Неделникот Фокус со сензационална вест на насловната: „Фокус дознава: Зошто СЈО не ја открива мафијата што рекетира бизнисмени и политичари со нови ’бомби‘ – Владин функционер ја кочи истрагата за ’Никола Тесла‘“. Текстот има наслов: „Абортирана истрага“, а во него пишува дека СЈО имало докази за осомничени што поседувале „бомби“, со кои наводно уценувале и рекетирале бизнисмени и политичари. Биле обезбедени и докази и сведочења за извршените изнуди, како и пресметка за тоа колку пари се свртеле од „бизнисот“. „Неофицијалните информации говорат дека причината зошто СЈО овој предмет го држи во фаза на предистрага е дека се штити осомничен, кој се поврзува со владин функционер!“ – открива Фокус.
Онлајн магазинот Глобус ја анализира работата на Антикорупциската комисија за која во насловот вели: „Антикорупциска против принципот RES JUDICATA“, што значи отворање предмети за кои веќе еднаш е судено и постојат правосилни пресуди. Неделникот потсетува дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ користи две форми за да ја задуши работата на Комисијата: прво, постојано ја оптоварува со нови и нови предмети. Некои од нив, се покажува дека се без основа, како во случајот со наводните странски фирми на министерот Манчевски. Други се веќе пресудени и завршени предмети, како оние на премиерот Заев. Зошто – прашува авторот на текстот во Глобус. За да се нема време да се направи увид во реални коруптивни предмети за какви што мирисаат оние на Христијан Мицковски и неговите мини-хидроцентрали, на пример. И како заклучок на Глобус: „На два влеза, еден граден од судиите за кои никој во јавноста нема добро мислење... втор од Антикорупциска – влегуваме во капиџикот на правната држава, кој покрај корумпираното судство сега го градат токму оние во кои верувавме дека ќе ја одбранат идејата за правна држава?!“ Па додава дека Антикорупциска е влезена во стапицата со која ВМРО-ДПМНЕ сака да ја задуши, како што сака да го задуши и СЈО.
Капитал се осврнува на претстојните избори за Европарламентот извлекувајќи од анализата наслов: „На ЕУ ѝ треба нова визија“, забележувајќи дека ситуацијата во Унијата можеби не е блескава, но не е ни толку лоша. И покрај сите проблеми, наведува неделникот, одобрувањето за ЕУ меѓу Европејците се движи околу 60% во просек, а во Германија достигнува рекордни 80%. Иако Брегзит е една од ретките теми за која во ЕУ може да се постигне согласност, во следниот период пред членките претстојат многу предизвици, а од тоа дали ЕУ ќе постигне заеднички политики за нивно решавање ќе зависи и нејзината иднина. Капитал ги наведува петте клучни предизвици од кои зависи каква ќе биде иднината на европскиот блок: политиката во областа на индустријата и конкуренцијата, политиката за азил и миграција, климатските промени, еврото и валутниот сојуз и принципот на едногласност, односно донесувањето одлуки. Земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, имаат добри шанси еден ден да се присоединат кон Унијата, и покрај тоа што се политички и економски многу далеку од другите земји членки, иако се во Европа. А ЕУ не може и не сака да им сврти грб, особено откако Русија се обидува да го прошири своето влијание преку моќната медиумска експанзија и со други средства, анализира Капитал.