Перење пари и злоупотреба на службена должност ги поврзува 11 луѓе, меѓу кои сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, за кои обвинителството се сомнева дека покрај перењето пари, набавувале горива со сомнителен квалитет што се штетни за животната средина.
Според Обвинителството за гонење на организиран криминал, двајца осомничени во период од 2021 до 2023 година го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра.
„Двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери“, се вели во соопштението.
Обвинителите се сомневаат дека на осомничените им помогнале вработени во АД Електрани на Северна Македонија – Скопје(ЕСМ), кои се наоѓале на високи позиции од генерален директор и директори на сектори до претседатели и членови на комисии поврзани со јавни набавки.
Според обвинителите вработените во ЕСМ, при спроведувањето на јавната набавка за мазут, и помогнале на компанијата, иако не исполнува критериуми да го добие тендерот и да склучи договор на 24 феврувари 2023 година.
Во соопштението е наведено дека парите кои незаконски ги добиле за тендерот ги пуштиле во промет, промениле и пренеле на друг со цел да се прикрие изворот на потеклото.
„Со дел од средствата купиле две моторни возила „Mercedes Benz“, дел ги трансферирале на своите сметки во разни банки, а потоа ги подигале во готовина. Воедно, врз основа на договор за посредување и Анекс кон договорот, склучен помеѓу осомниченото правно лице и осомничен сопственик на правно лице со иста дејност, во два наврати биле префрлени средства во вкупен износ од 72.000.000,00 денари за наводно извршени работи согласно договорот кој претставувал само привидно средство за вршење на предметните трансакции“, се вели во соопштението.
Дополнително осомничените префрлиле дел од парите кон компнијата во сопственост на еден од осомничените по основ „позајмица“.
Според соопштението на Министерството за внатрешни работи, по наредба од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) направени се претреси во Скопје, Битола и Кичево, каде што се запленети над 1500 парчиња муниција и пиштоли.
„Во рамки на акцијата лишени од слобода се 11 лица, едно лице е недостапно за органите на прогонот и едно е со мерка притвор“, се вели во соопштението на МВР.
Кривична пријава е поднесена против 13 луѓе и една компанија од Скопје.
Информација за колку пари се „испумпани “ од државниот буџет првично пристигна од владиниот коалиционен партенер Влен во партиско соопштение.
„Со акција на МВР овој режимски картел се неофицијално се сомничи за испумпување на 10 милијарди денари преку фиктивни договори чиј предмет е штетен за воздухот и отровен мазут“, пишува во соопштението на Влен.
Иако надлежните органи не ги соопштија имињата на лицата опфатени во овој случај, повеќе медиуми веќе ги објавија со име и презиме.
Најголемиот дел од приведените, за кои МВР објави иницијали, пребарувањето по државните дата бази покажува дека се луѓе поврзани со државната АД Електрани на Северна Македонија – ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ), кои биле на високи директорски позиции, членови на Управен или Надзорен одбор, а дел од имињата се појавуваат како потписници на договори од тендери што биле распишувани од државата компанија.
Според информациите кои ги објавија поголемиот дел од медиумите, приведени се сопственикот на нафтената компанија Пуцко петрол, Асмир Јахоски и сопствениците на компанијата РКМ Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски.
За нивното дејствување, во неколку наврати беа пишувани различни истражувачки стории од Радио Слободна Европа, како и од ИРЛ и Телма.
Меѓу осомничените е и сопственикот на Пуцко Петрол
Еден од приведените осомничени во оваа полициска акција е и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски. Тој е син на Исмаил Јахоски, поранешен градоначалник на општина Пласница и пратеник од „Европскиот фронт“, коалиција која ја предводи ДУИ.
Неговиот син ја поседува третата по големина нафтена компанија во земјата Пуцко Петрол која со години ги снабдува македонските институции со гориво.
Само од почетокот на 2024 година до сега на Биро за јавни набавки се објавени вкупно 300 склучени договори за јавни набавки за гориво и до масло за горење со „Пуцко Петрол“ со вкупна вредност од речиси 46 милиони евра.
Јавно достапните податоци од дата бази покажуваат годишни приходи на команијата од 48 милиони евра во 2021 година до 66 милиони евра во 2023 година.
Но, бизнис интересите на Пуцко Петрол не завршуваат само во нафтената индустрија, туку се проширија и кон градежниот сектор.
Земјиштето под комплекс згради кои треба да никнат на местото на поранешната фабрика Алумина во скопскиот Карпош, е во сопственост на нафтената компанија од Пласница „Пуцко Петрол“ која за 24 милиони евра пред повеќе од четири години купи парцела од над 40 илјади метри квадратни во овој дел на Скопје.
Дел од имињата опфатени во последната истрага на Обвинителството се поврзани и со тендери и зделки во Државна лотарија, за што РСЕ објави серија стории.
Газдата на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, на пример, стана сопственик на фирмата „Хеј ДООЕЛ“ која го склучи спорниот договор за закуп на деловни простории со Државна лотарија во скопско Визбегово за 2,6 милиони евра. Обвинителството и Финансиската полиција отворија истрага по истражувањето на РСЕ.
Како претходен сопственик се појавуваше скопјанецот Армин Машовиќ. Машовиќ, пак, како што пишувавме, е поранешен бизнис партнер и на Ерџан Сулкоски во фирмата „Пацифик Петролеум“.
Токму Сулкоски е уште едно лице за кое во јавноста излезе информација дека е опфатено со оваа истрага. Сулкоски, инаку важи и за бизнис партнер на Ратко Капушевски, а како што претходно пишуваше РСЕ, до 23 август 2023 тој беше и деловно поврзан со Куштрим Смајлај, зетот за ќерка на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, во фирмата „К.С.А. Интернешнл“.
