РСЕ: Дали сметате дека Северна Македонија и Албанија ќе ги започнат преговорите во декември, оваа година?
Се обидувам да направам се за да ја постигнеме таа цел. Најпрвин ни треба зелено светло за почеток на финалните подготовки од преговорите и потоа повторно тоа е процедура заснована на заслуги. Секако ни треба согласност од сите наши земји- членки. Но, давам се од себе тоа да се оствари.
РСЕ: Дали мислите дека овие земји ќе добијат зелено светло во октомври, наместо во јуни, оваа година?
Па, има некои дискусии, но јас сум фокусиран да има одлука пред летото, бидејќи тоа секогаш беше нашата намера. Ние ќе го претставиме нашиот годишен извештај за две недели, каде што сигурно ќе дадеме позитивна препорака за двете земји. Се разбира, секогаш има некоја работа што треба да се направи. Но, особено кога станува збор за Северна Македонија, мислам дека треба да го признаеме големиот напредок што оваа земја го направи во надминувањето на билатералните конфликти, што е предуслов за идно членство. Исто така, реформата на правосудството во Албанија е нешто што треба да биде наградено. Значи, во тој поглед мислам дека ова е оценето на позитивен начин од страна на нашите земји-членки.
РСЕ: Мене ми звучи дека вие сакате да ги одвоите овие земји. Дали е тоа точно?
Не, мојата цел секогаш беше да ги задржам заедно. И ние треба да видиме кои се дискусиите во Европскиот совет за двете земји. Мислам, ако ги видам условите со кои се согласивме со нашите партнери врз основа на едногласна одлука на сите земји-членки, ние мора да признаеме дека двете земји имаат испорачано и сега е на земјите-членки да ја направат својата политичка оценка.