Еврокомесарот Јоханес Хан со нова изјава и нова потврда во интервју за РСЕ: „ЕК на 29 мај, ќе препорача отворање на пристапните преговори за полноправно членство на Северна Македонија и Албанија“. Тогаш, имено, ЕК ќе го објави годишниот извештај за напредокот на земјите кои се во процесот на проширување. „Двете земји ги исполнија условите и сега е до земјите членки да излезат со политички проценки“, додава Хан во интервјуто, а веста ја пренесува Независен. Оваа вест Слободен печат ја објавува на насловната: „Денот ’Д‘ за датумот е 29 мај“.
Независен го пренесува и пишувањето на лондонски Фајненшел Тајмс: „ЕУ може да направи историска грешка на Балканот со Северна Македонија и Албанија. Неисполнетите ветувања за членство би можеле да ги ослабат умерените и реформски струи во регионот“, оценува лондонскиот весник.
Слободен печат и Независен ја пренесуваат веста од Атина дека „Грчкиотпарламент ги изгласа законите за граничните премини меѓу Грција и Северна Македонија кај Маркова Нога и Мајден“.
„Во почетокот на јуни ќе се знаат промените најавени со ’метлата‘ на Заев“ – насловува Независен по изјавата на премиерот дека во почетокот на тој месец ќе излезе комплетно со промени на министерско ниво, во државните институции, а кон крајот на јуни ќе почне и по вертикала во општините каде што државата е претставена со одредени државни институции.
Вечер ја користи најавата на новиот претседател на државата, Стево Пендаровски, со свое видување на работите: По наднасловот „Нема помирување“, објавува наслов: „Тотална власт со тотална контрола – Следат откази и партизација на безбедносниот систем“. Дури во текстот, Вечер појаснува дека во Агенцијата за разузнавање и во Кабинетот на претходникот, Иванов, работеле лица коишто се под истрага на обвинителствата бидејќи се поврзуваат со крвавите инциденти во Собранието.
Независен на насловната пишува за темата што последниве денови е особено интересна за јавноста: „Иванов една година кираџија на Џевахир“, а во текстот додава дека Иванов, „кој беше дел од децениското политичко трауматизирање на државата“, ќе ја чини над 160.000 евра годишно, доживотно - со 1.800 евра месечна пензија, шофер, службено возило, кирија за канцелариите, но дека истите привилегии ги користат и поранешниот претседател Бранко Црвенковски и семејството на трагично загинатиот Борис Трајковски“. Независен го објавува и барањето на невладината Цивил да се стави крај на расипништвото и привилегиите во кои уживаат не само поранешните претседатели на државата, туку и раководителите на државните агенции и други институции.
Друг наслов во Независен исто така го привлекува вниманието: „Иванов лобирал за ’Џевахир‘ за влез на градежниот пазар во земјава, а неколку месеци пред да почнат да се градат зградите на Џевахир Скај Сити, Иванов бил кум на свадбата на синот на инвеститорот, Ибрахим Џевахир“. Од Антикорупциска остануваат на најавата, додава Независен, дека веројатно ќе отворат предмет за двата стана во една од кулите на Џевахир кои довчерашниот претседател ги одбрал за свои службени простории дали всушност не се подарок за лобирањето.
Вечер насловува: „Талат констатира: Груевски шест месеци НЕОПРАВДАНО е отсутен“, а Нова Македонија пишува дека е на ред „Втор обид за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски – Двотретинското мнозинство потребно да се одземе мандатот сепак е неизвесно, бидејќи од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не откриваат дали ќе гласаат за одземање на мандатот на почесниот претседател на Партијата“, додава Нова Македонија.
Слободен печат неофицијално дознава: „’Бомбашот‘ од Будимпешта е скопски таксист“. Имено, деновиве беше објавен тајно снимен разговор на пратеникот Павле Богоевски, на сајт регистриран во Русија, а весникот дознава дека тој се случил пред 3-4 месеци а со телефон го снимил таксистот кој го возел Богоевски додека зборувал на телефон. Иако снимката постоела неколку месеци, објавена е дури завчера кога Богоевски, како претседател на собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања најави дека ќе ја почне постапката за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски. Слободен печат информира дека случајот ќе го преземе Јавното обвинителство на Скопје, откако Богоевски сам се пријавил во полиција, изјавувајќи дека не нарачувал кокаин, туку масло од канабис за тешко болен член на семејството, а бил неовластено сниман.
„Само вакцинираните деца ќе можат да се запишат во училиште, одлучи Владата“, информира Нова Македонија, заедно со толкувањето на Хелсиншки комитет дека „Оправдано е граѓаните со закон да се обврзат на вакцинација, зашто и во Уставот е предвидено граѓанинот да има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“.