„Неосвоиви“ тврдини во правосудството

Партиско – политички битки за столбовите во правосудството – Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Вкрстените интереси се пречка за вистински реформи во оваа област, па правдата е таква каква што е. Њузлетер 14.03.2025

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Њузлетер 14.03.2025

Многу врева се крена деновиве за интерпелациите на петмина членови на Судскиот совет, кои беа изгласани во Парламентот. Опозицијата со тврдење дека тоа е неуставно, дека е упад во судскиот систем и обид за политичкo влијание.
Власта, пак, тврди дека оние членови на Судски совет, кои се избрани во Парламентот, пратениците имаат право да се изјаснат и за недоверба во нивната работа, иако се свесни дека изгласувањето на интерпелациите, не значи и нивно разрешување.
Сега, е оставено на „совеста“ на членовите на Судскиот совет дали ќе си дадат оставки или ќе си продолжат како ништо да не се случило, како што сега изгледа, со оглед на нивните реакции.

Видете и ова: Интерпелации за членови на Судски совет - тест на доблеста за оставки?


Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, во неодамнешно интервју за Радио Слободна Европа, изјави дека единствено место каде е предвиден начин или постапка за разрешување на член на Судски совет е во Законот за Судски совет, според кој, само Советот може да разрешува. Што би значело, сами за себе да утврдат дека не работеле добро и да се разрешат.
Но, таков е законот, изјави и премиерот Мицкоски по поднесувањето на интерпелациите. „Ние како политичари толку можеме да направиме, со сила ништо, нив до последно ги штити законот, таков е“, изјави Мицкоски на 9 февруари.
На иницијативата на владејачките партии и претходеа низа превирања и скандали во работата на Судскиот совет изминатите години. Разрешувања, оставки, кавги, политички влијанија.

Поради тоа, Судскиот совет беше под лупа на Европската Унија, која во септември 2023 година ја започна оценската мисија за неговото работење. Беа препорачани 40 мерки за Судскиот совет.
Меѓу нив најзначајни се реформирањето на Судскиот совет, измените на Законот за Судскиот совет, на кој Министерството за правда веќе работи, потоа новата Стратегија за реформа во правосудниот сектор и за зајакнувањето на довербата на граѓаните во правосудството.

Дали сличен исход ќе има и од предлогот за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски?

Владата донесе одлука, а Министерството за правда изготви предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Во образложението на предлогот се наведува: „Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство“, соопштија од Министерството за правда.
Државниот јавен обвинител, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
Коцевски, во изјава за медиумите ги отфрли обвинувањата, наведувајќи дека работел законски, но, треба официјално да достави одговор до Советот на јавни обвинители, кој потоа ќе треба да донесе одлука. Сепак, Коцевски навести дека нема намера сам да се повлече од функцијата.

Видете и ова: Мицкоски: Довербата во судството е на негативна нула, Коцевски ќе биде сменет


Премиерот Христијан Мицкоски навести дека и за овој случај е можно да се расправа во Парламентот.
„Околу неговата досегашна работа, претпоставувам ќе имаат што да кажат тие кои го бирале, а тоа се пратениците. Така што, да почекаме да дојде предметот пред пратениците па дури потоа можеме да коментираме што е тоа што ќе се разговара и ќе се дебатира и кои се тие аргументи со кои што практично ќе се оспорува или демантира изјавата или ставот на Коцевски. Јас не одлучувам, одлучуваат тие што го бирале, а тоа се пратениците во македонското собрание“, изјави Мицкоски.
Инаку, мандатот на државниот јавен обвинител трае шест години. Коцевски на функцијата стапи во февруари минатата година, а беше избран од претходното владејачко мнозинство.

Двојните аршини на обвинителите и судиите

Како функционираат некои обвинители и судии пример е акцијата на полицијата по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за малверзации со набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, од 2021 до 2023 година.

Осомничени се 13 лица, меѓу кои, двајца сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, кои го оштетиле буџетот на државата за над 167 милиони евра.
Обвинителството се сомнева дека покрај перењето пари, набавувале и горива со сомнителен квалитет што се штетни за животната средина. Значи, и свесно не труеле. А, што правеле и зошто „замижувале“ и надлежните институции за контрола на она што се увезувало е уште поголем проблем.

Видете и ова: Полициска акција против „картел" за набавка на штетно гориво и перење пари

Беа приведени 11 лица. На Ратко Капушевски, Адриан Муча и Ерџан Сулкоски им е определен притвор, соопшти кривичниот суд во Скопје. Притворот е определен поради опасност од бегство и влијание врз сведоци.

Капушевски и Сулкоски се сопственици на РКМ, компанијата преку која се одвиваа набавките на мазут и кои, според обвинителството, се доделени и реализирани преку злоупотреба, а има и случај на перење на пари.
Муча е поранешен директор на сектор во ЕСМ.
Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, исто така осомничен за овој, но и за случајот „Адитив“, е во бегство.

За Асмир Јахоски (сопственик на Пуцко петрол и син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски) кој исто така е осомничен за малверзациите со мазутот, е определен куќен притвор, откако обвинителот го преиначил барањето и се откажал од најстрогата мерка за обезбедување – затворски притвор, а судијата прифатил.
Јавноста се прашува како е можно, за истото дело, за Јахоски да не постои опасност од бегство или влијание врз сведоци, па може да си седи дома? Судиите и обвинителите си ја префрлаат вината.

Ваквата одлука се поврзува со фактот што со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција раководи Ислам Абази, кој, важи за близок со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
На ова веројатно алудираше и премиерот Мицкоски, кој изјави: „За мене се алармантни информациите поврзани со прв човек на едно Обвинителство кога слушнал за акцијата. Шокиран сум како се однесувал и како продолжува да се однесува. Ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, местото им е во големите хациенди изградени во западна Македонија. Мислам дека многу скоро ќе се кае, но тогаш ќе биде доцна, истакна Мицкоски.

Инаку, според соопштението на Министерството за внатрешни работи, при претресите во Скопје, Битола и Кичево, биле запленети над 1500 парчиња муниција и пиштоли.

За Јахоски и Капушевски имаше серија написи во медиумите за разни сомнителни зделки и за начините на стекнувањето на нивниот капитал, но досега речиси ништо не беше процесуирано и остануваше без епилог. Меѓу другото, и затоа е довербата во правосудството таква каква што е. Чест на исклучоци.
-----------

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org