупотреби во иднина, да се зголеми довербата кај граѓаните.
Франција, заедно со Холандија е една од земјите кои се најскептични во однос на нашето членство во Унијата. Како да ја убедиме Франција дека заслужуваме датум за преговори?
Вашето прашање е често поставувано, но ако ми дозволите би требало да се смени погледот на перцепција. Вие велите зошто Франција се спротивставува на нашиот пат кон ЕУ? Но, воопшто не е така. Ние ги поддржуваме вашите напори и сакаме Западниот Балкан да ѝ се приклучи на ЕУ. И на Берлинскиот самит, претседателот Макрон ја објави својата Стратегија за реинвестирањето на Франција на Балканот и со тоа покажуваме дека не само што не се спротивставуваме, туку со сите земји од овој регион сакаме да работиме на европска интеграција на регионот, ама кога ќе дојде време. Кога е тој ден? Во моментот имаме огромна пречка. Го следевте сето тоа што се случуваше со Брегзитот и ние самите не знаеме кога таа голема земја членка ќе излезе од Унијата или нема. Видовте како ние не знаеме колку пратеници ќе имаме во парламентот и мислам дека не треба да се потценуваат огромните потешкотии што ќе бидат неопходни за редефинирање на Унијата поради Брегзитот, но и поради сложените односи на земјите внатре во Унијата со земјите од Источна и Централна Европа во поглед на правната држава и со сето тоа се покренува прашање кај јавното мислење во однос на моментот и брзината на проширувањето. Самите ние сме во една предизборна состојба и ќе треба да побараме од нашите граѓани да го потврдат или не целокупнoто градење на ЕУ.
Во овој контекст, дали Франција се залага за регионален пристап на проширувањето на ЕУ, во смисла проширување во пакет со други земји од Западниот Балкан или сметате дека секоја земја индивидуално треба да биде наградена за своите резултати?
Постои генерален контекст. Јасно е дека станува збор за мали држави коишто ние ги охрабруваме, а тоа беше и дел од самитот во Софија минатата година. Ги охрабруваме сите земји повеќе да соработуваат, да имаат повеќе размена на луѓе, економска размена, капацитет да се навлезе во европскиот модернизам и добро да ги дефинираат своите односи. Во таа смисла, Северна Македонија направи голем напредок со своите соседи Бугарија и Грција и се разбира дека тоа ние го вреднувавме и со тоа суштински се промени сликата. Но, тоа не значи дека други напори не треба да се прават. Напротив секоја земја треба да направи дополнителни реформи, а за Северна Македонија тоа е зајакнување на правната држава и доволна подготовка. И директно да одговорам на вашето прашање. Ние сме на размислување дека во еден регионален контекст сепак ќе се вреднуваат индивидуалните напредоци и напори на секоја земја и тоа ќе биде случај во јуни на Состанокот на Советот на ЕУ и секоја земја ќе одлучува за секоја земја конкретно.
Конкретно, дали Северна Македонија ќе оди во пакет со Албанија во процесот на отворање преговори со ЕУ?
Идејата за пакет не е наша идеја.
Имаше такви информации од самитот во Берлин?
Прашањето за проширување воопшто не беше тема во Берлин. Тој третираше друга важна тема на регионален план и ќе биде многу тешко реално да се предвиди влез на целиот регион во Унијата истовремено, а без да се реши прашањето помеѓу Приштина и Белград. Не е тоа ваша обврска, туку спротивното. Вашиот пример треба да служи како инспирација за политичарите. Зборувате за самитот во Берлин, ќе ви кажам дека тоа мора да не наведе на размислување, не толку често да прашуваме за тоа кога ќе биде датумот за преговори, туку кое ќе биде местото на Западниот Балкан во една обновена Европа. Има голем број на размислувања кои се во тек во однос на учество на различно ниво во европските политики меѓу земјите членки. Мислам дека тоа е тема која треба да се обработи затоа што може да размислуваме за прогресивна интеграција во одредени области, области во кои различните земји ќе се подготвени да учествуваат за нашата заедничка политика. Тоа е една честа идеја, на различни нивоа, затоа што навистина не е прашање дека вие ќе останете надвор, тоа не постои, меѓутоа објективните пречки се такви што ќе бараат од нас да покажеме имагинација и креативност.
Судството е една од најкритичните точки во однос на реформите. Забелешки, заложби, ветувања за заживување на правниот систем слушнавме многу. Се формираше и совет за имплементација на реформите. Како вие ги оценувате резултатите во таа област?
Многу е тешко да се зборува за резултати затоа што за овие реформи беше потребно време, особено затоа што Антикорупциската комисија беше доцна формирана, се најавуваат истраги, и затоа треба да разграничиме што е чист маркетиншки трик и реалноста, а понекогаш во современиот свет постои конфузија меѓу двете. За овие прашања и начинот на кој ЕУ ќе го оценува тоа ќе биде во однос на резултатите и затоа Брисел е на иста линија со барањата на граѓаните тука и граѓаните од нашите земји. Очигледно е дека претстои уште техничка работа во областа на судството, но претстои и доста работа во однос на департизацијата која воопшто не е лесна и културолошка подготовка, зашто таа култура на непристрасност тешко се гради. Може само да се изгради кога мнозинството и опозицијата ќе се договорат. И тоа е токму она што треба да се направи. Можеби новиот претседател ќе може да учествува во суштинско помирување, кое нема да подлегне на реваншизам и начинот на кој ќе се справува со промените. Јас сè уште сум изненаден кога ќе се смени една влада, и кога се менуваат дури и директорите на болниците и училиштата, што низ европската практика е нешто незамисливо. И ќе треба особено судството да се најде надвор од овие потешкотии. Затоа ќе кажам дека претстои уште работа во овој поглед. Од друга страна свесни сме дека беше спроведена голема работа, постојат законодавни промени, отворање на нови институции и слично. Но, знаете како велат: за секое дрво ќе судиме според овошјето што тоа ќе го даде.
