Во нивниот обид да го сменат сегашниот претседател на Европската комисија Жан Клод Јункер, чиј мандат официјално завршува на 31-ви октомври, четворицата кандидати дебатираа за неколку клучни теми, вклучувајќи ја миграционата криза, климатските промени и одржливоста, како и социо-економските политики.
Лидерот на Европската народна партија Манфред Вебер, ја претстави својата визија за пан-европско Федерално истражно биро, по примерот на ФБИ во Соединетите држави, а со цел зајакнување на безбедноста во блокот.
„Неприфатливо е некои француски податоци да не се достапни за Австријците или Унгарците. Треба да создадете вистинска европска база на податоци што значи дека информацискиот Шенген систем мора во иднина да биде задолжителен за да ги вклучите податоците што ги имате на национално ниво“.
Ги Верхофштат, лидерот на Алијансата на либерали и демократи за Европа ја критикуваше ЕУ за недовлно и бавно реагирање на клучните проблеми:
„Само заедно, во вистинска Европска Унија можеме да успееме и да преживееме, а со тоа мислам вистинска Европска Унија, бидејќи можеби малку провокативно, денес Европската унија не постои навистина, таа се уште е конфедерација на нации“.
Тој, исто така, побара реформа на системот за азил на ЕУ, потег за кој рече дека ќе ја реши мигрантската криза.
Франс Тимерманс, лидерот на Партијата на европските социјалисти изјави дека првото нешто што треба да се промени во ЕУ се фискалните политики.
„Ако не и дадеме перспективи на средната класа, солидарноста повеќе нема да биде возможна во нашите општества. Значи, прво нешто што треба да направиме е да создадеме одговорни фискални политики. Неподносливо е што големите компании прават милиони милијарди профити во Европа и не плаќаат даноци“.
Во меѓувреме, Ска Келер од Европската зелена партија нагласи дека блокот треба да стори повеќе за справување со климатските промени:
„Па, да одиме на гласање земајќи ја предвид иднината на децата, на внуците, на помладите луѓе кои не можат да гласаат и ни дадоа многу јасен сигнал. Тие се илјадници и илјадници на улиците во Рим, низ цела Европа, бидејќи велат дека исто така сакаат да имаат планета за живеење“.
Наследникот на Јункер ќе биде објавен по изборите за Европскиот парламент што ќе се одржат кон крајот на мај.