Во сопственост на „Пуцко Петрол“ влегува и дел од имотот на фирмата на осудениот Сеад Кочан кој државата требаше да го конфискува од фирмата Трансмет по правосилната пресуда.
Антикорупциската комисија тврди дека дел од имотот на Кочан кој вкупно беше проценет на 17 милиони евра, наместо кај државата преку правните лавиринти со јавно наддавање заврши во имотните листови на „Пуцко Петрол“ по драстично пониска цена. Дел од имотот што судските вештаци го процениле на 5 милиони евра, „Пуцко Петрол“ го добил за 337 илјади евра.
„Следствено, имотот во текот на извршната постапка бил драстично потценет. Проценетата вредност на имотот во извршната постапка не е реална на пазарните услови. Со оваа трансакција буџетот на Република Северна Македонија и нејзиниот имот се оштетени за најмалку 4,6 милиони евра“, пишува во соопштението на Антикорупциската комисија која во 2023 година заклучи дека свесно е оштетена државата и побара санкционирање на инволвираните.
Но, и по две година, санкции за инволвираните во шемата за намалување на вредноста на имотот нема.
Стариот состав на Антикорупциската комисија во 2023 година работеше на уште еден случај поврзан со имот на семејството Јахоски. Станува збор за домот на лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари во Тафталиџе кој го купил од Исмаил Јахоски и член од неговото семејство за 150 илјади евра, најмалку двојно поефтино од пазарната вредност.
Според договорот за купопродажба во кој Радио Слободна Европа имаше увид, како продавачи на куќата на улица „Бриселска“ се јавуваат Исмаил Јахоски и Љупка Еда Јахоска, додека како купувач стои името на Арбен Таравари.
Тендерите кои ги добила РКМ се „тешки“ десетици милиони евра
Според неофицијалните информации од Обвинителството, правното лице осомничено во оваа акција е компанијата РКМ. Како што објави ИРЛ, во 2021 година, босанска компанија продавала неквалитетно масло кое преку фирмата РКМ завршило за загревање на болниците во Северна Македонија.
По оваа објава следеа серија инспекциски контроли за квалитетот на мазутот, кои констатираа дека станува збор за тешко отпадно масло, а не мазут.
Регулаторната комисија му ја одзела лиценцата во 2021 година, но податоците од веб страницата на РКЕ покажуваат дека лиценцата му е вратена откако било утврдено дека се отстранети недостатоците.
Набрзо потоа РКМ и ЕСМ склучија два договора, со вкупна вредност од над 112 милиони евра – за набавка на мазут, во време кога ТЕЦ „Неготино“ стана резерва со која Владата и ЕСМ се обидуваа да ја стабилизираат енергетската криза, покажа истражувањето на Код.
Според податоците од Централниот Регистар компанијата РКМ е основана во 2015 година како Друштво за производство, трговија и услуги РКМ ДОО Скопје, со основна дејност трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива.
„Во 2023 година, РКМ се трансформира во еден од највлијателните дистрибутери и снабдувачи на термо електраните на Балканскиот полуостров. РКМ е дистрибутер и партнер на 9 термоелектрани кои се круцијалните столбови на електро-енергетскиот систем во југоисточна Европа“, пишува на веб страницата на копманијата РКМ.
Последните јавно достапни податоци од Бирото за јавни набавки покажуваат дека РКМ ја снабдувала со мазут поранешната Топлана на Балкан Енерџи Груп (БЕГ). Според нив, од 2020 година до 2023 година, РКМ склучила договори во вкупна вредност од над 60 милиони евра.
Јавно достапните податоци од дата базите покажуваат дека РКМ во 2022 година имала вкупен приход од над 100 милиони евра, додека во 2023 година тој изнесувал над 70 милиони евра.
Капушевски пред да влезе во нафтениот бизнис извршуваше државни функции. Тој беше директор на спортската сала „Борис Трајковски“ за време на мандатот на поранешниот премиер Никола Груевски, а беше директор и на Националната Агенција за образовни програми и мобилност.
„Сите патишта на ова раководство на ДУИ водат кон Груевски и Сашо Мијалков. Ратко Капушевски, поранешниот кадар на Груевски за директор на СЦ Борис Трајковски, како играч на Самсоненко и Мијалков станува играч во бизнисот со нафта и се ортачува со синот на Исмаил Јахоски алијас Пуцко Петрол, човекот од највисока доверба на Али Ахмети“, се вели во партиското соопштение на владиниот коалициски партнер Влен.
Распишаната меѓународна потерница за Ковачевски за „Адитив“
Според соопштението до МВР и наведените иницијали во него, налог за приведување има и за поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски кој веќе неколку месеци не е во земјава. За неговото бегство јавноста дозна во декември минатата година, кога Обвинителството отвори истрага против него именувана како „Адитив“ и други 30 лица за сомнителни тендери тешки 6 милиони евра, поврзани со РЕК Битола, ТЕЦ Неготино и ТЕЦ Осломеј.
Ковачевски е првообвинет во случајот „Адитив“ за несовесно работење во службата, додека шестмина се обвинети за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“, додека на четворица од нив на товар им се става и кривичното дело „перење пари“.
Истрагата против „нафтениот картел“за перење пари е отворена по иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција која 2023 година побара кривично гонење на поранешениот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, како и за службени лица во Министерството за економија и во ЕСМ, за тендерот за набавка на мазут за Термоелектраната Неготино. Анализата на договорот покажала сомнеж за затајување данок, манипулација со пазарот кои пак предизвикале Електарани на Северна Македонија струјата производена во термоелктраната да ја продава поскапо.
Обвинителството за организиран криминал од Основниот суд Скопје 1 побара мерка привор за петмина осомничени,додека за останатите осомничени се предложени мерки за обезбедување присуство.