Бидејќи постојано упатувате критики за партизацијата, како го коментирате зголемениот број вработени во јавниот сектор за над 3000 лица во последната година, но и случаите на роднински вработувања за кои јавноста дозна?
Предизборниот период воопшто не е добар за намалување на бројот државните службеници, тоа е факт. Но, еве вие излегувате од изборен процес и тоа е најсоодветниот процес за отпочнување врз база на согласност меѓу сите партии за реформа на администрацијата. Тоа не значи дека сите треба да се отфрлат на улица, но очигледно е дека во одреден број случаи кога ќе го собереме бројот на државните службеници особено во судството, ќе заклучиме дека има концентрација на државни службенициво одредена институција и доаѓаме до чудни бројки поврзани со Охридскиот рамковен договор. Тој можеби беше многу добар за воспоставување на поеднаков пристап до функциите, но од друга страна да се плаќаат оние кои не доаѓаат никогаш на работно место, се разбира нè тера да си поставуваме прашања тесно поврзани со европските стандарди. Воопшто не сакам да критикувам што сè се направило во минатото и кое ни овозможи да се надминат некои потешкотии на земјата, но од друга страна вие навлегувате во друга димензија. И многу други работи и злоупотреби за кои слушнавме се поврзани со превработеноста во јавната администрација која е тесно поврзана со политиката. А тоа значи дека политичката битка станува битка за заработка на лебот. И со тоа промената на власта предизвикува и загуба на одредени работни места. Мислам дека тоа размислување е на почеток. Франција многу помогна во 2000 година кога почна размислувањето за реформа во администрацијата со француското училиште за администрација ЕНА, но сега тие напори ослабнаа. Подготвени сме повторно да ги зајакнеме преку новата Стратегија за земјите од Западен Балкан, да ги зголемиме обуките за управување со јавната администрација и мислам дека дејствувањето на Француската агенција за развој ќе може да размислува на таков тип активности за надминување на ова прашање, не само за вработувањата туку и во однос на намалување на бројот на вработени во администрацијата.
ЕУ е пред нови избори. Какви се вашите прогнози за соодносот на политичките сили во новиот состав на парламентот?
Тоа е прашање за кое многу се размислува во нашите главни градови. Јас не сум многу помудар за да ви дадам прогнози, но сепак очекуваме промени и промена на односот на сили на кој ќе мора да се адаптираме, затоа што очигледно дека прашањата поврзани со проширувањето на Унијата со Западен Балкан ќе се најдат во срцето на сите тие промени во парламентот, затоа што ќе станат можност да се опипа јавното мислење. Јасно е дека кај многу политички партии и кај одреден дел од јавното мислење постои замореност од проширувањето. Тоа е реалност која не зависи само од вас, јасно е дека тоа ќе биде внимателно прашање за иднината на ЕУ и да не се преокупирате толку со негативни или позитивни сигнали во таа насока. Тоа воопшто не нè спречува нас, да имаме јасно на ум, дека природното место на земјите од Западен Балкан е во реформирана Унија која понекогаш се соочува со тешки моменти. И можеби е тоа понекогаш среќна околност за Унијата, но можеби е среќна околност за вас, оти со тоа ќе направите реформи кои ќе ве направата посилни. Неопходно е и за нашата Унија сепак да се се занимава со прашања кои подолго време беа тргнати настрана, а тоа се прашањата поврзани со Европа на социјалата, на одбраната и секаков вид прашања за кои Франција делува мошне активно. Нашата идеја е дека без нови идеи и динамика за обнова европскиот проект би се нашол во опасност. А бидејќи ние сакаме да го спасиме тој проект, секако дека Вие сте дел од тој наш проект.
Како го толкувате трендот на зголемена популарност на ултра-десничарските партии низ повеќе европски земји?
Знаете не е на мене да давам прогноза како ќе гласаат европските граѓани, но констатираме дека постои се посилна поларизација, од една страна кон прогресивни сили свртени кон иднината, сили кои сакаат глобализацијата да ја свртат во полза на Европа и нејзините вредности но имаме и друго население кое од разбирливи причини се чувствува засегнато од отвореноста на светот, пречекувањето на други кај себе, од опасностите како тероризмот и кој гледаат на светот на попесимистички начин. Тие лица поставуваат одредени прашања и нашите влади не треба да ги тргнат настрана. Затоа што тие и така се чувствуваат тргнати настрана. Ќе треба да се објасни дека разноликоста на европскиот мозаик всушност претставува наше богатство и треба на разумен начин чекор по чекор да го шириме тој мозаик во границите на ментална и историска Европа. Во границите во кои и вие сте дел по дефиниција.