Правдата ќе ве стигне секаде и сите, не постои совршено злосторство.
Ова е една од неколкуте познати изјави на обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференциите на кои СЈО откриваа какви истраги се отворени за таканаречените „недопирливи функционери“ од поранешната власт. Но, по речиси четири години од формирањето на Специјалното јавно обвинителство, резултатот е, може да се каже, половичен, велат аналитичарите кои додаваат дека последниот настан со враќање на пасошот на осомничениот во Империја Орце Камчев,за да учествува на седница на некаков управен одбор и да се едуцира во странство, создава перцепција за намалување на интегритетот на оваа институција. Освен на Камчев, специјалната обвинителка Катица Јанева му одобрила времен пасош и на сопственикот на „Пелистерка“, Цветан Панделески.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во вечершаното гостување на ТВ 24 повторно ги критикуваше Основното јавно обвинителство, СЈО и Судот за тоа што не одредува и укинува мерки за претпазливост за обвинети и осомничени.
„Системот мора да се консолодира, и судот. Во тој момент немаше ниту една мерка за Груевски. Сега гледаме како Камчев слободно се шета низ Европа, им се враќаат пасоши, се пуштаат од притвор… Каде што системот е еродиран, мора да се санира“, рече Спасовски.
Познавачите велат дека во изминативе две години, со намалувањето на довербата на граѓаните во СЈО се намалува и надежта за реформирање на судството и ресоздавање на правната држава. Откако се смени власта, се намали интензитетот на прес конференции на кои бомбастично се најавуваа истраги како и самата достапност на информации во јавноста за работата на обвинителите , вели поранешниот Претседател на Врховниот суд Дане Илиев. Се добива впечаток дека СЈО пред време ја предаде битката, вели тој.
„ Ако се предадете пред време во една борба, во која не е лесно, не е лесно да спроведете постапка, да спроведете правда, но тоа им е задача. Оттука гледам една пасивност резултира и со пасивност на Јавното обвинителство. Грижата за СЈО треба да биде и а главниот Обвинител, не може тој да се апстрахира, не сум јас надлежен. Па и пасивноста на Советот на јавни обвинители во ситуацијата не ми е јасна, зошто не преземаат ништо“ вели Илиев.
Тој додава дека зачудува и непостапувањето по другите предмети на СЈО како и негрижата на останатите институции.
„ Мене ме зачудува пасивноста која не резултира ниту со работа ниту со постапување по важечките закони, СЈО има свој статус во законот и тоа работи исклучиво по ЗКП и другите закони поврзани со тоа обвинителство.Не гледам причина да не продолжат да работат со ист интензитет како што работеа претходно, само така може да го вратат својот интегритет и авторитет во примена на правото“ вели Илиев.
Специјалната обвинителка Катица Јанева неодамна изјави дека голем дел од новите истраги нема да допрат до јавноста сè додека политичките партии не се договорат за статутот и иднината на СЈО.
„Па реално да, се чека новиот закон, некои предмети точно е дека се завршени во СЈО, но се чека да се донесе законот“, рече неодамна Јанева на една конференција.
Таа пред една недела посочи нема да ризикува со новите предмети, односно нема наскоро да поднесуваат нови обвиненија.
„Верувајте дека нема да кажам дека сме толку храбри кога е на важност мислењето на Врховен суд да ризикуваме. Обвиненијата ни се поткрепени со многу докази без разлика на разговорите, и затоа се надевам дека ќе се донесе законот во најбрз можен рок за да видиме како понатаму СЈО ќе продолжи со работа“, вели Јанева.
Таквата ситуација ги става под знак прашалник истрагите кои беа отворени за лидерот на ДУИ Али Ахмети за пропаднатиот попис, или пак предметот „Пациент“ во кој е осомничен вицепремиерот Бујар Османи, каде со новиот предлог-закон бомбите нема да бидат доказ. Останува неизвесна и судбината на истрагите за случајот „Хармонија“ во кој е осомничен екс-градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, потоа истрагата за поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески осомничен во предметот „Подарок“, како и други случаи кои се во истрага и предистражна постапка во кои се осомничени Жарко Луковски, директор на Т-мобиле, пратеникот Антонијо Милошоски и други.
Веќе изминува и четвриот месец откако на преговарачка маса седнаа лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.
Од Министерството за правда за Радио Слободна Европа велат дека нема помрднување од статус кво состојбата во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за носењето на новиот закон за Јавно обвинителство во кое ќе треба да биде вметнато и Специјално јавно обвинителство. Објаснуваат дека досега постоеле формални и неформални разговори, но сите во суштина завршиле без сериозен напредок. Министерската за правда Рената Дескоска во неколку наврати досега повтори дека позициите на власта се принципиелни и дека нема да дозволат во законот да бидат вметнати одредби со кои би се овозможила амнестија. Од друга страна, пак, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, честопати посочија дека истрагите кои што се отворени по 30 јуни 2017 година се незаконски.
Дополнително и невладините организации изразија незадоволство од содржината на предлог законот. Тие бараат законот во целост да биде ставен на расправа пред стручната јавност и на засегнатите страни, затоа што се смета дека овие измени во обемот во кој е предвиден мандатот на СЈО не даваат одговор на обемот за наводниот криминал за кој јавноста имаше можност да чуе во бомбите.
Во меѓувреме само 18 предмети се стигнати до судски расправи. Тоа се оние за кои беа покренати обвиненија во рокот до 30 јуни 2017 година. Повеќето од нив се однесуваат на злоупотреба на функцијата, злоупотреба на положбата, фалсификување документи, проневера и големи измами. Во едно обвинение се чека потврда од судот. Во 2018 година, судовите изрекоа пет пресуди против 19 лица, вклучувајќи три пресуди врз основа на признание за вина. Конечните пресуди за дел од високите функционери беа изречени против поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и нејзиниот заменик Ѓоко Поповски, како и за поранешниот директор на Бирото за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и лидерот на ДПА Мендух Тачи.